Везув (италијански: Vesuvio, латински: Vesuvius) — еден од четирите активни вулкани во Италија на истоимената планина. Вулканот се наоѓа на брегот на Неаполскиот Залив во близина на градот Неапол, па населението од овој град е во непријатно исчекување на активирањето на вулканот. Овој вулкан е познат во историјата по големата ерупција од 79 година кога биле погодени и уништени римските градови Помпеја и Херкуланеум. Оттогаш вулканот еруптирал многупати со што предизвикал соодветни штети.
Според Римјаните, планината Везув е посветена на грчкиот митолошки јунак Херакле (Херкул), во чија чест градот Херкуланеум го добил името.
Потекло на името
Името на Херкул, син на Зевс често се наоѓа и како Huesou hios (син на Хеј), со транслитерација на ou во V и на неколку други слогови како hy го дава зборот VESVVIVS - Vesuvius
Исто така значаен е и зборот од осканскиот јазикfestf што значи чад, и праиндискоевропскиот корен ves што значи карпа (најверојатно магматска карпа).
Образување
Вулканот се образувал со две тектонски поместувања, на Африка и Евроазија. Претходниот го подбутнал подолу подоцнежниот, а од кората се создала магма. Бидејќи магмата е полесна од карпата, таа се придвижувала нагоре кон послабите места на Земјината кора формирајќи вулкан.
Карпите на вулканот коишто постојат денес се стари околу 25.000 години.
Ерупции
Вулканот Везув еруптирал повеќепати, а се претпоставува дека неговата прва ерупција била околу 1800 г.п.н.е., уште во бронзеното време. Но, ерупциите на вулканот многу зачестиле по големата ерупција во 79 година кога се претпоставува дека починале 16.000 жители на околните места. Вулканот повторно еруптирал во 172, 203, 222, можеби во 303, 379, 472, 512, 536, 685, 787, околу 860, 900,968, 991, 999, 1006, 1037, 1049, околу 1073, 1139, 1150, како и во 1270, 1347 и 1500. Вулканот повторно еруптирал во 1631, 6 пати во XVIII век, 8 пати во XIX век (познато за 1872), како и во 1906, 1929 и 1944 година кога е најсилната ерупција по таа во 79 година. Ерупцијата во 1944 година предизвикала 49 жртви.
Според италијанскиот геолог Франческо Русо, шансите Везув повторно да еруптира во наредните сто години се 27 проценти, а мерките за заштита на населението, според Русо, не се соодветни. Доколку Везув се разбуди, загрозени ќе бидат околу 600 илјади луѓе, кои можеби не би успеале да се евакуираат сите.