Тапан, Топан, Тупан, Барабан – ударен мембранофоничен инструмент познат во Македонија под името „тапан“, а во западниот дел како „топан“. Истиот го среќаваме најчесто во две големини: голем тапан „тапан“ и мал тапан „тапанче“.
Во зависност од земјата и регионот, има и многу други називи. Овој вид на тапан најчесто се користи во музиката на Балканот и Блискиот Исток.
Културна значајност
Историја и потекло
Фреските од XIV век укажуваат дека тапанот бил познат во Балканот пред доаѓањето на Турците.
Според тоа, може да се претпостави дека тапанот бил познат во Македонија во XIV век. Дали е тапанот пренесен во Македонија или е роден на македонско тло, засега не располагаме со сигурни податоци за да можеме да одговориме на поставеното прашање.
Распостранетост
Тапанот е распостранет по цела Македонија, особено во населбите во кои живеат Ромите. Тапанчињата во последниве децении, се користат многу често, речиси, во секој инструментален состав, како инструмент за обележување на ритамот.
Градба
Тапанот се состои од празен валјак, преку чиј отворени страни е распната штавена козја или овчка кожа. Обвивката „лубот“ на валјакот се изработува од ореово или костеново дрво. Пред да се свитка во валјак, дрвото се вари. Двете кожи што ја затвораат валјаковата шуплина, се затегнуваат со дрвени обрачи, обмотани со кожа.
Затегнувањето се врши со канап, на тој начин што се спровира наизменично под горниот и долниот обрач. Вавкото врзување условува формирање на триаголници, со наизменично формирање на врвот и основата на триаголникот. Крајот на канапот се врзува за метална алка, прицврстена на лубот на тапанот. Во непосредна близина на алката се прицврстуваат уште две алки, за врзување на тапанот со кожен каиш, кој едновремено служи и за држење на тапанот за време на удирањето.
Најчесто се изработуваат во две големини: голем тапан со пречник од 50-55см и мал тапан „тапанче“ со пречник од 30-35см.
Мелодички и ритмички одлики
Тонот на тапанот се реализира со удирање по распнатата кожа, со специјално изработени дрвени направи за таа цел: кукуда и прачка.
Кукудата се изработува во форма на луле од ореово дрво, со должина од 44см, а прачката, од дреново или врбово дрво, со релативно иста должина.
За време на удирањето, каишот на тапанот се префрла преку левото рамо, наклонет така за да може да се удира од двете страни. Со десната рака се удира со кукудата на десната распната кожа, а со левата со прачката на левата распната кожа.
Имајки го предвид фактот дека тапанот не произведува тонови со определена височина, ударите не се бележат на нотниот систем, ами на две хоризонтални паралелни линии. Ударите на кукудата се бележат со ноти чии опашки се завртени нагоре, а ударите на прачката, завртени надолу. Со ударите на кукудата, главно, се нагласените нотни стојности (теза), а со прачката, ненагласените (арза).
Бојата на тонот зависи од затегнатоста на кожата, Кај големите тапани тонот е тап, а кај малите – висок и посветол.
Ритмиката на тапанот е доста сложена, со неопределена потпора. Тапанџијата откако ќе отчука удари со неколку такта, така ја менува ритмката, што новата ритмика нема некаква сличност со поранешната.
Тапанот најчесто се јавува како придружен инструмент, а сосема ретко како солистички. Доколку се јави како солистички, најчесто е придружник на некое оро (на пр. пијанечкото оро Копачка). При солистичкото дејствување, тапанџијата може да реализира некаков вид тремоло. Тоа го постигнува со долепување на прачката на кожата, при што вибрација на кожата се пренесува преку прачката.
Поврзаност со инструментот зурла
Зурлаџиско-тапанските состави никогаш не дејствувале без тапан. Затоа, тапанарскиот репертвоар е тесно поврзан со репертоарот на зурлаџиско-тапанарските состави. Репертоарот, пак, на зурлаџиско-тапанарските состави, е тесно поврзан со репертоарот што се користи за време на свадбарскиот цермонијал, соборскиот, манастирско-црковниот на празниците, сунетот кај муслиманското население, итн. За секој од наброените церемонијали, установен е посебен мелодиски репертоар што се пренесува од колено на колено.
На јужниот Балкан, ритамот на тапанот е сложен и користи многу акценти во бројни традиционални временски потписи. [1]
Во Бугарија, тапанот обично е придружен од гајдата и гадулката (вид гусла со 3 мелодиски и 10 поддржни струни). Тапанот исто така се свират соло во некои албански, бугарски и македонски народни игри и песни. Со векови, тапанот е незаменлив на селски свечености на разни земји, како што се свадби и прослави на заштитници на домови и села. [1]
Во Романија и Молдавија, „тобата“ понекогаш се користи за придружување на танци. Во регионите на Молдавија, Марамур и Бихор има и некои видови со мал чинел монтиран на врвот. Тие генерално се удираат со дрвени удиралки на едната кожа и со потенок стап на работ или цимбалот. [1]
Во Турција, Азербејџан и Ерменија, давулот најчесто се свири со зурлата, иако може да се свири и со други инструменти, како и во ансамбли. Исто така, традиционално се користи за комуникација и во турската мехтер или јаничарска музика. [1]
Во Ирак и регионот Левант, тој претежно се користи во асирските народни ора и асирската фолк-поп-музика, меѓу асирците, кои во најголем дел се придружени со зурлата, која е дувачки инструмент. Во Ерменија, долот нема толку голем обем и обично се свири со рацете, иако се користи и дрвен, тапан во форма на лажица. Често се слуша во ерменската народна музика. Не само што тоа е во народната, туку и во модерната музика, дури и со соло изведби во многу истакнати песни. [1]
Галерија
„Давул“ во куклен театар со сенка. Тука, Караѓоз е прикажан со својот давул.
Тапанар кој го придружува оркестарот кој свири за време на фолклорен настап во Охрид
↑ 1,01,11,21,31,4Topalidis, Sam (2014). „The Daouli Drum“. Архивирано од изворникот на 2014-09-30. Посетено на 2021-04-19.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)