Јута (англиски: Utah) или официјално Држава Јута (State of Utah) е сојузна држава во западниот дел на САД. Јута е 45 држава која се приклучила на сојузот, односно Јута станала дел од САД на 4 јануари 1896 година. Државата е 13 по големина во САД, 34 по број на жители и 10 најслабо населена сојузна држава. Околу 80% од вкупно 2,817,222 жители на Јута живеат во регионот Васач Фронт, чиј центар е Солт Лејк Сити, кој воедно е и главен град на државата. Така, државата во најголем дел не е населена и населението е шесто најурбано во САД.[3] Јута се граничи со Аризона на југ, со Колорадо на исток, со Вајоминг на североисток, со Ајдахо на север и со Невада на запад. Исто така, Јута, има допирна точна со Ново Мексико.
Од религиска гледна точка, Јута е најхомогена држава во сојузот. Околу 60% од населението се членови на Црквата на Исус Христос на светците од последниот ден или познати како Мормони или Мормонска црква. Оваа црква има силно влијание врз културата и секојдневниот живот на Јута.[4][5]
Државата е центар за транспорт, информатичка технологија и истражување, владини сервиси, рударство и главно туристичко одредиште за туризам во природа. Според Бирото за попис на САД, Јута била најбрзо растечка сојузна држава во САД во 2008 година.[6]Сент Џорџ бил најбрзо растечки метрополски регион во САД во периодот од 2000 до 2005 година.[7]
Потекло на поимот
Името „Јута“ потекнува од името на племето Јути што значи „луѓе од планините“.[8] Прекарот на Јута е „Држава на пчелините кошници“.
Бирото за попис на САД проценило дека населението на Јута во јули 2011 година било 2,817,222, што значи се зголемило за 1.93% од минатиот попис во 2010.[9] Голем дел од населението живее во поголемите градови во Васач Фронт, метрополски регион во близина на планините Васач. Исто така се забележил пораст на населението и надвор од овој урбан регион.
Според етничкото потекло на населението, Јута е составена од:[10]
27.3% со англиско потекло
12.3% со скандинавско потекло: (5.8% со данско, 4.1% со шведско и 2.4% со норвешко)
12.1% со германско потекло
9.0% со мексиканско потекло
6.6% со американско потекло
6.2% со ирско потекло
4.6% со шкотско потекло
2.2% со француско потекло
2.2% со велшко потекло
1.4% со шкотско-ирско потекло
1.3% со швајцарско потекло
Политика
Како и останатите сојузни држави на САД, така и Јута, има извршна, законодавна и судска власт. Моментален гувернер на Јута е Гери Херберт,[11] кој ја презел функцијата на 11 август 2009 година. Гувернерот на Јута се избира за мандат од четири години. Законодавната власт на Јута е составена од Сенатот и Претставничкиот дом. Државните сенатори имаат мандат од четири години, додека претставниците мандат од две години. Врховниот суд на Јута е највисок суд во државата.
Населението на Јута е сконцентрирано во две области: Васач Фронт, кој се наоѓа во северниот централен дел на државата и има население од над 2 милиони, и југозападна Јута, која е позната како Јутас Дикси и има население од околу 150,000 жители.
Според пописот од 2010 година, Јута била втора најбрзо растечка сојузна држава во САД со 23.8 проценти во периодот од 2000 до 2010 година, веднаш зад Невада. Сент Џорџ е исто така втор најбрзо растечки метрополски регион во САД.
Трите најбрзо растечки окрузи во периодот 2000-2010 година биле Васач (54.7%), Вашингтон (52.9%) и Туила (42.9%). Сепак, округот Јута добил најмногу прилив на население (148,028).