Френк Рене Шлек (луксембуршки: Fränk René Schleck; р. 15 април1980) — поранешен луксембуршки професионален друмски велосипедист, кој професионално настапувал во периодот 2003-2016. Шлек е постариот брат на Анди, победникот на Тур де Франс 2010. Нивниот татко, Џони Шлек, бил професионален друмски велосипедист помеѓу 1965 и 1974, како и нивниот дедо, Густав Шлек, кој учествувал на неколку трки во 1930-тите.
Откако возел во спортската програма на луксембуршката армија, се преселил во Италија да вози за Де Нарди-Паста Монтеграпа. Во 2001 се обидел како стажант за Фестина, но кога екипата се распаднало по сезоната, Шлек останал без договор. Го контактирал менаџерот на Тим ЦСЦ Бјарн Рис преку заедничкиот пријател, младинскиот тренер Марсел Жил на аматерската екипа АКК Контерн.[3] Шлек возел во 2002 како стажант на Тим ЦСЦ и потпишал професионален договор со Бјарн Рис во 2003.
2005
На почетокот на 2005, на Шлек му се приклучил неговиот помлад брат Анди на Тим ЦСЦ и тие се ги поделиле националните првенства помеѓу нив, па така Френк ја освоил друмската трка, а Анди го освоил хронометарот. Пробивот на Шлек стигнал во 2005, кога имал три места на подиум во последниот месец на сезоната. На сите три трки завршил зад Паоло Бетини (победник на олимписката друмска трка во 2004) и Џилберто Симони (двократен победник на Џиро д’Италија), губејќи на Цири-Мецгете зад Бетини, на Џиро дел’Емилија зад Симони и завршувајќи трет зад обајцата на Џиро ди Ломбардија. Шлек ја завршил 2005 на 13. место на крајниот пласман во ProTour. Го продолжил договорот со Рис и Тим ЦСЦ до 2008, еден од тројцата возачи во екипата со тригодишен договор.
2006
Во сезоната 2006 започнал со петто место на Париз-Ница. По падот на Трката околу Баскија доживеал потрес на мозок.[4] Го имал своето враќање на Амстел Голд Рејс истиот месец. Останувајќи со фаворитите на десет километри пред крајот, Шлек се одвоил сам на Кауберг во Фалкенбург за соло-завршница додека колегата Карстен Крон ја забавувал потерата. Три дена подоцна завршил четврти на Флеш Валон по силното возење на Мур де Хуј, каде шпанскиот возач Алехандро Валверде се покажал непобедлив. Формата на Шлек продолжила и неколку дена подоцна на трката Лиеж-Бастон-Лиеж, каде возел напред во поголемиот дел на трката и завршил седми. На Тур де Франс ја освоил етапата 15, каде се одвоил од Дамијано Кунего на 1,5 километри пред крајот.
2007
Во сезоната 2007 започнал со деветто место на Париз-Ница. На Амстел Голд Рејс, паднал на 47 километри пред крајот и на крајот завршил десетти. Се вратил на Флеш Валон, каде завршил седми, но ден пред Лиеж-Бастон-Лиеж, објавил дека има скршен пршлен. И покрај повредата возел и отпочнал одлучувачки напад на неколку километри пред крајот со Данило ди Лука. Ди Лука нападнал на еден километар пред крајот и Шлек завршил на третото место. Шлек ја освоил четвртата етапа на Тур де Свис, освојувајќи ја жолтата маичка; на крајот завршил седми. На Тур де Франс успеал да заврши само на 17. место, но бил дел од успешен напад на Светското првенство, завршувајќи четврти.
2008
На Амстел Голд Рејс 2008, Шлек завршил втор, зад Дамијано Кунего од Италија. На Лиеж-Бастон-Лиеж, Френк и неговиот помлад талентиран брат Анди Шлек прикажале претстава. Само два возача успеале да ги следат двајцата браќа, кога нападнале на последните ридови на трката: Алехандро Валверде и Давиде Ребелин. Во завршниот спринт Френк завршил на третото место.
На Тур де Свис Шлек паднал на опасен спуст и пропаднал во провалија. Чудесно поминал главно неповреден. Недела дена подоцна, Шлек станал национален првак по вторпат во неговата кариера. На Тур де Франс 2008 стигнал трет на првата планинска етапа. Ова го однело до второто место во генералниот пласман, само една секунда за жолтата маичка. Осум дена подоцна, Шлек ја преземал жолтата маичка и водството на Тур откако ја надокнадил едната секунда разлика од Кедел Еванс. На етапата 17 ја изгубил жолтата маичка од неговиот колега, Карлос Састре. На крајот на Тур, завршил на шесто место.
2009
Сезоната 2009 ја започнал на Трката околу Калифорнија, каде Шлек успеал да ја освоил осмата етапа. Во март, Шлек завршил втор на Париз-Ница. На 19 април, додека се обидувал да ја повтори неговата победа на Амстел Голд Рејс од 2006, Шлек лошо паднал заедно со Метју Лојд. Бил одведен во болница со потрес на мозокот, но бил пуштен истата вечер.[5] Шлек брзо се вратил, освојувајќи ја неговата домашна трка, Трката околу Луксембург, во јуни. Ниеден луксембуршки возач не победил од 1983. На 22 јули ја освоил 17. етапа на Тур де Франс, достигнувајќи ја целта заедно со предводникот на трката Алберто Контадор и неговиот брат, Анди Шлек. Подоцна завршил петти на трката.
2010
Во 2010, Шлек ја освоил третата етапа на Тур де Свис и потоа изненадил на завршниот хронометар. На крајот ја освоил трката. Додека возел на третата етапа на Тур де Франс 2010, Шлек се здобил со тројна фрактура на неговата клучна коска, која се случила на калдрма и бил приморан да ја напушти трката. Подоцна возел на Вуелта а Еспања каде завршил на петтото место.
На 29 јули 2010, Шлек и неговиот брат Анди објавиле дека го напуштаат Тим Саксо Банк на крајот на 2010. Потоа основале сосема нова луксембуршка екипа со поранешниот директор на Тим Саксо Банк Ким Андерсен.[6] Во октомври 2010, еден од менаџерите на проектот ја објавил официјалната страница под името Леопард Чру Рејсинг, што довело до шпекулација дека тоа е планираното име за екипата.[7]
2011
Во сезоната 2011, новата екипа на Френк била потврдена како Леопард Трек и Шлек ја освоил Критериум Интернасионал, заедно со местото на подиум на Лиеж-Бастон-Лиеж, а и ја одбранил титулата на државното првенство. На Тур де Франс, на етапата 12, Шлек нападнал кон крајот на последното искачување завршувајќи трет на Луз-Ардиден. Шлек завршил на второто место во генералниот пласман по Пиринеите, додека неговиот брат бил на 4. место. Потоа, Шлек завршил втор на Кол ду Галибје зад неговиот брат. Меѓутоа изгубил многу време на завршниот хронометар во однос на Кедел Еванс, кој на крајот го освоил Тур таа година. Ја завршил трката на третото место додека неговиот брат бил втор, со што првпат во историјата на Тур се случило браќа да го делат подиумот. Потоа, Шлек и неговиот брат потпишале со РадиоШек-НисанТрек за сезоната 2012.
2012–2013
Шлек ја започнал сезоната како член на екипата РадиоШек-Нисан. Одлучил да вози на Џиро д’Италија, но се повлекол на етапата 15. Потоа, Шлек ја покажал неговата форма на Трката околу Луксембург, кога завршил трет и потоа завршил втор на Тур де Свис. Бил избран да вози на Тур де Франс. На шестата етапа на Тур, Шлек паднал на 25 километри пред крајот и изгубил само две минути, сериозно нарушувајќи ги неговите шанси за можна победа.
На 4 јули 2013, РадиоШек-Леопард објавил дека нема да го обновата договорот со Шлек, оставајќи го без екипа.[10] Откако Трек ја купиле лиценцата на екипата РадиоШек-Леопард за настап во Светската турнеја, објавиле дека Шлек ќе потпише со екипата за сезоната 2014.[11]
Обвинувања за допинг
2008
На 25 јули 2008, еден ден пред одлучувачката претпоследна етапа на Тур де Франс 2008, германскиот дневен весник Зидојче Цајтунг навел средба помеѓу Шлек и озлогласениот шпански доктор Еуфемијано Фуентес во декември 2005. Властите изјавиле дека нема таков доказ за да се потврди ова тврдење.[12] Обвинувањата во врска со Шлек следеле по низата силни резултати.
Пред Светските друмски првенства 2008 во Варезе, Италија, на 26 септември 2008, весникот објавил подолга статија за врските помеѓу Шлек и Фуентес по тврдење за доказ за банкарска трансакција од 7.000 евра од Шлек на сметка во швајцарска сметка поврзана со Фуентес. Постоењето на доказот било пријавено во германската полиција и подоцна потврдено од луксембуршките обвинители.[13]
По јавното признание на Шлек за тоа плаќање на 3 октомври 2008, Бјарн Рис и Тим ЦСЦ Саксо Банк одлучиле привремено да го суспендираат Шлек од понатамошните трки додека потполно не се потврдат обвинувањата за допинг.[14] Шлек бил прогласен за невин од сите обвинувања од допинг-властите на Луксембург на почетокот на декември.
2012
На 17 јули 2012, Шлек бил повлечен од Тур де Франс 2012 од неговата екипа во текот на вториот ден на одмор, откако А-примерокот покажал траги на ксипамид.[15] Б-примерокот на Шлек го потврдил позитивниот резултат.[16] По позитивниот примерок, екипата го суспендирала[17][18]
Во јануари 2013 било објавено дека Шлек добил забрана од една година од луксембуршката анти-допинг агенција, која појаснила дека Шлек „не ја зел супстанцата намерно“ и поради суспензијата била намалена на една година, наместо вообичаено две години.[19] Забраната започнала од моментот на позитивниот тест, 14 јули 2012.[20]