Јосиф Панчиќ

Јосиф Панчиќ
Јосиф Панчиќ
Јосиф Панчиќ
Роден(а)17 април, 1814
Угрини, Австроунгарија (денешна Хрватска)
Починал(а)февруари 25, 1888(1888-02-25) (возр. 73)
Белград, Кралство Србија (денешна Србија)
Други имињаЈосиф Панчиќ
ЖивеалиштеБелград
Државјанствоавстриско, српско
Националностсрпско
ОбразованиеУниверзитет на Будимпешта
Познат пооткритие на српска оморика
Авторска кратенка (бот.)Панчиќ

Јосиф Панчиќ — српски ботаничар, лекар по професија и прв претседател на Српската Кралска академија. Бил познат по тоа што ја документирал флората на Србија, открил нови видови на ендемски растенија, а во негова чест е наречен и највисокиот врв на Копаоник - Панчиќев врв, на кој се наоѓа мавзолејот со неговите посмртни останки.[1]

Животопис

Детство и студии

Панчиќ е роден во селото Угрини блиску до Цриквеница, денешна Хрватска, а во тоа време дел од Австроунгарија. Потекнува од католичко семејство и бил четврто дете на Маргарита и Павле Панчиќ.[2] Според преданието, семејството Панчиќ биле Буњевци со потекло од Херцеговина и се доселиле во селото Угрини кое се наоѓа на северните падини на планината Велебит во состав на Винодолската општина.[3][4]

Родителите му биле многу сиромашни, поради што неговиот чичко во Госпиќ, кој бил архиѓакон и имотен човек, го зел на школување кај себе. Основното училиште го завршил во Госпиќ, а гимназија завршил во Риека. Од Риека, Панчиќ заминал за Загреб во 1830 година, каде го продолжил своето образование во високото училиште Regia Academica Scientiarum. Додека бил во Загреб дознал дека во Пешта постои Медицински факултет на кој се предавале и предмети од природните науки поради што решил таму да го продолжи своето образование. Во текот на студирањето морал сам да се издржува, па затоа заработувал давајќи часови по француски и италијански јазик. Тоа му одземало доста време од студиите, поради што студирал десет години. Дипломирал на Медицинскиот факултет на 7 септември 1842 година со дипломскиот труд "Taxilogia botanica", кој го посветил на чичкото кој го образовал во знак на благодарност и почит.

Служба

Информациона табла за Панчиќ и омориката на местото на кое била откриена.
Јосиф Панчиќ, споменик во Паркот на Академијата на Студентскиот Плоштад во Белград.

По завршувањето на студиите не сакал да прифати државна работа, па затоа започнал пракса како приватен лекар. Работата му одела тешко бидејќи имал мал број на пациенти кои воглавно биле сиромашни. Од овие причини тој се нафатил да биде воспитувач на децата на сопственикот на рудниците во Банат, Хофман, поради што останал да живее две години во местото Руксберг во Банат. За време на својот престој ја проучувал регионалната банатска флора, го обиколил целото Делиблатско Песочиште и се искачил на Карпатите.

Во рудниците од овој крај открил доста интересни минерали и карпи. Од банатската флора за својот хербариум собрал неколку интересни примероци на растенија.

Две години подоцна се вратил во Лика да го посети својот чичко Гргур и брат му Мате. Тука правел постојани излети до планината Велебит каде собирал растенија од флората на Јадранското крајбрежје. Од овде се упатил во Виена со намера да го комплетира хербариумот со растенија од околината на Пешта, Будим, од Ерделските полиња и Банатските Алпи.

Во Виенскиот природонаучен музеј ги проучувал собраните растенија и одел на часовите на познатиот ботаничар професорот Јосеф Садлер. Подоцна сеќавајќи се на часовите по ботаника тој запишал: "Од првиот мој час по ботаника, ја засакав и решив да станам ботаничар". Во Виена останал една година и тука се запознал со Франц Миклошич и Вук Караџиќ. Вук Караџиќ знаејќи дека Панчиќ бил при крај со финансиски средства, му понудил помош, надевајќи се дека од Русија ќе му пристигне некоја ветена парична помош, која не ја добил, па затоа го посоветувал Панчиќ да прифати државна служба во Ужице (Србија). Панчиќ го послушал неговиот совет и отишол во Србија во мај 1846 година, во време на владеењето на кнезот Александар Караѓорѓевиќ. Бидејќи Караџиќ имал непријатели во Србија, како и самиот кнез Караѓорѓевиќ, препораката што ја носел Панчиќ со себе не му користела многу. И овде бил невработен, поради што времето го поминувал обиколувајќи го ужичкиот крај, собирајќи и проучувајќи растенија. Кога останал без пари и веќе помислувал да се врати, добил покана од министерот за надворешни работи, Аврам Петрониевиќ, кој поседувал фабрика за стакло во Белица (околина на Јагодина) да работи како лекар. Поканата била направена поради појава на заболувањето стомачен тифус кое се ширело меѓу работниците во стакларата. Панчиќ ја прифатил работата и за шест месеци се справил со епидемијата. Тука покрај лекарската пракса продолжил со собирање на растенија од околината на Јагодина, Белица и Црн врв. Народот во тој крај многу го засакал поради неговата совесност и благородност и барале да остане да работи во нивниот крај. Во февруари 1847 година тој бил назначен за лекар во јагодинската околија. Паралелно со лекарската пракса се занимавал и со ботаника и ги обиколил Темниќ, Левач, околината на Опариќ и Превешко езеро и манастирот Љубостиње. Летото истата година при посета на бањата во Алексинац се искачил и на планините Ртањ и Озрен. Таа година побарал и одземање на австроунгарското државјанство и побарал српско државјанство. Пред крај на годината бил преместен во Крагуевац како лекар на истата околија. Додека бил во Јагодина при една посета на Ќуприја се запознал со ќерката на баронот инженер Кордон која подоцна ја зел за сопруга. Тие се венчале 1848 година во православна црква во Ќуприја.

Професор по природни науки

Мавзолејот на Јосиф Панчиќ на Копаоник.

На 8 јануари 1850 година Јосиф Панчиќ е примен за член на "Друштво српске словесности", а 1853 година тој бил поставен за професор на природни науки во Лицејот во Белград,[5] прво како вонреден професор, а кога во 1854 година добил српско државјанство станал и редовен професор, иако немал ниту докторска дисертација ниту напишан научен труд, туку само врз уверението дека бил најдобар познавач на флората во Србија. Во 1855 година тој слушнал дека во западна Србија постои посебен вид на зимзелено дрво - оморика, но дури после десет години добил две гранки од ова дрво. Поминале уште десет години кога ова дрво го открил во селото Ѓуричи на планината Тара, на 1 август 1877 година. Омориката е наречена според него, Picea omorika (Pančić) Purkyne.

Во текот на својата долгогодишна работа на полето на ботаниката, тој открил 102 нови растителни видови и опишал 2500 растителни видови. Освен ендемската оморика, открил и опишал уште еден ендемски растителен вид на Копаоник. И ова растение Cardamine pancicii - Панчиќева поточарка го носи неговото име. Кога во 1887 година е основана Српската Кралска Академија тој бил именуван за нејзин прв претседател.

Починал во Белград 1888 година, работејќи ја својата омилена работа. Предговорот на книгата "Ботаничка градина" го завршил само неколку дена пред смртта.

Бил погребан во Белград, а 1951 година неговите посмртни останки биле пренесени во мавзолејот поставен на врвот на Копаоник, во негова чест наречен Панчиќев врв. Го нарекуваат и татко на српската ботаника и се вбројува во 100-те најзначајни луѓе на Србија.

Портрет на Панчиќ на монета од 10 југословенски динари од 1994 година.

Одликувања

Јосиф Панчиќ бил одликуван со:

Избрани дела

  • Die Flora der Serpentinberge in Mittel-Serbien (1859)
  • Pisces Serbiae (1860)
  • Zur Moosflora des nordöstlichen Banates (1861)
  • Arena mobilis in Serbia eiusque flora (1863)
  • Flora agri Belgradensis methodo analytica digesta – "Flora u okolini Beogradskoj po analitičnom metodu" (1865)
  • Šumsko drveće i šiblje u Srbiji (1871)
  • Flora Principatus Serbiae – "Flora knez̆evine Srbije ili vaskularne biljke, koje y Srbije divlie rastu" (1874)
  • Eine neue conifere in den östlichen Alpen (1876)
  • Flora u okolini Beogradskoj po analitičnoj sistemi (1878)
  • Elementa ad floram principatus, Bulgariae (1883)
  • Nova graca za flora knez︠h︡evine Bugarske (1886)

Наводи

  1. Olja Vasić. „Josif Pančić and the new Fora of Serbia“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-08-04.
  2. Cvijić, Jovan (1965). Autobiografija i drugi spisi (српски). Srpski knjiž. zadruga.
  3. Erdeljanović, Jovan (1930). O poreklu Bunjevaca (српски). Srpska kraljevska akademija.
  4. „Буњевачка презимена: Обрадов(ић) - Паштровић - Порекло“. Порекло (српски). 2012-05-16. Посетено на 2018-03-29.
  5. Komatina, Miomir (2004-03-31). Medical Geology: Effects of Geological Environments on Human Health (англиски). Elsevier. ISBN 9780080536095.

Извори

  • Никола Диклиќ. „Josif Pančić“ (PDF). Живот и дело на српските научници. 1: 3–61. Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-06-21. Посетено на 2018-03-29.

Надворешни врски

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!