Храмот се наоѓа во маалото Катаконози во источниот дел на градот. Годината на изградба на првичната црква е непозната. Серскиот летописец поп Синодин Попсидеров во 1619 г. пишува за парохија на „Св. Бессребреници“. Натпис во припратата вели дека е одновоо преизграден во 1817 г. од Димитриј Атанасиу.[1]
На постоењето на постара црква укажува тоа што градбата е пониска од патот и од откриените темели на длабочина од 8 метри. Втор натпис врз надворешниот североисточен агол исто така говори за општа обнова на црквата.[1]
Трет натпис во нартексот вели дека само по 50 години црквата била уништена во пожар и наполно обновена. Натписот е датиран 30 мај 1867 г.[1]
Веројатно во истата 1867 г. на храмот работеле мијачките зографи Христо, Исаија, Кузман и Серафим Фрчковски.[2] Иконата „Неверен Тома“ (1856) е дело на зографот Јаков Мелнички.[3] На икона на св. Јован Крстител, над главата на светецот е ставена тепсија со полуизбришан кирилски натпис на еден ред, кој е речиси целосно уништен, и едвај се читаат само последните два збора „КРТТЛѦ ГПДНѦ“, т.е. КРЬСТИТЕЛѦ ГОСПОДНѦ.[4] На друга икона има натпис со името Воден: „ΔΙΆ / ΣΥNΔРОМНS / КАÌ ΔАПΆNНS TωN / ΛАТРАПΆZIΔωN BOΔENON / ... εrς μνημόσυ(ν)... αυτων... 1868 μαιυ – 20“ (Со соработката (помошта) и на трошок на... Воден / За спомен ... 1868 мај, 20).[5]
Храмот се спасил во големиот пожар за време на Втората балканска војна во јуни 1913 г., задржувајќи го обликот од 1867 г. Во реставрацијата од 1998 г. е откриено дека наосот е изграден од редови камен и тула, а нартексот само од тули. По облик градбата е трикорабнабазилика со седлест покрив и димензии 24 м во должина, 14 м во ширина и 8 м во висина. Покривот однатре има ниска слепа купола која не излегува низ покривот. Шестаголната камбанарија има пет ката и висока е 20 м, изградена во 1892 г.[1]
Во внатрешноста има 12 столбови високи 6 м. Дрвениот таван има геометриски форми. Олтарот има три ниши. Иконостасот е резбан и позлатен, изработен од месни мајстори во 1867 г. со четири реда икони. Од истото време се и владичкиот престол и амвонот. Проскинитарите, свеќниците и клупите се нови. Има пет кристални полилеи и четири големи свеќници — два мермерни и два бронзени од 1871 г. Храмот има стотина пренослливи икони од XIX век, од кои голем број се со голема уметничка вредност.[1] Црквата е живописувана од 1867 до 1870 г. со убави фрески, чии натписи даваат вредни информации за серските еснафи.[6]
Во 1990 г. црквата е прогласена за заштитен споменик на културата.[7]