Свети Архангел Михаил — главна селска црква во валандовското село Грчиште.
Местоположба
Црквата се наоѓа на самото сретсело во Грчиште.
Историја
Според натписот над споредната врата од западната страна, кој е оштетен и тешко читлив, црквата била изградена во 1849 година. Годината е испишана во ниша над крст изведен во релјеф.[1]
Архитектура
Градбата на црквата е трикорабна, со рамни дрвени тавани, потпрени на шест столба. Таа содржи женски дел во нејзината западна страна, а на источната страна завршува со полукружна апсида. Кон јужната страна, каде е сместен главниот влез, е доградена припрата.[1]
Во дворот на црквата се наоѓаат камбанаријата и помошен објект. Камбанаријата има квадратна основа и истата се издига над оградата од дворот, непосредно од левата страна на влезната порта. Таа е поделена во два дела, при што долниот дел е понизок и со поголема основа, додека горниот дел е повисок и на секоја од четирите страни има по една монофора.
Фрескоживопис
Внатрешноста на црквата е фрескоживописана, а автори на фреските се браќата Доневи од селото Гари.[1]
Икони и иконостас
Во црквата има иконостас кој е широк околу десет метри и е исполнет со вредни стари икони од XIX век. Царските двери се изработени во резба и претставуваат ретко убаво копаничарско дело од XIX век на просторот на јужновардарскиот регион. Не е познато името на авторот, но не се исклучува можноста да бил Андон Китанов, кој подолго време работел во овој крај.[1]
Галерија
-
Јужната страна со главниот влез на црквата
-
Камбанаријата на црквата
-
Камбанаријата (лево) со влезната порта (десно) од дворот на црквата
-
Помошен објект во дворот на црквата
-
Грчиште, камбаната и школото, 1931
-
Камбанаријата
-
Поглед на црквата
-
Камбанаријата
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Цркви во Општина Валандово |
---|
| | | |
---|
| |
|