Среќата е чувство кое го поседува секој човек, но понекогаш поединецот не е свесен за среќата која ја има. Среќата може да биде различна. Се смета дека работите кои го прават човекот среќен се мали и безначајни, а работите кои го растажуваат се големи. Човекот е среќен кога нема грижи, кога е задоволен од својот живот, кога желбите му се остварени, но не е среќен ако неговите желби се остварени, а не се остварени желбите на некои луѓе (особено, на блиските).
Според италијанскиот поет Џакомо Леопарди, најголемата можна среќа за човекот на овој свет е да живее спокојно поради својата состојба полна со смирена и сигурна надеж за некоја многу подобра иднина. Притоа, тој не треба да се вознемирува со желбата што побрзо да ја ужива замислената најубава иднина.[1]
Во својата книга „Богатството на царот Радован“, српскиот поет Јован Дучиќ ја вклучил и расправата со наслов „За среќата“. Во неа, тој вели дека сфаќањето на човекот за среќата е релативно, во зависност од возраста, културата или општествениот слој.[2]
Постојат бројни обиди за мерење на среќата и факторите од кои зависи таа. Според истражувањето на Школото „Вудро Вилсон“ (Woodrow Wilson School) во рамките на Универзитетот „Принстон“ (Princeton University), нивото на среќата зависи од заработувачката на луѓето, но среќата се зголемува само додека се достигне заработувачка од 75.000 долари, годишно. Потоа, независно од порастот на доходот, чувството на среќа стагнира. Понатаму, истражувањето покажало дека постојат два вида среќа: таа што се менува секојдневно, под влијание на стресот или емоциите поврзани со дневните случки, а втората е подлабоката форма насреќа, која се однесува на задоволството од одвивањето на животот, воопшто. Оттука, луѓето кои заработуваат повеќе од 75.000 долари годишно чувствуваат дека нивниот живот се подобрува, но тоа не им ја зголемува секојдневната среќа. Од друга страна, луѓето кои заработуваат помалку од 75.000 долари не се потажни, туку повеќе се изложени на непријатни ситуации во врска со решавањето на секојдневните проблеми.[3]
Често, среќата се јавува како честа тема во уметноста и во популарната култура.