Нелсон Мандела е роден во селото Тембу на 18 јули1918. Неговиот татко бил главатар на селото. Кога наполнил 7 години станал првиот член на неговото семејство што бил пратен на училиште. Таму, неговиот методистички учител му го дал името „Нелсон“. На 16 години почнал да го посетува Институтот „Кларкбери Бординг“, каде што учел за западната култура. По матурирањето на Колеџот „Весли“ во Форт Бофорт, се запишал на Форт Харе универзитетот, каде што го сретнал Оливер Тамбо, со кого станал доживотен пријател. На крајот од првата година, поради учество во бојкотот на Претставничкиот совет на студентите, тој бил принуден да се префрли на Универзитетот на Јужна Африка во Јоханесбург.
По победата на изборите од 1948 на Националната партија, која се залагала за политика на расна сегрегација, Мандела се истакнал во Кампањата за спротивставување на АНК од 1952 и во Конгресот на народот од 1955, кој усвоил “Повелба на слободата”, која била темел за анти-апартхајдската политика.
На почетокот Мандела се залагал за ненасилен отпор, но по масакрот во Шарпенсвил од март1960, придружен со забрана на АНК и на другите анти-апартхејдски групи, Мандела и неговите соработници се одлучиле за вооружено делување со цел да се извојуваат промени.
Затворање
Во 1961 Мандела станал водач на вооруженото крило на АНК. Ја координирал кампањата на саботажи против воени, владини и цивилни цели и правел планови за можна герилска војна ако не се успее да му се стави крај на апартхејдот преку саботажите.
На 5 август1962 бил уапсен и осуден на пет години затвор. По две години, при судскиот процес против многу истакнати водачи на АНК, при што речиси сите, а вклучително и Мандела, биле осудени на доживотен затвор.
Во годините што следеле, неговото затворање предизвикувало многу меѓународни осуди до апартхејдската влада во Јужна Африка, а неговиот углед постојано растел. Меѓу другото, во 1988 ја добил Сахаровата награда за слобода на говорот.
Поради големиот меѓународен притисок, владата во февруари 1985 му понудила на Мандела пуштање на слобода ако се откаже од вооружената борба, што тој го отфрлил. На крајот, на 11 февруари1990 претседателот на Јужна Африка, Фредерик де Клерк, наредил негово ослободување и тргање на забраната за делување на АНК. Во 1993, Мандела и Де Клерк заедно ја добиле Нобеловата награда за мир.
Претседател на Јужна Африка
Во 1994 Мандела бил избран за прв црнечки претседател на Јужна Африка. Де Клерк бил назначен за заменик-претседател во Владата на национално единство. Мандела останал на чело на државата до 1999, по што станал претставник на многу организации за заштита на човековите права.
Смрт
Мандела починал од инфекција на јазикот на 5 декември2013 во неговиот дом во Хухтон, Јоханесбург опкружен од неговата фамилија. Мандела имал 95 години.[2] Веста за неговата смрт ја објавил претседателот Џејкоб Зума.[2][3] На 6 декември претседателот Зума прогласил национална жалост во период од десет дена.
Мандела како тема во популарната култура
„Нелсон Мандела“ (Nelson Mandela) - песна на британската ска-група „Спешлс“ (The Specials).[4]
„Ослободете го Мендела“ (Free Mendela) - песна на црногорскиот музичар Рамбо Амадеус од 1989 година.[5]