Со неговото крунисување, Ричард I „Лавовско Срце“ најпрвин користел свој грб со два бујни лава на црвено поле, меѓутоа кон крајот на животот го прифатил штитот со три расчекорени лава на црвено поле.[1]
Потеклото на третиот лав не е познато.[2] Според едно предание, третиот лав бил додаден кон двата постоечки нормански лава за да се претстави англонорманското кралство. Според едно друго предание, кон двата леопарда бил додаден и трет, кој бил симбол на Аквитанија бидејќи Хенри II, првиот анжујски крал, со брак го добил и војводството Аквитанија пред да стане крал на Англија. Други хералдичари пак, тврдат дека во раниот период на развојот на хералдиката бројот на норманските лавови не бил строго определен, туку тоа било чисто уметнички избор. Според нив, од овие причини Англија добила три, а Нормандија само два лава.
Во 1801 од грбот на Обединетото Кралство се изостава францускиот грб кога кралот Џорџ III се откажал од правото на францускиот престол. Од тој момент наваму, хералдичкиот приказ на Англија ја следи варијантата од 1198 и 1340 г. - три златни лава на црвен штит.[1]
Денес
Денес грбот на Англија никаде не се користи во официјално својство, но стои во првата и четвртата четвртина на грбот на Обединетото Кралство и во првата четвртина на грбот на Канада.
Грбот денес во јавноста највеќе се користи во спортски натпревари и првенства како симбол на поддршка за татковината.
Употреба во други грбови
Со ширењето на Британската Империја грбот на Англија (или негови елементи), се вметнува во грбовите на голем број други земји и територии.
Лавови или леопарди
Францускиот бил службен дворски и управен јазик неколку века по норманското освојување. Во француските блазони (без дополнителен опис), зборот „лав“ (lion) секогаш подразбира буен лав; лавот-чувар кој е расчекорен, (т.е. кој оди напред свртен кон набљудувачот) секогаш се нарекува „леопард“ (léopard). Бујниот лав-чувар се нарекува léopard lionné, а лавот кој е расчекорен но со главата во профил се нарекува lion léopardé. Ова се поими кои го означуваат ставот на животното, а не неговиот вид.