Ѓумбир (науч. Zingiber officinale) — цветно растение од Азија чиј ризом се користи како зачин и како народен лек.[2]
Ова е лиснато повеќегодишно растение кое се состои од едногодишни лажни стебла (свиткани лисни дршки) со тенки листови и високо е околу еден метар. Соцветијата имаат бледожолти цветови со виолетови примеси кои никнуваат право од кореништето на посебни фиданки.[3] Растението му припаѓа на семејството на ѓумбирите (Zingiberaceae), во кое спаѓаат и куркумата (Curcuma longa) и кардамомот (Elettaria cardamomum). Ѓумбирот води потекло од тропските дождовни шуми во јужна Азија каде растенијата се одликуваат со значајна генетска разноликост.[4] Се вбројува меѓу првите источни растенија доведени во Европа со трговијата со зачини уште во стариот век и се користел во Стара Грција и Рим.[5] Растенијата од родот копитник (Asarum) се нарекуваат див ѓумбир поради сличниот вкус.
Ѓумбирот потекнува од тропските низински шуми во подрачјето од Индискиот Потконтинент до јужна Азија,[5] каде и денес највеќе се произведува. Во овие краишта и денес се среќаваат диви сродници на ѓумбирот,[5] а истото важи и за други тропски и суптропски делови од светот како Хаваите, Јапонија, Австралија и Малезија.[4]
Растението има лутникав вкус и својствен мирис.[5] Младите ризоми се сочни и месести, со поумерен вкус. Се користи свеж во готвењето, скиселен во оцет или отстоен во ракија. Од него се прави билен чај, се приготвуваат ѓумбирови напитоци или се кандира. Кога е сомелен, ѓумбирот се става во колачи, бисквити и други слатки јадења.
Узреаните ризоми се влакнести и речиси сосема суви. Сокот од коренот е честа состојка во индиската, кинеската, корејската, јапонската, виетнамската и други азиски кујни.
Во 2014 г. во светот се произведени 2,2 милиони тони ѓумбир, од кои 30 % во Индија, 19 % во Кина, 13 % во Непал, 12 % во Индонезија и 7 % во Тајланд.[6]
Сировиот ѓумбир се состои од 79 % вода, 18 % јаглехидрати, 2 % белковини и 1 % масти. Секои 100 грама ѓумбир даваат 80 калории и содржат умерени количества на витамин Б6 (12 % од дневниот внос, ДВ) и минералите магнезиум (12 % ДВ) и манган (11% ДВ), а во друг поглед имаат ниска хранлива вредност.
Кога е во сомелен облик, една кафена лажичка (5 грама) содржи 9 % вода и занемарливи хранливи состојки, со исклучок на манган (70 % ДВ).[7]
Ако се внесува во разумни количини, ѓумбирот начелно не предизвикува несакани дејства.[8] иако знае да заемодејствува со некои лекови како варфарин (противзгрутчувач)[9] и нифедипин (за крвоток).[10]
Мирисот и вкусот на ѓумбирот се должат на испарливите масла кои се застапени со 1-3 % од свежиот корен, и тоа зингерон, шогаол и гингерол.[2][11] Зингеронот се добива од гингеролот при сушење на ѓумбирот, и е послаб, со луто-слатка арома.[11]
Ѓумбирот го поттикнува создавањето на плунка во устата, што го олеснува голтањето.[12]