Маркранштет може да се најде на околу десетина километри од центарот на Лајпциг, помеѓу Саксонија-Анхалт и станбената област во Лајпциг, Гринау, на западниот брег на езерото Кулквиц.
Во близина на градот Лајпциг и аеродромот Лајпциг/Хале (12 км), две врски со автопатот А9, две врски со А38 и железничката станица, му даваат на градот многу добра сообраќајна инфраструктура. Сојузните автопати Б87 и Б186 исто така поминуваат низ градот.
Административна структура
Маркранштет е административна област составена од самиот град и окрузите Алберсдорф, Алтранштет, Делен, Геренц, Грослена, Клајнлена, Мајен, Квезиц, Репиц, Шкајтбар, Шкелен, Трониц, Кулквиц, Герниц, Зебениш, Линденнаундорф, Франкенхајм и Пристеблих.
Историја
Првото документирано спомнување на Маркранштет било во 1285 како седиште на суд. Најверојатно е основан по основањето на соседната монашка населба Алтранштет, бил спомнат како пазарно место во 1287 и како мал град во 1354. Името е исто така изведено од неговото основање: бил основан како Ранштет (ran = „Место на чиста земја“), додека истовремено Ранштет станал познат како Алтранштет (Стар Ранштат). Потоа, Ранштет ги добил правата за одржување пазари, па оттука и денешното име „Markranstädt“.
Во 1633 година, во текот на Триесетгодишната војна, градот бил запален. Пожарот ги уништил, меѓу другите градби, градското собрание и сите негови документи. Епидемијата на чума од 1634 и гладот во 1639 довеле до драстично намалување на населението. Во 1650 Маркранштет броел околу 150 жители. Следната локална катастрофа се случила во 1671, кога 31 куќа биле уништени во голем пожар. На почетокот на XVIII век, градот почнал повторно да се обновува. Маркранштет учествувал во светската историја на 23 јули 1807, кога Наполеон Бонапарт, заедно со неговите помошници престојувал во гостилницата „Zum Rosenkranz“. Особено бил погоден од Битката на народите во 1813, која се одиграла во непосредна близина. Маркранштет доживеал економски напредок кон крајот на XIX век.
Знаменитости
Кулквицско Езеро (Kulkwitzer See), со површина од 1,6 км2
Црква Свети Лорент
Замок Алтранштет (Schloss Altranstädt)
Спорт
Маркранштет се опишува себеси како „спортски град“. Женскиот ракометен клуб SC Markranstädt успешно игра во втората лига во Германија. Машкиот одбојкарски клуб Маркранштет стигнале во 2006 во четвртфиналето во првата лига во Германија. Во истата година, клубот се споил со VV Leipzig и станале VC Leipzig.