Фреди Меркјури (англиски: Freddie Mercury); родено име: Фарух Булсара; гуџаратски: ફરોખ બલ્સારા); 5 септември1946 - 24 ноември1991) — британски музичар и рок-ѕвезда, најмногу познат како водечки вокал и текстописец на рок групата Квин. Како изведувач, беше познат по својата екстравагантна сценска личност и моќен вокал со опсег од над четири октави. Како текстописец, Меркјури компонираше многу хитови за Квин, вклучувајќи ги : „Боемска рапсодија“, „Килер Квин“ , „Самбади ту Лав“ , „Донт Стоп ми Нау“, „Крејзи Литл Тинг Колд Лав“ и „Ви ар д Чемпионс“. Освен неговата работа со Квин, имаше и соло кариера, правејќи хитови како „Барселона“, „Ај вас Борн ту Лав Ју“ и „Ливинг он мај Оун“. Меркјури повремено работеше како продуцент и гостин музичар (пијано или вокали) за други изведувачи. Тој умре од бронхо – пневмонија предизвикана од СИДА на 24 ноември 1991 година, само еден ден откако јавно призна дека е заболен.
Меркјури е роден во Занзибар и таму израснал, исто така како тинејџер живеел во Индија, го нарекоа „првата азиска рок ѕвезда во Британија“.Во 2006 година, Тајм Азиа го именуваше како еден од највлијателните азиски херои во изминатите 60 години, а и понатаму добива најмногу гласови за најдобар пејач во историјата на популарната музика. Во 2005 година, на анкета организирана од Блендер и Ем-Ти-Ви 2, Меркјури беше најдобар машки пејач на сите времиња. Во 2009 година, на анкета на Класик Рок, беше најдобар рок пејач на сите времиња. Во 2008 година, уредниците на Ролинг Стоун го рангираа на 18-тото место на нивниот список на 100 најдобри пејачи на сите времиња. Олмјузик го окарактеризира Меркјури како „еден од најдобрите рок забавувачи на сите времиња“, кој поседуваше „еден од најдобрите вокали во целата музика“.
Ран живот
Меркјури е роден во британскиот протекторат Занзибар, Источна Африка (сега дел од Танзанија).[1][2] Неговите родители, Боми и Џер Булсара,[3] беа Парси од регионот Гуџарат од тогашната провинција на Бомбајското Претседателство во Британска Индија. Презимето на семејството е изведено од градот Булсар (исто така познат како Валсад) во јужен Гужарат. Како Парсијци Меркјури и неговото семејство ја практикуваа Зороастриската религијa.[4] Семејството Булсара се пресели во Занзибар со цел неговиот татко да ја продолжи својата работа како благајник во Британското Колонијално Биро. Има помала сестра, Кашмира.[5][6][7]
Меркјури голем дел од своето детство помина во Индија и започна да оди на часови по пијано на возраст од 7 години.[8] Во 1954 година, кога имаше 8 години, Меркјури беше пратен да учи во училиштето Сент Питер, училиште во англиски стил за момчиња во Панчгани близу Бомбај.[9] На 12 години, основаше училишна група наречена Хектикс, и свиреа песни од Клиф Ричард и Литл Ричард[10] Еден пријател од тоа време се присеќава дека Фреди имал „несекојдневна способност да слуша радио и да го повтори на пијано тоа што го слушнал“. Исто така во тоа училиште започна себеси да се нарекува „Фреди“. Меркјури остана во Индија, живеејќи со својата баба и тетка додека не заврши со образованието во училиштето Сент Мери, Бомбај.
На 17 годишна возраст, Меркјури и неговото семејство го напуштија Занзибар заради безбедносни причини поради Занзибарската револуција во 1964 година. Семејството се пресели во мала куќа во Фелтам, Мидлсекс, Англија. Меркјури се запиша Ајлворт Политекник (сега Вест Темз Колеџ) во Западен Лондон каде што студираше уметност. Конечно доби Диплома за Уметност и графички Дизајн на Илинг Арт Колеџот, подоцна употребувајќи ги овие вештини за дизајнирање на грбот на Квин.[11] Меркјури остана британски граѓанин до крајот на својот живот.
По дипломирањето, Меркјури се приклучуваше кон повеќе бендови и продаваше облека на старо во Маркетот Кенсингтон во Лондон. Исто така имаше работа и на аеродромот Хитроу.[12] Пријателите велат дека во тоа време Фреди бил тивок и срамежлив млад човек кој покажувал огромен интерес за музика. Во 1969 година се придружи на групата Ibex, подоцна преименувана во Wreckage.[13] Кога оваа група не успеа да се пробие, премина во друг бенд со име Sour Milk Sea. Сепак, на почетокот на 70-тите години оваа група исто така се распадна.
Во април 1970 година, Меркјури им се придружи на гитаристот Брајан Меј и тапанарот Роџер Тејлор кои претходно беа во групата Смајл.[14] И покрај оградувањето од страна на другите членови, Меркјури го одбра името „Квин“ за новата група. Подоцна за името на бендот тој рече: „Бев свесен за геј конотацијата, но тоа беше само еден аспект од целото“. Речиси во исто време, тој го промени своето презиме Булсара во Меркјури.[15]
Кариера
Пејач
Иако гласот на Фреди Меркјури кога зборува природно беше баритон, повеќето песни ги испеа во тенор.[16] Неговиот вокален опсег се протегаше од бас ниско Еф (Еф 2) до колоратура фалсето Еф натурал (Еф 6).[17] Неговите гласни жици произведувајќи тенор високо Еф (Еф 5).[17] Биографот Дејвид Брет го опиша неговиот глас како „да се искачува од длабок, ‘ржечки, до нежен, динамичен тенор, потоа на високи гласови, совршена колоратура, кристално чист во високите гласови“.[18] Шпанскиот сопранМонсерат Кабаље, со која Меркјури сними албум, го изрази своето мислење дека „разликата помеѓу Фреди и речиси сите остнати рок ѕвезди е тоа што тој го продава гласот“.[17] Како што напредуваше кариерата на Квин, тој сè повеќе ги зголемуваше високите ноти кога настапуваа во живо, често хармонизирајќи со половини, третини или петтини ноти. За Меркјури велеа дека ги има „најрапавите воклани модули“ и дека никогаш немал формално гласовно тренирање.
Текстописец
Меркјури напиша 10 од 17 песни од албумот Најдобрите Хитови, на Квин : „Bohemian Rhapsody“, „Seven Seas of Rhyeј“, „Killer Queen“, „Somebody to Love“, „Good Old-Fashioned Lover Boy“, „We Are the Champions“, „Bicycle Race“, „Don't Stop Me Now“, „Crazy Little Thing Called Love“ и „Play the Game“. Во 2003 година, Меркјури постхумно бил примен во Куќата на славата на текстописците со другите членови на Queen, а во 2005 година сите четири члена од групата ја добиле наградата Ајвор Новело за извонредна колекција на песни од Британската академија на текстописци, композитори и автори.[19][20]
Највпечатливиот аспект од неговото пишување го вклучуваше широкиот опсег на жанрови кои ги користеше, во кои беа помеѓу другите, рокабили, прогресивен рок, хеви метал, госпел и диско. Како што објасни во едно интервју во 1986 година: „Мразам да правам едно исто нешто постојано. Сакам да видам што се случува во моментот во музиката, филмот и театарот и да ги составам сите тие работи“. Во споредба со многу други текстописци, Меркјуру исто така тежнееше кон пишување на музички сложен материјал. На пример „Bohemian Rhapsody“ е ациклична во структурата и содржи десетина акорди. Тој исто така напиша шест песни од албумот Квин 2 каде што има повеќекратни клучни промени и сложен материјал.[21][22] „Crazy Little Thing Called Love“, од друга страна, има само неколку акорди. Покрај фактот што Меркјури често пишуваше многу заплеткани хармонии, тој исто така тврдеше дека едвај може да ја чита музиката. Ги напиша повеќето од своите песни на пијано и користеше разновидни белези.
Изведувач во живо
Меркјури беше забележителен по своите настапи во живо, кои често беа одржувани пред публика на стадиони низ целиот свет. Покажуваше висок театарски стил кој често предизвикуваше големо учество на публиката.[23] Новинар од The Spectator го опиша како „изведувач кој ја задева, шокира и крајно ја шармира својата публика со разни екстравагантни верзии на себеси“. Дејвид Боуви, кој настапи на концертот во чест на Фреди Меркјури и ја снимаше песната „ Under Pressure“ со Квин, го пофали стилот на изведба на Меркјури, велејќи: „Од сите сценски рок изведувачи, Фреди отиде подалеку од останатите... отиде преку границата. И се разбира, секогаш ценев маж кој носи трико. Само еднаш го гледав на концерт и како што велат, тој дефинитивно беше човек кој можеше да ја држи публиката во својата дланка“.
Еден од најзабележителните настапи на Меркјури со Квин се случи на Лајв Еид во 1985 година, и за тоа време целата публика од 72 000 луѓе аплаудираа, пееја и играа во такт. Настапот на Квин подоцна беше изгласан како најдобрата изведба во живо во историјата на рок-музиката, од страна на музички експерти.[24][25] Резултатите беа емитувани на телевизиска програма наречена „Најдобрите свирки на светот“. На повторното одржување на Лајв Еид во 2005 година, еден критичар напиша: „Оние кои ги составуваат листите на Најголеми Рок Фронтмени и ги даваат највисоките места на Мик Џегер, Роберт Плант итн, се виновни за страшен пропуст. Фреди, како што може да се види на неговиот божествен настап на Лајв Еид, есноставно беше најбожествен од сите други“.
За време на својата кариера, Меркјури настапи на околу 700 концерти низ целиот свет заедно со Квин. Типично за концертите на Квин беше масовноста. Еднаш тој објасни: „Ние сме Сесил Б. ДеМил на рокенролот, секогаш обидувајќи се да направиме нешто поголемо и подобро“. Квин беше првата група која свиреше на стадионите во Јужна Америка, рушејќи ги светските рекорди за посетеност на Морумби Стадионот во Саун Пауло во 1981 година.[18] Во 1986 година, Квин исто така настапија зад Железната Завеса кој свиреа пред 80 000 луѓе во Будимпешта, што претставуваше еден од најголемите рок концерти одржани во Источна Европа.[26] Последниот настап во живо на Меркјури со Квин беше на 9 август 1986 година во Небворт Парк во Англија и собра публика приближно од 200 илјади луѓе.[27]
Инструменталист
Како младо момче во Индија, Меркјури доби формална обука за пијано,на 9 годишна возраст. Подоцна, додека живееше во Лондон, учеше да свири на гитара. Поголем дел од музиката што му се допаѓаше вклучуваше гитара. Негови омилени изведувачи во тоа време беа:Who, Битлси, Џими Хендрикс, Дејвид Боуви и Лед Цепелин. Често се самоомаловажуваше за своите вештини на двата инструменти,а од почетокот на 80-тите години и потоа масовно започна да повикува гости клавијатуристи за настапите со Квин и за својата соло кариера. Најзначајно, го назначи фред Мандел (канадски музичар кој исто така работеше со Пинк Флојд, Елтон Џон и Supertramp) за својот прв соло проект, а по 1985 година соработуваше со Мајк Моран (во студио) и Спајк Едни (на концерти),[28] препуштајќи им ги деловите со синтисајзер само на нив.
Меркјури свиреше на пијано на многу од најпознатите песни на Квин, вклучувајќи ги: „Killer Queen“, „Bohemian Rhapsody“, „Good Old-fashioned Lover Boy“, „We Are the Champions“, „Somebody to Love“ и „Don't Stop Me Now“. Тој користеше концертно големо пијано, а повремено други слични инструменти како чембало. Од 1980 година, исто така често користеше синтисајзери во студиото. Гитаристот на Квин, Брајан Меј вели дека Меркјури не бил импресиониран од своите можности на пијано и користел инструменти се помалку со текот на времето, бидејќи сакал да шета на сцената и да ја забавува публиката.[29] Иако тој напиша многу акорди за гитара, Меркјури поседуваше само елементарни познавања на инструментот. Песните како „Ogre Battle“ и „Crazy Little Thing Called Love“ беа компонирани на гитара, каде што на втората фреди свири на ритам-гитара како на сцена така и во студио.[30]
Соло кариера
Во дополнение на својата работа со Квин, Меркјури издаде два соло албуми и неколку синглови. Иако неговата соло кариера не беше толку комерцијално успешна како повеќето албуми на Квин, двата албуми без Квин и неколку синглови дебитираа на Топ 10 листите во Британија.[31] Неговиот прв соло обид го вклучуваше неговиот придонес за миксот на Ричард „Волфи“ Волф на Лав Килс од албумот од 1984 година (песната исто така е искористена за насловна песна за „Наполнето Оружје“ на Нешенал лампун) и нов саундтрак за филмот од 1926 година на Фриц Ланг, Метрополис. Оваа песна, напишана за филмот од Џорџо Мородер, дебитираше на местото број 10 на Британските листи.[32]
Двата целосни самостојни албуми на Меркјури беа Mr. Bad Guy (1985) и Barcelona (1988).[14] Првиот е поп албум кој содржи повеќе диско и денс музика. „Барселона“ беше снимен и изведуван со оперската пејачка Монсерат Кабаље, која долго ја почитуваше. Mr. Bad Guy дебитираше на Топ 10 листите во Британија. Во 1993 година, преработка на песната „Living on My Own“, сингл од албумот, го достигна првото место на листите во Британија. За песната Меркјури посмртно ја доби наградата Ивор Новело. Критичарот од Олмјузик, Едуардо Ривадавија го опишува Мр. Бед Гај како „неверојатен од почеток до крај“ и го изрази својот став дека Меркјури „несомнено се протегнал на непозната територија“. Особено, на албумот се забележува синтисајзер во голем дел кој не е карактеристичен за претходните албуми на Квин.
Барселона, снимена со шпанскиот сопран Монсерат Кабаље, комбинира елементи на популарна музика и опера. Многу критичари не беа сигурни што да кажат за албумот; едни велеа дека е „најбизарниот албум на годината“. Албумот беше успешен на пазарот,[33] а истоимената песна дебитираше на осмата позиција на британските листи и беше хит во Шпанија.[34] Насловната песна масовно се пушташе како официјална химна на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1992 година (одржани во Барселона, една година по смртта на Меркјури). Кабаље ја испеа во живо на отворањето на ЛОИ со делот на Меркјури кој одеше на екран, а потоа уште еднаш пред почетокот на финалето на Лигата на Шампиони на УЕФА во 1999 година во Барселона.
Покрај двата соло албуми, Меркјури издаде неколку синглови, вклучувајќи ја неговата верзија на хитот The Great Pretender, од Platters, кој дебитираше на 5 местово британија во 1987 година.[31] Во септември 2006 година, излезе компилациски албум во Британија од соло кариерата на Меркјури во чест на она што требаше да биде негов 60-ти роденден. Албумот дебитираше во Британија на Топ 10 списокот на најдобри албуми.[35]
Во периодот од 1981-1983 година, Меркјури сними неколку песни со Мајкл Џексон, вклучувајќи демо снимки од „State of Shock“, „Victory“ и „There Must Be More to Life Than This“,[36] ниедна од овие соработки не беше издадена официјално, иако постојат пиратски записи. Џексон првата песна ја сними со Мик Џегер за албумот Victory на групата Џексонс,[37] а Меркјури ја вклучи соло верзијата на втората песна на својот албум Mr. Bad Guy.[38]
Личен живот
Во раните 70-ти години, Меркјури имаше долготрајна врска со Мери Остин, која ја запозна преку гитаристот Брајан Меј. Тој живееше со Остин неколку години во Западен Кенсингтон. Кон средината на 70-тите години, сепак, пејачот започна љубовна афера со маж, кој работеше во Електра Рекордс како менаџер за снимање, за да подоцна резултира со крај на врската со Остин.[39] Меркјури и Остин сепак останаа блиски пријатели и понатаму, а Меркјури често велејќи дека таа е неговиот единствен најдобар пријател. Во 1985 година на интервју, Меркјури за Остин рече: „Сите мои љубовници ме прашуваа зошто не можат да ја заменат Мери (Остин), но едноставно е невозможно. Единствениот пријател кој го имам е Мери и не сакам никој друг. За мене, таа беше моја законска сопруга. За мене, тоа беше брак. Си веруваме еден на друг, тоа ми е доволно“.[40] Исто така тој напиша неколку песни за Остин, од кои најпозната е „Лав оф мај Лајф“. Меркјури исто така беше кум на најстариот син на Мери, Ричард.
На почетокот и на средината на 80-тите години, тој беше вмешан во романса со Барбара Валентин, австриска глумица, која е присутна во спотот за песната „It's a Hard Life. Во 1985 година,[41] тој започна друга долга врска со фризерот по име Џим Хатон. Хатон,[42] кој самиот беше ХИВ позитивен во 1990 година, живееше со Меркјури последните 6 години од својот живот, се грижеше за него додека беше болен и беше присутен покрај неговата постела кога умре. Хатон рече дека Меркјури умрел носејќи венчална лента која Хатон му ја дал. Хатон умре од рак на 1 јануари 2010 година.
Иако на сцена беше екстравагантна личност, Меркјури беше срамежлив и повлечен, особено со луѓе кои не ги познавал добро. Тој исто така даваше ретко интервјуа. Меркјури еднаш за себеси рече: „Кога настапувам сум екстровертен, сепак одвнатре сум сосема различен човек“.
Болест и смрт
Според неговиот партнер, Џим Хатон, Меркјури открил дека има СИДА кратко по Велигден 1987 година.[43] Во тој период, Меркјури во интервју изјавил дека е ХИВ негативен.[44] И покрај негирањата, британскиот печат рашири незадржливи гласини во наредните неколку години, поткрепени со мршавиот изглед на Меркјури, отсуството на Квин од турнеи, и исказите на поранешни љубовници за разни таблоиди. Кон крајот на својот живот, тој како по рутина беше следен од фотографи, додека дневниот таблоид Д Сан објави серија статии кои велат дека е сериозно болен. Сепак, Меркјури и неговите колеги постојано ги негираа приказните, дури и по една статија од насловна страна објавена на 29 април 1991 година, која го покажа Меркјури целиот исцрпен, што беше во тоа време ретко јавно појавување.
На 22 ноември 1991 година, Меркјури го повика менаџерот на Квин, Џим Бич, во својот дом во Кенсингтон, да разговараат за јавна изјава. Наредниот ден, 23 ноември, беше дадена следнава изјава за печатот во име на Меркјури:
По бројните претпоставки во печатот во изминативе две недели, сакам да потврдам дека ХИВ тестот ми беше позитивен и дека имам СИДА. Чувствував дека е исправно да ја чувам оваа информација во тајност сè до денес, за да ја зачувам приватноста на тие околку мене. Сепак, сега дојде времето моите пријатели и обожаватели низ светот да ја знаат вистината и се надевам дека сите ќе ми се придружат, моите лекари, и сите оние во светот во борбата против оваа ужасна болест. Мојата приватност отсекогаш ми била многу важна и јас сум познат по моите малкубројни интервјуа. Ве молам разберете дека овој принцип ќе продолжи.[45]
За малку повеќе од 24 часа откако ја даде оваа изјава, Меркјури умре вечерта на 24 ноември 1991 година на 45 годишна возраст, во својот дом во Кенсингтон.[46] Официјалната причина за смртта беше бронхо-пневмонија причинета од СИДА. Веста за неговата смрт стигна до екипите на печатот и телевизијата во раните часови на 25 ноември.
На 27 ноември, погребот на Меркјури беше извршен од зороастриски свештеник. Крајно резервиран човек, службата за Меркјури беше за 35 од неговите блиски пријатели и семејството, со Елтон Џон и останатите членови од Квин помеѓу присутните.[47][48] Меркјури беше кремиран на Кенсал Грин гробиштата, Западен Лондон, а локацијата на неговата пепел се верува дека ја знае само Мери Остин.[29][49] Во својот тестамент, Меркјури поголемиот дел од неговото богатство, вклучувајќи ги својот дом и авторски права, на Мери Остин, а остатокот на своите родители и на сестра му. Потоа, остави 500 000 фунти на својот готвач Џо Фанели, 500 000 фунти на својот личен асистент Питер Фристоун, 100 000 фунти на својот возач тери Гидингс, и 500 000 фунти на Џим Хатон.[50] Мери Остин и понатаму живее во домот на Меркјури, Гарден Лоџ, Кенсингтон, со нејзиното семејство. Хатон беше вклучен во биографијата за Меркјури во 2000 година, Фреди Меркјури, Премолчената Вистина, а исто така даде и интервју за Тајмс за она што требаше да биде 60-ти роденден на Меркјури.
Критики и спорови
Сексуална ориентација
Меркјури беше познат по својата бисексуалност. Додека некои критичари велеа дека ја крие својата сексуална ориентација од јавноста,[51][52][53] други велеа дека бил „отворено геј“.[54][55]
Често се оддалечувал од својот партнер Џим Хатон за време на јавни настапи во 80-тите години. Кога директно го запрашаа „Како е да си наведнат?“ од страна на НМЕ во декември 1974 година, Меркјури одговори: „ти си итра крава. Да речеме вака, имаше времиња кога бев млад и зелен. Тоа е нешто низ што поминуваат момчињата. Имав дел во школските лакрдии. Нема да образложувам понатаму“.[56] Новинар за еден онлајн весник за хомосексуалци сметаше дека публиката подолго време била наивна во врска со темата: „Додека од многу аспекти тој беше отворено педераст целата своја кариера („Јас сум толку геј како и нарцис, драга моја“ која е една од неговите најпознати изреки), неговата сексуална ориентација се чинеше дека минува низ главите на внимателната публика и на експертите ( и хомосексуалци и нормални) со децении. Џон Маршал од Геј Тајмс го изрази следново мислење во 1992 година: „(Меркјури) беше „сценска кралица“, не плашејќи се јавно да ја покаже својата хомосексуалност, но без волја да го анализира и оправдува својот „начин на живот“ ... Беше исто како Фреди Меркјури да му кажува на светот: „Јас сум тоа што сум. Па што? “ А самото тоа по себе беше изјава“.[57]
ХИВ
Меркјури го криеше неговиот ХИВ статус од јавноста неколку години, а се зборуваше дека можел да собере голема сума пари и свесност порано зборувајќи искрено за својата ситуација и неговата борба против болеста.[58]
Други спорови
Членовите на Квин беа широко критикувани во 80-тите години поради фактот што го прекршиле културниот бојкот на Обединетите Нации, настапувајќи на неколку концерти во Сан Сити во 1984 година, забавен комплекс во Бофутацвана, татковина на (тогашниот) апартхејдЈужна Африка. Како резултат на овие настапи, Квин беа ставени на списокот на изведувачи кои го прекршиле бојкотот и беа широко критикувани во списанијата како што е НМЕ.
Следуваше уште еден спор во август 2006 година, кога една организација нарекувајќи се себеси Исламска Мобилизација и Пропаганда побара од Министерството за Култура на Занзибар да се откаже масовната прослава за 60-тиот роденден на Меркјури. Организацијата изрази неколку жалби во врска со планираната прослава, вклучувајќи го и тоа дека Меркјури не бил вистински Занзибареци и дека бил хомосексуалец, што не е во согласност со нивното толкување на шаријата. Организацијата велеше дека „поврзувањето на Меркјури со Занзибар го деградира нашиот остров како место на Исламот“. Планираната прослава беше откажана.
Наследство
Континуирана популарност
Степенот до кој смртта на Меркјури ја зголеми популарноста на Квин не е познат. Во САД, каде што популарноста на Квин заостана во 80-тите, продажбата на албуми на Квин се зголеми драматично во 1992 година, годината по неговата смрт. Во 1992 година еден американски критичар забележа: „она што циниците велат дека факторот на „мртвата ѕвезда“ почнал да се исплаќа – Квин е среде големо повторно избувнување“. Филмот „Светот на Вејн“, каде што се појави песната „Боемска рапсодија“, исто така излезе во 1992 година. Според Американската Асоцијација на Индустријата за Снимање, Квин имаат продадено 32,5 милиони албуми во САД, од кои половина се продадени по смртта на Меркјури во 1991 година.[59]
Заработката на Квин од светската продажба на албуми до денес се проценува на околу 300 милиони долари.[60] Во Британија, Квин минале повеќе време на листите за албум во Британија, отколку кој било друг настапувач (вклучувајќи ги и Битлси),[61] а Queen's Greatest Hits е најпродаваниот на сите времиња во Британија.[62] Две од песните на Меркјури, „We Are the Champions“ и „Bohemian Rhapsody“, исто така се изгласани за најдобри песни од Сони Ериксон и Гинисовата книга на рекорди, соодветно. Првото испитување беше обид да се одреди омилената песна на светот, додека анкетата на Гинис се вршеше во Британија. Во октомври 2007 година, спотот за „Боемска рапсодија“ беше изгласан како најдобар на сите времиња од страна на читателите на списанието Кју. Доследно оценет како еден од најдобрите пејачи во историјата на популарната музика, Меркјури беше изгласан за втор по Мараја Кери во списокот на Ем-Ти-Ви за 22 најдобри вокали во музиката.
Во продолжение, во јануари 2009 година, Меркјури беше избран за втор, зад Роберт Плант во анкета за најдобар глас во рок-музиката, на дигиталната радиостаница Планет Рок. Во мај 2009 година, списанието Класик Рок го изгласа фреди Меркјури како најдобриот пејач во рок-музиката.
↑ 17,017,117,2Soto-Morettini, D. (2006), Popular Singing: A Practical Guide To: Pop, Jazz, Blues, Rock, Country and Gospel, A & C Black, ISBN978-0713672664
↑Fitzpatrick, Liam (13 November 2006), „Farrokh Bulsara“, Time Asia, 60 Years of Asian Heroes, Hong Kong, 168 (21), Архивирано од изворникот на 28 December 2008