Успешен млад доктор, Лазар Перков, оженет за прекрасна жена со која има дете. Тој има сè – дури и неговите пријатели и роднини го нарекуваат „Лаки“. Но, изгледот некогаш залажува; и покрај сите земски задоволства, Лазар константно се обидува да ги задоволи своите мајка, татко и незаинтересирана сопруга. Секој ден му е ист, сè додека еден ден едвај преживува тешка сообраќајна несреќа.
По закрепнувањето, Лазар се соочува со луѓе кои наизглед умираат повеќепати, и секогаш ја носат истата порака: „Врати го она што не е твое. Имај почит.“ Откако Лазар сфаќа дека овие негови привидувања не се само соништа, туку дел од секојдневниот живот, тој доаѓа до заклучок дека тие се изгубени души кои сè уште не нашле мир во другиот свет, и успева да открие што всушност треба да врати.
Крај на информациите поврзани со дејствието и/или расплетот.
Филмот своја премиера доживува на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, а прикажан е и на уште неколку други познати фестивали. Во основа, истиот е добро прифатен, при што еден филмски критичар има изјавено дека истиот е „најамбициозниот филм на Манчевски до денес“. Патрик Мек Гевин од Screen Daily вели дека Сенки е „гламурозен и уредно среден [и дека Манчевски…] има добро око за композиција, водено од сензуалната, убава фотографија на италијанскиоткинематограф Фабио Чанкети.” Како особен квалитет на филмот Мек Гевин ја издвојува и „заводливата, откривачка улога на живата, особено привлечна млада глумица Весна Станојевска, професионален музичар во своето филмско деби. Таа на филмот му вбгризува особен еротски интензитет”.[4] За режисерот на филмот, пак, Милчо Манчевски, Сенки„е приказна за односот кон ближниот свој“[5]. Заедно со Балкан-кан, Сенки е најгледаниот филм во македонските кина.