Хрватскиот народен театар во Загреб (хрватски: Hrvatsko narodno kazalište u Zagrebu), вообичаено познат како ХНК Загреб, е театар, опера и балет сместен во Загреб.[2]
Историја
Првиот загребски театар бил изграден во 1836 година и бил сместен во зградата на сегашното старо градско собрание. Хрватскиот народен театар бил основан во 1860 година, и веќе следната година добива државни средства за да биде на исто ниво со другите европски народни театри. Во 1870 година била додадена оперска компанија на театарот, и во 1895 година театарот бил преместен во ново-изграден објект на Плоштадот Република Хрватска каде што се наоѓа и на денешен ден.
Австроунгарскиот цар Франц Јосиф I присуствувал на самото отворање на новиот објект при неговата посета на градот во 1895 година.[1]
Објектот бил проект на познатите виенски архитекти Фердинанд Фелнер и Херман Хелмер, чија фирма изградила неколку театри во Виена. Прослава за стогодишнината на објектот била одржана на 14 октомври 1995 година.
На влезот на самиот театар се наоѓа ѕидна фонтана наречена Извор на животот (Zdenac života), проектирана од хрватскиот уметник и вајар Иван Мештровиќ во 1905 година.[3]
Многу од хрватските водечки уметници работеле во театарот. Прв менаџер и драматург бил поетот Димитрија Деметер, кој бил водечки активист на движењето за хрватска народна преродба, а додека Иван Зајц бил прв диригент. Јаков Готовац бил оперски диригент од 1923 до 1958 година. Познатиот хрватски театарски режисер Бранко Гавела ја започнал својата кариера тука, како и првата хрватска прима балерина Миа Чорак Славенска.
Во театарот исто така гостувале многу познати меѓународни уметници, вклучувајќи ги Франц Лист, Сара Бернар, Франц Лехар, Рихард Штраус, Жерар Филип, Вивиен Ли, Лоренс Оливие, Жан-Луј Баро, Питер Брук, Марио дел Монако и Хосе Карерас.[4]
Поврзано
Наводи
Надворешни врски