Хан Дере или Хандере (грчки: Ξενόρρευμα, Ξενόρευμα, Ксеноревма или Ξενόρεμα, Ксенорема; до 1940 г. Χάν Ντερέ или Χαν Δερέ, Хан Дере[1][2]) — поранешно село во Валовишко, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Синтика на Серскиот округ, Грција. Било населено со Јуруци.[3]
На крајот од XIX век Хан Дере било село во Демирхисарската каза на Серскиот санџак населено со Турци Јуруци.[3]
За време на Втората балканска војна во 1913 г. селото е растурено.[3] Истото отсуствува од пописот од 1920 г. Обновено е во 1924 г. кога во него се доведени грчки колонисти. Во 1928 г. во него се попишани 50 лица.[3]
Во 1940 г. селото е преименувано во Ксинорема. Истата година во него се попишани 80 лица, од кои 56 мажи, што укажува на тоа дека тука била сместена воена единица.[3] Селото настрадало во 1941 г. за време на Втората светска војна и било повторно напуштено. По војната обновата на селото не била дозволена од стратешки причини бидејќи лежи на границата.[3] Отпишано е во 1951 г.
Во 1968 г. месноста е повторно преименувана, овојпат во Анапавтирон (Άναπαυτήριον).[5]