Пазолини се родил на 5 март 1922 година, во Болоња, во семејството на пешадискиот офицер Карло Алберто и учителката Сузана Колуси, по потекло од Казарса дела Делиција, во Фурланија. Поради честите преместувања на татко му, детството и младоста ги поминал во повеќе градови во северна Италија. Во 1925 година, додека неговото семејство живеело во Белуна, се родил вториот син, Гвидо. На возраст од седум години, во Сачила, Пјер Паоло ги напишал своите први стихови. Повисоките одделенија на основното училиште ги завршил во Реџо Емилија, додека лицејот го завршил во Болоња. Во 1942 година, Пазолини студирал на Филолошкиот факултет во Болоња, но кон крајот на годината, неговото семејство било принудено да се пресели во Казарса. Во почетокот на септември 1943 година, Пазолини бил мобилизиран и испратен во Ливорно, но во војската поминал само неколку дена, зашто на 8 септември избегал во Фурланија. Во 1944 година, брат му Гвидо им се придружил на партизаните од бригадата „Озопо“, стационирана во планините на границата со Југославија, а погинал во 1945 година, во борбата со една југословенска партизанска милиција. Пјер Паоло дознал за смртта на брат му дури неколку месеци подоцна. Во тоа време, Казарса била важен железнички центар, така што Пјер Паоло и мајка му се преселиле во Верзута, каде отвориле бесплатно приватно училиште. Во 1945 година, Пазолини дипломирал со највисока оцена на Филолошкиот факултет во Болоња, а неговата дипломска работа била на тема на Џовани Пасколи.[1]
Во 1947 година, Пазолини се зачленил во Комунистичката партија на Италија (Partito comunista Italiano). Во тоа време, тој работел како професор во основното училиште во Валвазона, во близината на Казарса, но откако бил пријавен за расипување на младината и за непристојно однесување во јавноста, тој бил отпуштен од работата и исклучен од партијата. Поради тоа, во 1950 година, Пазолини и мајка му ја напуштиле Казарса и се преселиле во Рим, каде следната година им се приклучил и таткото. Тие живееле беден живот во едно сиромашно предградие, во „куќа без покрив“, во близината на затворот во Ребибија. Во таа средина, на мостот Мамоло, Пазолини го усвоил јазикот и начинот на живот на лумпенпролетеријатот. Во 1951 година, Пазолини се вработил во едно училиште во Чампино, во близината на Рим, каде што работел како професор до 1954 година. Во 1955 година, повторно бил обвинет за повреда на јавниот морал, но подоцна тужбата била повлечена.[2]
Почнувајќи од 1957 година, Пазолини сè почесто почнал да работи во филмската индустрија. Во 1961 година, заедно со Алберто Моравија и со Елза Моранте, отпатувал во Индија, а истата година, заедно со Моравија, отпатувал во Кенија. Тоа било неговото прво до низата патувања низ Африка, која го воодушевила и претставувала голема инспирација во неговото ументичко творештво. Во 1962 година, Пазолини го запознал Нинето Даволи, кој со семејството се доселил од Калабрија во Рим. Во 1963, Пазолини бил обвинет за навреда на државната религија и бил прогласен за виновен, но потоа бил амнестиран. Во 1966 година отпатувал во САД, каде учествувал на филмскиот фестивал во Њујорк. По големите улични борби меѓу студентите и полицијата во март 1968 година, за списанието Nuovi argomenti, Пазолини го напишал памфлетот во стихови (со Апологија во прологот) Il PCI ai giovani!. Памфлетот го објавил весникот Espresso, и тоа порано отколку што било предвидено, при што текстот бил цензуриран, а потоа предизвикал остра полемика. Во 1971 година, неговиот пријател Нинето се оженил со една девојка по што Пазолини поминал низ силна емотивна криза. Во 1973 година, неговата соработка со весникот „Кориере дела Сера“ предизвикала голем скандал, зашто во своите текстови Пазолини критикувал некои непријатни вистини во современото италијанско општество. Ноќта меѓу 1 и 2 ноември1975 година, во пристаништето за хидроавиони во Остија, во близината на Рим, Пазолини бил убиен во нерасветлени околности.[3]
Творештво
Книжевност
Првите свои стихови, Пазолини ги напишал на седумгодишна возраст, а во 1942 година соработувал со списанието „Сетачо“, гласник на Италијанската фашистичка младина (Gioventù Italiana del Littorio), пишувајќи текстови и правејќи илустрации. Во јули 1942 година ја објавил малата поетска збирка „Песни за Казарса“ (Poesie a Casarsa), напишана на фурлански дијалект, која ја објавил на сопствен трошок во антикварницата на Марио Ланди во Болоња. Сепак, истовремено, тој пишувал и поезија на стандардниот италијански јазик. Во 1954 година ја објавил поетската збирка „Најдоброто од младоста“ (La meglio gioventù), повторно на фурлански дијалект. Во 1955 година, издавачката куќа „Гарцанти“ го објавила неговиот прв роман „Искусни момчиња“ (Ragazzi di vita) којшто ја освоил престижната награда „Коломби-Гвидоти“. Меѓутоа, романот предизвикал остра дебата и против авторот и издавачот била поднесена тужба за навреда на јавниот морал, но подоцна обвинението било повлечено со образложение дека „она за што се обвинети не е кривично дело“. Во 1957 година ја објавил збирката со 11 кратки поеми „Пепелта на Грамши“ (Ceneri di Gramsci) која ја освоила наградата „Вијареџо“. Следната година се појавила поетската збирка „Славејот на Католичката црква“ (L'Usignolo della Chiesa Catttolica), а во 1959 година го објавил романот „Насилнички живот“ (Una vita violenta).[4]
Во 1961 година, Пазолини ја објавил поетската збирка „Религијата на моето време“ (La religione del mio tempo), а подоцна, по заедничкото патување со Моравија низ Индија, ја објавил книгата „Мирисот на Индија“ (L'odore dell'India). Во 1962 година, издавачката куќа „Гарцанти“ го објавил романот „Сон за една работа“ (Il sogno di una cosa) во кој се опишува животот во Фурланија. Во 1964 година се појавила поетската збирка „Поезија во облик на роза“ (Poesia in forma di rosa) која ги содржи неговите песни напишани од 1961 до 1964 година. Во 1971 година, Пазолини ја објавил збирката поезија „Приближување кон Бога и организирање“ (Trasumanar e organizzar), а како последица на емотивната криза поради венчавката на Нинето Даволи настанала збирката „Сонетот како разонода“ (L'hobby del sonetto) којашто била објавена посмртно. Во 1975 и во 1976 година биле објавени неговите статии за „Кориере дела Сера“, во два тома: „Крстоносни написи“ (Scritti corsari) и „Лутерански писма“ (Lettere luterane).[3] Исто така, во 1975 година, Пазолини ја објавил поетската збирка, „Нова младост“ (La nuova gioventù) којашто била последната збирка објавена за време на неговиот живот. Оваа книга содржи два циклуса песни напишани на фурлански дијалект: „Најдоброто од младоста, 1941-53“ (La meglio gioventù) и „Нова форма на Најдоброто од младоста“ (La nuova forma de La meglio gioventù) од 1974 година. За своите мотиви да пишува на фурлански дијалект, во 1952 година, Пазолини напишал дека се нашол пред еден јазик од којшто бил одвоен, не свој, туку мајчин јазик на којшто зборувале луѓето кои силно ги сакал.[5]
Пазолини бил чудовиштен во очите на современиците, восхитен разурнувач и градител на стилот чија поетика не можела да биде издвоена од љубовта кон вистината. Тој бил истовремено наградуван и осудуван, ерудит кој понирал во бедата и виталноста на лумпенпролетеријатот, како и во младоста растргната меѓу невиноста и гревот. Според Галаверни, Пазолини „не го градел животот како да е уметничко дело, туку уметничкото дело како да е живот“. Антилирскиот карактер на неговата поезија се открива во структурата на кратките поеми „Пепелта на Грамши“ со кои им се спротивставил на традиционалните форми од тоа време (во прв ред, на херметизмот), определувајќи се за слободни стихови во терцети поврзани со рими или со асонанци или косонанци. За него, јазикот бил едно од средствата со кои ја изразувал својата одбивност кон интимистичкиот естетизам на XX век, а самиот си поставил цел да ги сочува загрозените дијалекти. Бескомпромисен во поезијата, Пазолини секогаш бил пред оние кои само го работеле она што морале, а односот кон неговото творештво е дамка на совеста на една епоха.[6]
Филм
Филмската кариера на Пазолини започнала во 1954 година, кога го напишал сценариото за филмот на режисеротМарио Солдати, „Девојката од реката“ (La dona del Fiume). Подоцна, во 1957 година соработувал во пишувањето на дијалозите за филмот на Федерико Фелини „Ноќите на Кабирија“ (Le notti di Cabiria) и оттогаш почнал поинтензивно да работи во филмската индустрија. Во 1961 година го снимил својот дебитантски филм „Паразит“ (Accattone). Следната година го снимил филмот „Мама Рома“ (Mamma Roma), а работел и на филмот „Рикота“ (La ricotta) кој бил дел од омнибусот Ro.Go.Pa.G.. Поради „Рикота“, во 1963 година, Пазолини бил обвинет за навреда на државната религија, по што бил осуден, но подоцна бил амнестиран. Во 1964 година, по повторното читање на Новиот завет во Асизи, Пазолини го снимил филмот „Евангелието по Матеј“ (Il vangelo secondo Matteo) чие дејство го сместил во Апулија и во Луканија. Во 1966 година, на филмскиот фестивал во Њујорк биле прикажани два негови филма: „Паразит“ и „Соколи и врапци“ (Uccelacci e uccellini), а во 1969 година го снимил филмот „Медеја“ во кој главната улога ја играла Марија Калас. Во 1970 година, Пазолини почнал да го снима циклусот „Животна трилогија“ (Trilogia della vita) составен од филмовите: „Декамерон“ (Il Decameron) од 1971 година, „Кентербериски приказни“ (I racconti di Canterbury) од 1972 година и „Цветот на Илјада и една ноќ“ (Il fiore delle Mille e una notte) од 1974 година. Најпосле, во 1975 година го снимил филмот „Сало или 120 дена на Содома“ (Salò o le 120 giornate di Sodoma), ја приредил верзијата за францускиот пазар, но не ја дочекал премиерата зашто бил убиен ноќта меѓу 1 и 2 ноември.[7]
Значење и влијание
Пазолини е опеана во песната „Отепан“ на полскиот поет Тадеуш Ружевич.[8] како и во песната „Остија (Смртта на Пазолини)“ (англиски: Ostia (The Death Of Pasolini)) на британската рок-група Коил (Coil) од 1986 година.[9]
Наводи
↑Valerio Magreli, „Biografska beleška“, во: Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 87-88.
↑Valerio Magreli, „Biografska beleška“, во: Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 88-90.
↑ 3,03,1Valerio Magreli, „Biografska beleška“, во: Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 90-93.
↑Valerio Magreli, „Biografska beleška“, во: Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 87-90.
↑Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 29.
↑Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016.
↑Valerio Magreli, „Biografska beleška“, во: Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 89-93.
↑Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 248-249.