Поглед на црквата
Свети Никола — главна селска црква во горнореканското село Бродец. Црквата се наоѓа во средишниот дел на селото.
Црквата е изградена во текот на XIX век.
Градбата на црквата има правоаголна основа, со полукружна апсида на источната страна. Од средишниот дел на покривот се издига осумаголна купола, којашто содржи по еден затворен правоаголен прозорец на јужната, северната, западната и источната страна. Влезната врата се наоѓа на јужната страна, а над неа има ниша со фреска на којашто е претставен Свети Никола. Внатрешноста на црквата е живописана, а фрескописот и иконостасот биле изработени од членови на мијачката зографска школа.
Дворот на црквата е ограден со бетонска ограда. Камбанаријата е сместена непосредно до западниот ѕид на црквата. Таа се состои од два дела, од кои првиот е изграден од камен и содржи залачени отвори на јужната и северната страна, додека вториот претставува шестаголна метална конструкција со пирамидален дрвен кров.