Потекнува од сиромашно занаетчиско семејство. Се школувал во Кратово. Со формирањето на СКОЈ во училиштето, станал нејзин член во 1942 година. Активно се борел за сузбивање на активноста на бугарската фашистичка организација Браник, како и другите фашистички активности и насилства, против бугаризирање на младината, против ширењето и работата на другите фашистички организации и слични активности. По директива на СКОЈ, пишувал пароли на јавни места, растурал летоци и вршел курирска служба. Во текот на 1942 година организацијата добила задача за собирање оружје и муниција. Од бугарската противавионска посматрачница, Митко успел да подигне една пушка, револвер и поголемо количество муниција. Во март 1944 година дошло до провала на организацијата во училиштето, па повеќето од членовите биле затворени (помеѓу кои ѝ Митко) и одведени во централниот затвор во Скопје. Откако никој ништо не оддал биле ослободени. По ослободувањето од централниот затвор, со нападот на Кратово, на 25 април1944 година, тој заедно со другите негови соборци пристапил во редовите на Треттата македонска ударна бригада. Учесник бил во многу борби, а посебно се истакнал во Пролетната офанзива. На пат за Грција, бил ранет и оставен на лекување во партизанска болница, сместена на планината Плачковица. При обидот да се префрли на кумановски терен е откриен од бугарската фашистичка полиција, бил заробен и префрлен во штипскиот затвор.[1] Без судска пресуда, на 29 јули1944 година заедно со Глигор Пазавански, се стрелани крај десниот брег на реката Брегалница во близината на Штип.[1][2]
Една улица во неговиот роден град Кратово е именувана по него,[3] а исто така училиштето во селото Зеленград било именувано по него.[4]