Кушево или Моланце (грчки: Κοκκινιά, Кокинија, до 1927 Κούσοβον, Кусовон)[2] — село во Општина Кукуш во Кукушкиот округ, Егејска Македонија, денес во областа Централна Македонија, Грција.
Селото се наоѓа на 15 километри севеоисточно од градот Кукуш, на неколку километри од грчко-македонската граница, во близина на североисточниот брег на Дојранското Езеро на западниот дел од планината Карадаг. Селото се наоѓа на надморска височина од 318 метри.
Кушево опфаќа површина од 23 квадратни километри[3].
Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Кушево се состоело од 82 семејства и 340 жители Македонци и 45 муслимани[4][5] Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година Кушево имало 240 жители Македонци[4], 200 Турци и 60 Роми[6].
Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 280 Македонци и работело егзархиско училиште[4][7].
Во текот на Втората балканска војна, селото било опожарено од страна на грчките војски а самото македонско население било принудено да побегне од своите домови. Голем дел од македонското население заминало од селото кон Струмица и околните села[3] како и во Бугарија.
По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Грција. На пописот од 1913 година биле евидентирани 340 жители, додека на пописот од 1920 година, во селото биле евидентирани 335 жители.
Според Лозанскиот договор, во селото било населено грчко население од Мала Азија, Источна Тракија и Понд, додека муслиманското население било принудено да си замине од селото. Во 1927 година, селото било преименувано во Кокинија.[8]
Во 1928 година селото било чисто бегалско со 249 жители бегалци.[9], додека во 1940 година селото броело 420 жители.
Селото во пописот од 1951 година броело 179 жители, на пописот од 1961 година, во селото живееле 212 жители, во 1971 година имало 162 жители, во 1981 година имало 143 жители, додека во 1991 година имало 114 жители[10]. Денеска, населението на селото е 111 жители според пописот од 2001 година.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес: