Телефонска густина – број на телефонски приклучоци на сто жители кои живеат во одредено подрачје. Истата се разликува како меѓу државите така и меѓу урбаните и руралните подрачја во рамките на една држава. Телефонската густина има значајна корелација со БНП по жител на даденото подрачје.[1] Таа се користи и како индикатор на куповната моќ на средната класа на државата или подрачјето.
Одредување на телефонската густина
Првично телефонската густина се пресметувала како број на фиксни телефонски линии на сто жители. Но со растечкиот број на земји кои регистрирале повеќе мобилни од фиксни претплатници, овој метод станал помалку значаен. Како алтернатива била предложена „мобилна телефонска густина “ како број на мобилни претплатници на сто жители. Од друга страна овој метод бил неповолен за земјите кои имале добро развиена фиксна телефонска мрежа и за оние кои сè уште имале слабо развиена мобилна мрежа, па Меѓународната унија за телекомуникации предложила воведување на „делотворна телегустина“ која била дефинирана како фиксни или мобилни претплатници на сто жители – повисокиот број.[2]
Фиксните телефонски линии на сто жители се добиваат кога бројот на фиксни телефонски линии се подели со вкупното население и се помножи со 100. Во фиксни телефонски линии спаѓаат сите линии на кои им е доделен телефонски број од телефонската нумерација на фиксната мрежа, без разлика на технологијата преку која истиот е реализиран (бакарна парица, оптика, безжична врска). Од своја страна пак една ДМИУ линија може да има повеќе говорни канали, заради што МУТ препорачал дека сите земји треба да ја достават методологијата на пресметка за да може да се обезбеди споредба.[2]
Мобилните претплатници на сто жители се добиваат кога бројот на мобилни претплатници се подели со вкупното население и се помножи со 100. При оваа пресметка се вклучуваат и постпејд и припејд корисниците. Корисниците кои биле неактивни во последните три месеци не се вклучени во пресметката.[3]