Илузија е дебитантскиот филм на Ристовски. По неговата премиера во Канада и САД, добро е прифатен од тамошните критичари кои го фалат неговиот бескомпромисен реализам и изведбата на Марко Ковачевиќ во главната улога.[6] Споредуван со Ивановото детство на Андреј Тарковски,[6][7] филмот добива награда за Најдобар филм на Меѓународниот Филмски Фестивал „Anchorage“ во 2005 година[2][8][9], а номиниран е и за Гран при на Меѓународниот Филмски Фестивал во Токио една година претходно[8][10].
Дејството на филмот се случува во Велес за време на првите години од независноста на Република Македонија. Приказната се врзува за 13-годишното момче Марко Трифуновски (Марко Ковачевиќ), талентирано момче што расте во семејство на татко пијаница - Лазо (Владо Јовановски), преплашена мајка од која нема никаква поддршка - Анѓа (Елена Мосевска) и промискуитетна, надмена сестра Фани (Славица Манаскова). На училиште, Марко е постојано малтретиран од Леви (Мартин Јовчевски), син на албанскиот шеф на полицијата Блашко (Дејан Ачимовиќ). За да избега од проблемите, Марко често игра шах на локалните гробишта сместени крај железничката. Два ментори му ветуваат подобра иднина на Марко - босанскиот професор по македонски јазик (Мустафа Надаревиќ) и исплашениот војник Парис (Никола Ѓуричко) - но потоа и двајцата го изневеруваат, што на крајот предизвикува катастрофална промена кај него - станува криминалец и го убива својот професор. Илузорната природа на овие надежи најдобро е конципирана во епиграфот на филмот, еден афоризам од Човечко, премногу човечко на Фридрих Ниче :"Надежта е најлоша од сите зла, зашто ги продолжува човековите измачувања."[11]
Крај на информациите поврзани со дејствието и/или расплетот.
Заработка, реакции и награди
Заработка
Во САД, филмот има премиера само во едно кино на 17 март2006 година и таму заработува $1,511 во текот на еднонеделното прикажување.[12] Севкупно, филмот има заработено $2,241 во Соединетите Држави.[12]
Реакции
Филмот е добро прифатен од критичарите. На Rotten Tomatoes држи "свеж" рејтинг 82% врз основа на 11 рецензии, со 86% одобрување од страна на најдобрите критичари и нивните 7 огледи.[13] На Metacritic, филмот има исто така позитивен метаскор од 61% од 8 рецензии.[14]
Воопштено, критичарите даваат многу позитивен осврт на бескомпромисниот реализам. По својата премиера во Торонто, списанието Variety го пофалува филмот како "скромен триумф на бестрашна глума и остар социјален коментар".[6] И во САД е пропратен со истата пофалба: "Ристовски бара од нас да ги почувствуваме страдањата на неговата нација и, на крајот, успева,"[15] пишува New York Daily News. The Hollywood Reporter го оценува начинот на кој е обработена приказната за Марко како "непрекинато тмурен и моќен",[16] а TV Guide го смета филмот за "напнат [и] неизвесен", а истовремено и за "особено убав".[17]New York Times ѝ забележува на приказната која ја оценува за "слабо развиена", но сепак заклучува дека филмот е "застрашувачки прозорец кон балканската земја".[18]Village Voice, пак, го окарактеризира филмскиот приказ на младешките страдања како "извештачена евокација на безнадежноста".[19]
Како и да е, филмот, исто така, наидува и на неколку негативни критики. New York Post, на пример, вели дека филмот е "здодевен, очаен и бесмислен",[20] а списанието Slant смета дека Марковата приказна е "очајничка" и "нереална" живописно заклучува дека филмот "го влече трупот на Били Елиот низ вода од одводен канал".[21] По неговата европска премиера, дневниот Утрински весник го пофалува реализмот и визуелната истанченост на филмот, но, сепак, рецензијата ја завршува со критика на нагласувањето на страдањето што резултира филмот да е едностран.[22]
Единствената константа што се провлекува низ сите критики е истакнувањето на Марко Ковачевиќ кој ја игра главната улога во филмот. Неговата изведба е оценета како "извонредна" од списанието Variety[6] и "супериорна" од The Hollywood Reporter,[16]. Village Voice, пак, му честита за можноста да го "каналира нежното и дивото со подеднаква леснотија"[19] при неговото портретирање на протагонистот.
↑ 6,06,16,26,3Еди Кокрел. „Mirage (Илузија)“. Списание Variety. Посетено на 2008-09-16. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)