Дихтау (руски: Дыхтау, карачајско-балкарски: Дых тау) — планина во републиката Кабардино-Балкарија, Русија чиј врв лежи на само 5 км северно од границата со Грузија. Ова е втора планина по висина на Кавказот, по Елбрус и втора по висина во Европа. Името ѝ доаѓа туркискиот поим дик даг со значење „остра планина“.
Најдобриот пристап е од север (од руска страна). До селото Безенги се доаѓа од Наљчик (Кабардино-Балкарија) со јавен превоз кој сообраќа поретко; од ова место се изнајмува теренско возило до алспкиот логор „Безенги“ на висина од 2.180 м. Од логорот потребни се два дена за да се дојде до базата на искачување (шаторскиот логор). [2]
Ова е еден од највеличествените врвови на Кавказот кој гледа кон Ѕидот Безенги спроти истоимениот ледник. Првпат е освоен во 1888 г. од А. Мамери и Х. Царфлу преку Југозападниот Срт, иако денес искачувањето се одвива по Северниот Срт со тежина од 4Б според руската класификација.
Почнувајќи од Мисескош, до сртот се доаѓа најпрвин преку Западниот Срт на Мисестау, продолжувајќи кон шаторскиот логор крај висечки ледник кој се спушта од Северниот Срт на Дихтау, на 4 часа од Мисескош. Потоа се преминува длабоко всеченото седло помеѓу Мисестау и Дихтау, па се следи Северниот Срт сè до највисоката точка. Од шаторскиот логор потребни се два дена до врвот, а по Северниот Срт има неколку добри места за логорување.[3]