Хуан Антонио Флеча Џанони (шпански: Juan Antonio Flecha Giannoni; р. 17 септември1977 во Хунин, Аргентина) — поранешен шпански професионален друмски велосипедист, кој настапувал помеѓу 2000 и 2013 година [1] Флеча имал углед на специјалист за класици[2] и на агресивен возач, бидејќи често учествува во бегствата.[3] Негови најголеми победи се етапа на Тур де Франс 2003, успесите на два згаснати класици Цири-Мецгете и Џиро дел Лацио во 2004 и Омлоп Хет Ниувсблад во 2010. Исто така е познат по бројните негови високи пласман на важните еднодневни трки, најмногу на Париз-Рубе, каде седум пати завршувал во првите десет без да забележи победи. На големите трки, често бил назначуван како помошник на некој друг возач.
Ран живот
Флеча ги поминал првите години од неговиот живот во Аргентина. На четиригодишна возраст го изгубил таткото, кој умрел во автомобилска несреќа. Се преселил со неговата мајка во Шпанија, кога имал единаесет години, каде живееле во Сиџес, близу Барселона.[4]
Кариера
Стекнал слава во 2003, кога станал првиот возач роден во Аргентина, кој освоил етапа на Тур де Франс, додека возел за иБанесто.com. Кога поминувал низ целта извел уникатен победнички поздрав: со пантомима отпуштил стрела во чест на неговото презиме. По трката изјавил: „Мојата победа е специјална и ми припаѓа мене и никому друг!“[5]
Во 2004 се нашол во улога на ководач во италијанската екипа Фаса Бортоло на класиците и еднодневните трки, со добри резултати на трките Трката околу Фландрија, Париз-Рубе и Лиеж-Бастон-Лиеж и победи на Цири-Мецгете и Џиро дел Лацио. Често го споделувал водството во екипата со швајцарскиот возач Фабијан Канчелара, со кого велел дека соработува многу добро. На Цири-Мецгете победил во спринт од 30 луѓе пред Италијанецот Паоло Бетини.[6] Оваа победа му помогнала да дојде до петтото место во Светскиот друмски куп UCI 2004, пласман каде се сметале резултатите од десет големи трки.[7]
Следната сезона со Фаса Бортоло во 2005 го довела Флеча во контроверзни завршници на Гент-Вевелгем, каде се борел до последната секунда. Нико Матан од Давитамон-Лото ја нападнал водечката група на 9 километри пред крајот и само Флеча и Баден Кук (Франсес де же) имале сила да го следат. Потоа, Флеча започнал сопствен напад, со што другите двајца отпаднале. Изгледало како да е сè решено, кога Матан стигнал со него во последниот километар користејќи ја заветрината од автомобилите на трката, што не е дозволено и го победил Флеча на целта.[8] Неколку дена подоцна, завршил на третото место на Париз-Рубе, потврда на неговите вештини на класиците со калдрма. Влегол на велодромот во Рубе со Том Бонен и Џорџ Хинкапи, но неговата спринтерска брзина не била доволна за победа.[9] Возачот на Еускалтел-Еускади Егои Мартинес изјавил во интервју дека за време на трка „треба да се има глава и став како оној на Хуан Антонио Флеча“, во однос на неговата посветеност и позитивен став кон тркањето.[10]
Кога екипата Фаса Бортоло се распаднала во сезоната 2005, Флеча се преместил во холандската екипа Рабобанк. Во 2007, Флеча завршил втор на престижната трка Париз-Рубе, победувајќи во спринтот помеѓу четворица возачи, кои го бркале победникот, Австралиецот Стјуарт О’Грејди (Тим ЦСЦ).
2008
На Вуелта а Еспања, Флеча ја прикажал неговата смисла за хумор, откако зел американско знаме и возел со него околу 200 метри.[11] Во октомври ја освоил првата победа откако се приклучил на екипата Рабобанк на трката Сиркут Франко-Белж. Бил четврти на 18 секунди пред последната етапа,[12] која била одржана на силен дожд и ниски температури. Тој се одвоил од групата од 24 возачи со Себастјен Роселер од Квик Степ и завршил на второто место на етапата, правејќи доволна разлика помеѓу него и поранешниот водач Јирген Рулантс (Сајленс-Лото), со што го освоил генералниот пласман.[13]
2009
Флеча го освоил третото место на подиумот на Омлоп Хет Ниувсблад. Тој бил дел од групата кои биле зад двајцата бегалци Хајнрих Хауслер (Сервело ТестТим) и Себастијан Лангевелд (Рабобанк) во последните метри, откако двоецот не сакал да соработува. Колегата на Хауслер Тор Хушовд го освоил спринтот, а Флеча завршил трет при пад кој се случил на крајот, во кој биле вешани Лангевелд и Филипо Поцато (Катјуша).[14] На третата етапа на Париз-Ница бил поминат од Силвен Шаванел и го освоил второто место, додека бил дел од бегство на седуммина возачи.[15] Флеча учествувал на класикот на калдрма Париз-Рубе и бил во добра позиција за победа, откако се нашол во водечката група со пет возачи, Том Бонен, Леиф Хосте, Тор Хушовд, Филипо Поцато и Јохан ван Сумерен. Околу 15 километри пред велодромот во Рубе, Флеча доживеал пад на една кривина, на најтешкиот дел од трката. Тој не можел да им се придружи на водечките и завршил шести, додека Бонен победил на трката.[16] Повторно без победи во сезоната 2009, Флеча ја одбил новата понуда од екипата Рабобанк. Чувствувал дека е време за нов предизвик.
2010
„Жилбер нападна, јас бев зад него и во автомобилот рекоа „Оди!“ Не гледав назад во последните 100 метри (пред целта). [...] Многу е емоционално за мене. Јас чукав на вратата многупати и понекогаш, како денес, се покажува дека треба да се обидуваш и еден ден ќе дојде. Победата дојде на убав, убав начин.
Хуан Антонио Флеча по победата на Омлоп Хет Ниувсблад 2010.[17]
Од 2010 возел за новата екипа Тим Скај. На почетокот на сезоната учествувал во победата на екипата на екипниот хронометар на Трката околу Катар.[18] Ја остварил својата прва поголема победа на еднодневната трка Омлоп Хет Ниувсблад со неговата нова екипа, станувајќи првиот Шпанец, кој победил на трката. Тој го нападнал Филип Жилбер на делницата со калдрма пред неговото бегство на 20 километри до целта. Ја посветил победата на неговата екипа и неговиот поранешен колега Франк Ванденбрук, кој умрел трагично во октомври 2009.[19] Во март завршил на подиум на трката Е3 Харелбеке зад соперниците од класиците Том Бонен и Фабијан Канчелара. Тројцата се одвоиле на повеќе од 25 километри до целта и соработувале со цел да ја држат на растојание главата група, додека Канчелара не започнал сопствен напад на 2 километри пред целта и ја освоил трката со голема разлика. Флеча бил отспринтан од Бонен за второто место.[20] Две недели подоцна на Париз-Рубе, го зазел повторно третото место по бегството со Тор Хушовд во безуспешен напад за достигнување на Канчелара. Канчелара бил напред недопирлив цел ден, додека брзината на Хушовд била пребрза за Флеча на целта.[21] Том Бонен бил вознемиран бидејќи Флеча и целата група не успеале да го достигнат Канчелара и коментирал за тоа, откако не ги следел Флеча и Хушовд кога нападнале.[22]
Флеча заминал на Тур де Франс како помошник на неговиот водач Бредли Вигинс, кој се борел на планините и завршил 24. на крајот.[23] Меѓутоа, Флеча ја добил наградата за борбеност на етапата 13, благодарение на долгото бегство со Пјерик Федриго од Ббокс Буиг Телеком и возачот на Квик СтепСилвен Шаванел. Триото било достигнато во подножјето на последното искачување.[24]
2011
На краткиот пролог од 2,5 километри на Трката околу Катар, Флеча го фатило паника кога ветер однел некои од металните бариери кога тој ја поминувал целта. Успеал да остане на тркалата, откако вешто преминал низ бариерите.[25] И покрај незгодата го освоил четвртото место на етапата,[26] и подоцна четврто место на целата трка, 26 секунди зад Марк Реншо (ХТЦ-Хајроад).[27] Во февруари, Флеча сакал да ја повтори неговата победа од 2010 на Омлоп Хет Ниувсблад. Во влажни услови се одвоил од групата на околу 30 километри пред крајот и го достигнал единствениот велосипедист пред него, возачот на РабобанкСебастијан Лангевелд. Флеча започнал напад на 5 километри пред крајот, но Лангевелд до достигнал. Двајцата се бореле до крајот, но Лангевелд ги одбивал да биде напред и Флеча отишол дотаму што се качил на тротоарот за да го принуди соперникот да поработи малку на чело. На крајот, Лангевелд бил подобар за неколку сантиметри на целта.[28]
На деветтата етапа на Тур де Франс 2011, Флеча бил вмешан во драматичната несреќа, откако бил удрен од автомобил на француската телевизија, предизвикувајќи другиот член на бегството, Џони Хогерланд да заврши во бодликавата жица покрај патот. Имал повреди на неговиот лакот, но ја завршил етапата. Му била доделена наградата за борбеност со Хогерланд за таа етапа.[29]
2012
На почетокот на годината, Флеча го освоил третото место на Трката околу Катар, благодарение на добриот пласман на четвртата етапа, која била единствена која не завршила со масовен спринт.[30] Назад во Европа, завршил трет на Омлоп Хет Ниувсблад, забележувајќи место на подиумот четврта година по ред на овој класик. Го следел силниот напад на возачот на Гармин-ШарпСеп Ванмарке на секторот со калдрма „Ланге Мунте“ со Том Бонен. Флеча се обидел во последните километри, но бил поминат од двоецот, а Ванмарке ја освоил трката.[31] Морал да се повлече од Тирено-Адријатико поради фрактура на раката, здобиена во тренинг.[2]
Оздравел на време и учествувал на Париз-Рубе, надевајќи се на победа, откако шестпати во последните седум години завршил во првите десет на класикот, без ниедна победа. Тој бил дел од малата група вклучувајќи го неговиот колега Метју Хејман, кои се обиделе да го достигнат Том Бонен во неговото соло бегство, кое го отпочнал на 53 километри пред целта, но не можеле да стигнат до него. Влегол на велодромот во Рубе со уште двајца членови на бегството, но двајца други возачи им се приклучиле во последниот километар на самиот велодром. По спринтот, Флеча завршил на четвртото место на трката.[32] Флеча постигнал добар резултат во јуни со четвртото место на главно рамната Стер ЗЛМ Тур. Неговиот колега Марк Кевендиш ја освоил трка.[33]
Флеча го напуштил Тим Скај на крајот на годината и потпишал едногодишен договор со Вакансолел-ДКМ за 2013.[35] Изјавил дека промената на екипите ќе му пружи поголема слобода за напад и помалку ќе си ги ускратува личните амбиции, како што било случај во Тим Скај.[36]
2013
Првите значајни резултати на Флеча во сезоната 2013 стигнале на трката Гент-Вевелгем, кога нападнал рано на 80 километри пред крајот. Бил дел од водечката група, кога Петер Саган сам заминал кон победа и го зазел петтото место во завршниот спринт составен од девет возачи.[37] Во априлт, холандскиот весник Volkskrant објавил статија, каде Флеча е обвинет дека примал трансфузии на крвта со докторот Еуфемијано Фуентес. Весникот навел дека возач заведен под код „Класикомано“ и „33“ во случајот Операција Пуерто е Флеча.[38] Флеча ги отфрлил обвинувањата и неговата екипа застанала зад него и ветила дека ќе истражува понатаму.[39]