Хималија (старогрчки: Ἱμαλία) или Јупитер VI — најголема неправилна месечина на Јупитер и шеста негова месечина по големина, а по маса помала само од четирите Галилееви месечини. Откриена е од американскиот астроном Чарлс Дилон Перин во Ликовата опсерваторија на 3 декември 1904 г. и наречан по нимфата Хималија, која му родила три сина на Зевс (Јупитер). Ова е меѓу најголемите планетарни месечини во Сончевиот Систем чиј изглед не е познат во подробност.[1]
Од 1955 до 1975 г. месечината го носела името Хестија, наречена по старогрчката божица.[8]
Орбита
На растојание од 11,5 милиони километри од Јупитер, Хималија прави круг околу планетата за 251 (Земјин) ден.[9] Претставува најголема во групата месечини наречена по неа кои кружат околу Јупитер на растојание од 11,4 до 13 милиони километри при наклон од 27,5°.[10] Орбиталните елементи постојано се менуваат поради растројувањата на Сонцето и планетите; тука наведените податоци важат за јануари 2000 г.[2]
Физички особености
Вртежниот период на Хималија изнесува 7 ч 46 м 55±2 с.[7] Како и другите месечини од групата, има неутрален (сив) изглед, со бојни показатели B−V=0,62, V−R=0,4, слично на астероид од типот C.[11] Испитувањата на „Касини“ потврдуваат дека има безличен спектар, со мало впивање при 3 μм, што може да се должи на присуството на вода.[12]
Маса
Во 2005 г. рускиот астрофизичар Николај Емелјанов ја проценил масата на Хималија на 4,19×1018 кг (GM=0,28), водејќи се по растројувањето на Елара од 15 јули 1949 г.[5] Порталот „Динамика на Сончевиот Систем“ на Лабораторијата за реактивен погон од САД наведува маса од 6,7×1018 кг (GM=0,45) и пречник од 85 км.[4]
Густината на месечината би зависела од тоа дали истата има просечен пречник од 67 км (геометриска средина од „Касини“)[5] или 85 км.[4]
Истражување
Во ноември 2000 г. на пат кон Сатурн леталото „Касини“ направило низа слики од Хималија на оддалеченост од 4,4 милиони километри. Иако зафаќа само неколку пиксели од снимката, јасно е дека се работи за издолжено тело со оски во должина од 150±20 и 120±20 км, приближно на проценките направени од Земјата.[3]
Во февруари и март 2007 г. на пат кон Плитон леталото „Нови хоризонти“ исто така направило слики, но на растојание од 8 милиони километри.
↑Jewitt, David C.; Sheppard, Scott & Porco, Carolyn (2004). „Jupiter's Outer Satellites and Trojans“. Во Bagenal, F.; Dowling, T. E. & McKinnon, W. B. (уред.). Jupiter: The planet, Satellites and Magnetosphere(PDF). Cambridge University Press.
↑
Rettig, T. W.; Walsh, K.; Consolmagno, G. (December 2001). „Implied Evolutionary Differences of the Jovian Irregular Satellites from a BVR Color Survey“. Icarus. 154 (2): 313–320. Bibcode:2001Icar..154..313R. doi:10.1006/icar.2001.6715.