Иако не е највисок врв на Шара, поради своите црти и поради издвоеноста од другите, тој е највпечатлива шарпланинска точка и еден од најубавите врвови на Шара.
Поради својот облик на пирамида, и поради својата забележливост од сите страни и од поголеми далечини, за Љуботен се искористени многу епитети.
Од исток и југ тој е богат со шума, а над самиот шумски појас од двете негови страни се простираат големи пасишта.
На југозападната страна, веднаш под врвот, се наоѓа најголемиот каменест варовнички сипар во Македонија и пошироко, до кој се наоѓа впечатливата Козја Карпа.