Невада (англиски: Nevada) е сојузна држава на САД. Невада се наоѓа во западниот, планинскиот и југозападниот дел на САД. Таа е 7 сојузна држава по територија, 35 најнаселена сојузна држава и 9 најслабо населена држава по густина на население во САД. Околу две третини од населението на Невада живее само во еден округ, Кларк, каде се наоѓа Метрополитенската област Лас Вегас-Парадајс.[1] Главен град на Невада е Карсон Сити.
Поголемиот дел од Невада е пустина или полусува почва. Пустинскиот дел се наоѓа во Големиот Басен. Јужните предели на Големиот Басен се наоѓаат во рамките на пустината Мохаве, додека пак езерото Тахое и Сиера Невада се наоѓаат во западниот дел. Околу 86% од територијата на државата е во сопственост на федералната влада на САД, но и други граѓански и воени институции.[2]
Официјалниот прекар на Невада е „Сребрена држава“ (Silver State), како последица на важноста на среброто во историјата и економијата на државата. Покрај тој прекар, Невада е позната и како „Држава родена во битка“ (Battle Born State), бидејќи Невада како држава била формирана за време на Американската граѓанска војна. Третиор популарен прекар за Невада е „Држава на пелинот“ (Sagebrush State), бидејќи тоа растение (Artemisia tridentata) е ендемско за западниот дел на САД и Невада.
Името Невада (Nevada) потекнува од името на планината Сиера Невада (Sierra Nevada), што на шпански значи „планини прекриени со снег“.
Невада е поделена на 17 окрузи. Карсон Сити е официјално назначен како општина, но често се смета за округ. Окрузите се од 1919 година, со една мала измена. Имено, во 1969 округот Ормсби престанал да постои и во истите граници била основана општината Карсон Сити.
39°N 117°W / 39°N 117°W / 39; -117