Роберт Неста „Боб" Марли (роден на 6 февруари1945 - починал на 11 мај1981) — јамајски пејач, текстописец и музичар кој добил меѓународна слава и признание[1][2], преку создавање на музика од жанровите ска, рокстеди и реге преку бендовите Wailers (1964-1974) и Bob Marley & The Wailers (1974-1981). Марли останал познат и почитуван изведувач на реге музика, и бил заслужен за помагање во ширењето на јамајската музика и движењето Растафаријанство ширум светот[3]:242[4] .
Најголеми хитови на Марли се: „I Shot the Sheriff“, „No Woman, No Cry“, „Could You Be Loved“, „Stir It Up“, „Jamming“, „Redemption Song“, „One Love“ и заедно со The Wailers, „Three Little Birds“, како и посмртно објавените „Buffalo Soldier“ и „Iron Lion Zion“. Албумот Legend (1984), објавен три години по неговата смрт, бил најдобро продаван реге албум кој достигнал 10 кратен платински (дијамантски) тираж во САД со продажба од над 20 милиони копии ширум светот.
Живот и кариера
Боб Марли е роден во малото село Најн Мајл во Јамајка како Неста Роберт Марли. Подоцна некој службеник во Одделението за пасоши по грешка го заменил неговото средно име. Неговиот татко, Норвал Синклер Марли бил Јамајканец со англиско потекло, чие семејство потекнува од Есекс, Англија[5][6][7]. Норвал бил капетан во Кралската морнарица[8], како и надзорник на плантажи[8][9], кога се оженил со Јамајканката Седела Бокер[10], тогаш на возраст од 18 години. Норвал финансиски ги обезбедувал неговата сопруга и детето, но ретко се гледал со нив бидејќи често патувал. Во 1955 година, кога Марли имал 10 години, неговиот татко починал од срцев удар на возраст од 70 години[11]. Марли, како мал, често бил предмет на исмевање поради неговото мешано потекло и се соочувл со прашања во врска со неговиот идентитет низ целиот живот. Тој еднаш изјавил: „Јас немам предрасуди кон себеси. Татко ми бил бел, а мајка ми црна. Нека ме викаат полукаста или како им е мило. Јас не сум на ничија страна. Нити сум на страна од црнците, ниту пак од страна на белците. Јас сум од страна на Бог, оној кој ме создаде и кој е причина да водам потекло од белец и црнка.“ Иако Марли го признал неговото мешано потекло, во текот на неговиот живот и поради неговите верувања, тој се самоидентификувал како црнец од Африка. Во песните како „Black Survivor“, „Babylon System“, и „Blackman Redemption“, Марли пее за борбата на црнците и Африканците против угнетувањето од Западот.
Музичка кариера
The Wailers
Марли се спријателил со Невил Ливингстон, (подоцна познат како Bunny Wailer), со кого започнал да свири. Тој го напуштил училиштето на 14 годишна возраст за да започне да свири со Џо Хигс, локален пеjач и посветен на Растафаријанството. На една сесија за џез импровизација со Хигс и Ливингстон, Марли го сретнал Питер Мекинтош (подоцна познат како Питер Тош), кој имал слични музички амбиции. Во 1962 година, Марли ги снимил своите први два сингла, „Judge Not“ и „One Cup of Coffee“, со локалниот музички продуцент Лесли Конг[12]. Овие песни, објавени на етикетата на Беверли под псевдонимот Боби Мартел, привлекле малку внимание. Песните подоцна биле повторно ре-издадени во сетот Songs of freedom, посмртна колекција од музиката на Марли[13].
Во 1963 Боб Марли, Бени Вајлер, Питер Тош, Хуниор Бритвајт и Чери Смир ја формирале ска и рокстеди групата The Teenagers. Подоцна го промениле нивното име во „The Wailing Rudeboys“, потоа во „The Wailing Wailers“, кога биле откриени од продуцентот Коксон Дод, и конечно во „The Wailers“. До 1966, Бритвајт, Келсо и Смит го напуштиле The Wailers, оставајќи го триото Боб Марли, Бени Вајлер и Питер Тош. Во 1966 година, Maрли се оженил со Рита Андерсон и за кратко се преселил во близина на куќата на неговата мајка во Вилмингтон, Делавер, САД, за кратко време за кое работел како помошник во лабораторијата на DuPont и на лентата за берба на плантажата Крајслер, под името Доналд Марли[14].
Кога се вратил во Јамајка, Марли станал член на Растафи движење[15] и започнал да го носи она по што станал препознатлив, неговите суканици. После недоразбирањето со Дод, Марли и неговиот бенд се соединиле со Ли Пери и неговиот студио бенд, The Upsetters. Иако сојузот траел помалку од една година, тие, според многумина, ги снимиле најдобрите хитови на The Wailers. Марли и Пери се разделиле по несогласувањето во односот на правата за снимање, но тие останале пријатели и работеле повторно заедно помеѓу 1968 и 1972 година. Боб и Рита Марли, Питер Тош и Бани Вејлер издале некои стари снимки од JAD Records, во Кингстон и Лондон, во обид да го комерцијализираат звукот на The Wailers'. Бани подоцна тврдел дека овие песни „никогаш не требаше да се објават во албум… тие беа само демо снимки кои продуцентските компании ги слушаа“. Во 1968, Боб и Рита го посетиле Бронкс за да се видат со текстописецот на Џони Неш[16], Џими Норман. Тридневната сесија за џез импровизација со Норман и останатите, вклучувајќи го и соавторот на Норман, Ал Пиформ, резултирала со 24 минутна снимка на која Марли изведува неколку негови и композиции од Норман и Пиформ, што според реге архиварот Роџер Стефенс е ретко тоа што бил под влијание на поп наместо на реге, како дел од обидот Марли да се пробие на Американските топ листи. Според една статија во The New York Times, Марли на таа снимка експериментирал со различни звуци, приспособувајќи го doo-wop стилот на „Stay With Me“ и „бавниот стил на артистите од 1960-тите" на „Splish for My Splash“[17]. Првиот албум на The Wailers, Catch a Fire, бил издаден во 1973 година и добро се продавал. Година подоцна бил издаден Burnin', во кој се наоѓат песни како: „Get Up, Stand Up" и "I Shot the Sheriff“. Ерик Клептон направил хит сингл од „I Shot the Sheriff“ во 1974 година, подигнувајќи го на повисоко ниво меѓународниот профил на Марли[18]. The Wailers се растуриле во 1974 година, секој од трите главни членови тргнале во своја соло кариера. Има повеќе претпоставки за причините за распадот на гурпата; некои веруваат дека имало несогласувања помеѓу Бани, Пиетри Боб околу нивните изведби, додека други тврдат дека Бани и Питер едноставно сакале да започнат соло кариери.
Боб Марли & The Wailers
И покрај распадот, Марли продолжил да снима под името „Bob Marley & The Wailers“. Неговиот нов бенд кој го придружувал на настапите ги вклучувал браќата Чарлтон и Астон Барет на тапани и бас, односно Џуниор Марвин и Ал Андерсон како гитарист, Тирон Довин и Ерл Линдо на клавијатури и Алвин Петерсон на ударни инструменти. „I Threes“, во состав Џуди Моват, Марсија Грифитс и сопругата на Марли, Рита, биле придружни вокали. Во 1975 година, Марли се пробил на интернационална сцена со својот прв хит надвор од Јамајка, „No Woman, No Cry“, песна од „The Natty Dread“ албумот[19]. Ова бил проследен со неговиот деби албум во САД, Rastaman Vibration (1976)[20], кој бил четири недели на Billboard Hot 100. Во декември 1976 година, два дена пред „Насмевни се Јамајка", бесплатен концерт организиран од Премиерот на Јамајка, Мајкл Манли, во обид да се намали тензијата меѓу две завојувани политички групи, Марли, неговата сопруга, и менаџерот Дон Тејлор биле повредени во напад од непознати вооружени лица врз домот на Марли. Тејлор и сопругата на Марли се здобиле со сериозни повреди, но подоцна се опоравиле. Боб Марли се здобил со помали рани во градите и раката. Нападот се смета дека бил политички мотивиран, бидејќи многумина сметале дека концертот всушност бил за поддршка на Манли. Сепак, концертот продолжил, а повредениот Марли имал настап и два дена после концертот. Кога го прашале зошто го направил тоа, Марли одговорил: „Луѓето кои се обидуваат да се направи овој свет уште полош не земаат слободен ден. Како јас да го направам тоа?" Членовите на групата Zap Pow, кои немале радикални религиозни или политички убедувања, се појавиле како бенд во придружба на Боб Марли пред фестивалска публика од 80.000, додека членовите на The Wailers сè уште се воделе за исчезнати или се криеле[21][22].
Марли ја напуштил Јамајка на крајот на 1976 година и заминал во Англија, каде поминал две години во свој наметнат егзил. Додека бил таму ги снимил албумите Exodus и Kaya. Exodus останал на bританските листи за најпопуларен албум 56 непрекинати недели. Од тој албум имало четири хит синглови во тоа време во Велика Британија: „Exodus“, „Waiting in Vain“, „Jamming“, и „One Love“ (препев на хитот „People Get Ready“). За време на неговиот престој во Лондон, тој бил уапсен и добил пресуда за поседување на мало количество на канабис[23]. Во 1978 година, Марли се вратил во Јамајка и настапил на друг политички концерт, „One Love Peace Concert“, повторно во обид да се смират завојуваните страни. Кон крајот на концертот, по барање на Марли, Мајкл Манли (водач на тогаш владејачката Национална народна партија) и неговиот политички противник Едвард Сага (водач на спротивната Јамајска лабуристичка партија), се качиле на сцената и се ракувале[24].
Под името Bob Marley & Wailers биле издадени единаесет албуми, четири албуми од живи настапи и седум студиски албуми. Во издадените спаѓаат: Babylon by Bus, двоен албум во живо со 13 песни, бил издаден во 1978 година. Овој албум, а особено последната песна „Jammin“ со побеснетата публика во позадина, го опфатил интензитетот на настапи во живо на Марли[25]. Survival, дрзок и политички нападнат албум, бил издаден во 1979 година. Преку песните како „Zimbabwe“, „Africa Unite“, „Wake Up and Live“, и „Survival“ се гледала поддршката на Марли за борбата на Африканците. Со неговото појавување на Амандла фестивалот во Бостон, јули 1979 година, го покажал своето силно спротивставување на аперхејдот во Јужна Африка, што веќе го имал прикажано во неговата песна „War“ од 1976 година. Во почетокот на 1980 година, бил поканет да настапи на прославата на Денот на независноста на Зимбабве (17 април). Uprising (1980) бил последниот студиски албум на Боб Марли и е една од неговите најистакнати верски производи, вклучувајќи ги и „Redemption Song“ и „Forever Loving Jah“[26]. Confrontation, објавен посмртно во 1983 година, се состои од необјавени материјали снимени во текот на неговиот живот, вклучувајќи го и хитот „Buffalo Soldier“ и нови миксови на синглови претходно достапни само во Јамајка[27].
Подоцнежни години
Болест
Во јули 1977 година, кај Марли бил откриен acral lentiginous melanoma, форма на злоќудна меланома, појавена во една негова рана, која наводно ја здобил во пријателски фудбалски натпревар. По албумот Uprising, издаден во мај 1980 година, групата ја завршила голема турнеја низ Европа, каде го имале најголемиот концерт во нивната кариера, пред сто илјади луѓе во Милано. По турнејата Марли отишол во Америка, каде што имал два настапи во Madison Square Garden како дел од турнејата за Uprising. Набргу потоа неговото здравје се влошило и тој прилично многу се разболел, ракот веќе се проширил низ неговото тело. Остатокот од турнејата била откажана и Марли бил на лечење во Бавариската клиника, каде што добил контроверзен вид на терапија делумно заснована врз избегнување на одредени видови храна, пијалаци и други супстанции. По осуммесечната борба против ракот, без успех, тој изнајмил авион за неговото враќање во Јамајка.
Смрт и посмртна репутација
Додека летал дома од Германија до Јамајка, прифаќајќи дека ќе умре, виталните функции на Марли се влошиле. Слетале во Мајами, каде бил однесен во болница за да добие итна медицинска помош. Тој починал во болницата Cedars of Lebanon, во Мајами, утрото на 11 мај1981 година, на возраст од 36 години. Ширењето на ракот на неговите бели дробови и на мозокот ја предизвикале смртта. Неговите последни зборови до неговиот син биле: „Парите не можат да купат живот“[28]. Марли добил државнички погреб во Јамајка на 21 мај1981 година, комбиниран со елементи од Етиопското Православие[29][30] и Растафари традицијата[31]. Тој бил погребан во капела во близина на родното место со неговата црвена Фендер стратокастер гитара (некои тврдат дека тоа бил Гибсон Лс Пол)[32][33].
Еден месец пред неговата смрт, бил награден со Орден за заслужност од неговата татковина Јамајка[34]. Во 1994 година Марли бил примен во Rock and Roll Hall of Fame, а во 1999 година магазинот Time го избрал албумот на Боб Марли & The Wailers „Exodus“ за најдобар албум на XX век[35]. Во 2001 година, тој бил посмртно награден со Греми награда за животно дело[36], бил снимен и документарен филм за неговиот живот под наслов Rebel Music, кој освоил различни награди на доделувањето на Греми. Со придонеси од неговата сопруга Рита, од Wailers, и од љубовниците и децата на Марли, исто така, поголемиот дел од приказната ја раскажува со неговите сопствени зборови. Во негова чест била поставена и статуа веднаш до националниот стадион Артур Винт Драјв во Кингстон. Во 2006 година, државата Њујорк преименувала дел една улица во негова чест - „Булевар Боб Марли.”
Религија
Боб Марли бил член на движењето Растафаријанството, чија култура била клучен елемент во развојот на регето. Боб Марли станал водечки проповедник на растафаријанството, издвојувајќи ја нивната музика надвор од социјално осиромаштени области на Јамајка и претставувајќи ја на меѓународната музичка сцена. Според неговите биографи, тој се поврзувал со дванаесетте племиња на Мансион. Тој бил именуван како „Племето на Јосиф", бидејќи е роден во февруари (секоја од дванаесетте секти била составена од членови родени во различен месец). Како вистински верник кој практикува диета без месо, позната како итал, Марли бил вегетаријанец. Тој го претставил ова во белешките во неговиот албум, цитирајќи дел од генезата која го вклучувал благословот на Јаков на неговиот син Јосиф. Марли бил крстен од страна на Архиепископот на Етиопската православна христијанска црква во Кингстон, Јамајка, на 4 ноември1980 година.
Семејство
Боб Марли имал повеќе деца: три со неговата сопруга Рита, две посвоени од претходните врски на Рита, и неколку други со различни жени. На официјалното мрежно место на Боб Марли, признати се единаесет деца.
Шерон, родена 23 ноември 1964 година, од претходната врска на Рита
Cedella родена 23 август 1967 година, со Рита
Давид, роден 17 октомври 1968, со Рита
Стефан, роден 20 април 1972, со Рита
Роберт, роден 16 мај 1972 година, со Пет Вилијамс
Рохан, роден 19 мај 1972 година, со Џенет Хант
Карен, роден/а 1973 со Џенет Бовен
Стефани, родена 17 август 1974;
Џулиен, роден 4 јуни 1975 година, со Луси Пандер
Ки-Мани, роден 26 февруари 1976 година, со Анита Белнавис
Дамијан, роден 21 јули 1978, со Синди Брејкспер
Македа, која е родена на 30 мај 1981 година, од Ивет Крикрон, по смртта на Марли, е наведена како дете на Марли, но таа не е во списокот на официјалното мрежно место на Боб Марли.
Турнеи
април-јуни 1973: Catch a Fire Tour (England, USA)
октомври-ноември 1973: Burnin' Tour (USA, England)
јуни-јули 1975: Natty Dread Tour (USA, Canada, England)
април-јули 1976: Rastaman Vibration Tour (USA, Canada, Germany, Sweden, Netherlands, France, England, Wales)
↑Observer Reporter (13 April 2006). „Ziggy Marley to adopt Judaism?“. The Jamaica Observer. Of further interest, Ziggy's grandfather Norval, is of Syrian-Jewish extraction... This was confirmed by Heather Marley, who is the daughter of Noel Marley, Norval's brother.
↑White, Timothy (28 December 1978). „Babylon by Bus review“. Rolling Stone. Jann Wenner. Архивирано од изворникот на 16 February 2009. Посетено на 3 October 2009.
↑Morris, Chris (16 October 1980). „Uprising review“. Rolling Stone. Jann Wenner. Архивирано од изворникот на 24 October 2007. Посетено на 3 October 2009.
↑Schruers, Fred (1 September 1983). „Confrontation review“. Rolling Stone. Jann Wenner. Архивирано од изворникот на 25 February 2007. Посетено на 3 October 2009.