Поглед на црквата
Свети Ѓорѓи — главна селска црква во кичевското село Лазаровци, Македонија.[1] Прогласена е за споменик на културата на Македонија.
Црквата се наоѓа во самото село и околу нејзе се наоѓаат селските гробишта.
Црквата е сместена над селото, а во нејзин склоп се наоѓаат и селските гробишта. Покрај црквата се наоѓаат стари гробови, кои потекнуваат од османлискиот период, на кои пишува дека покојните не умреле од природна смрт, туку напротив безмилосно биле убивани од страна на Арнаутите.[2]
Црквата е градена од крајот на XVI век[3] или почетокот на XVII век,[4] но неосновано се тврди дека е од постар датум,[5] како што истото го истакнува Тома Смиљаниќ.[2]
Мештаните не знаат кога е подигната, освен дека е средновековна.[6]
Храмот е мал и еднокорабен.[5] Ѕидовите на црквата се градени од камен намачкани со малтер, а е покриена со камени плочки.[6]
Црквата е широка 2,4 метри, долга е 4,2 метри, а висината во највисокиот дел изнесува 3,5 метри. Ѕидовите се градени од камен и варов малтер, а покривот со камени плочки. Покривот е граден на две води, а под нив се наоѓа слој на земја која ја чува внатрешната температура постојано на 18 степени целзиусови. Ова придонело сè до денешен ден да се зачува фрескоживописот.[7]
Внатрешната структура на просторот е организирана како еднокорабен наос со калота, олтарски простор со полукружна апсида однатре и петострана апсида на надворешната страна од источниот ѕид, и една полукружна нишa во жртвеникот. Црквата е со влез од западната страна.[4]
Во минатото црквата поседувала трем, кој веројатно бил изграден во истиот период кога била подигната црквата или можеби нешто подоцна и имал исти градежни одлики, како и црквата. Стариот трем бил урнат во јуни-јули 2012 година, а на негово место бил изграден нов трем со купола. Во стариот трем имало четири прозорски отвори на северниот ѕид и мал правоаголен прозорец во средината на петстраната апсида однадвор, кој се пробива низ дебелината на ѕидот во близина на нивото на теренот, а служел за проветрување на олтарот. Со новиот трем се намалени дебелината на ѕидовите, биле поставени четири прозорци на северниот ѕид, два на јужниот и по три носечки столбови на секоја од страните. Исто така, била изградена осумстрана купола со прозорски отвор на секоја од страните.[4]
Внатрешноста на црквата е живописана. Традиционалната идејно-тематска концепција на сликаната програма се одликува со хармоничен колорит, шематизиран цртеж и геометризирани облици, со извесни обиди за пластична моделација на светителските ликови.[6]>
Фрескоживописот потекнува од периодот на постанокот на црквата Св. Ѓорѓи. Ѓоѓе Мано Зиси го споменува селото Лазаровци и кажува дека во црквичката се наоѓал запис во кој се споменувал Кралот Твртко I и жена му.[7]
На најголемиот дел од фреските се забележуваат оштетувања за кои итно треба да се интервенира од страна на конзерваторите за да се заштити барем тоа што е останато. Фрескоживопис имало и на предниот дел на влезот во црквата. Меѓутоа, при изградбата на трпезаријата тој во голема мерка е оштетен.[7]
Иконостасот е изработен во XIX век.[3]
Едно од најголемите црковни ѕвона во целата Кичевија се наоѓа токму во камбанаријата на црквата. Камбанаријата е направена во 1936 година, а ѕвоното е донесено од Австрија.[7]
Во поново време е подигната нова помала камбанарија.
Во црквата се чуваат повеќе евангелија на старословенски јазик кои настанале во XIX век.