Природно-математичкиот факултет во Скопје е јавна високообразовна установа која врши високообразовна, научноистражувачка, применувачка и издавачка дејност од областа на математичките, физичките, хемиските, биолошките, географските, етнолошко-антрополошките и информатичките науки, како и од други подрачја, кои се во врска со основната дејност на Факултетот.
Историја
На 16 декември, 1946 г., на Природно-математичкиот оддел, кој, заедно со Историско-филолошкиот оддел го сочинуваа Филозофскиот факултет, започна првата високошколска настава во Република Македонија, на катедрите за математика, физика, хемија, биологија и географија со етнологија. Тоа беше првиот факултет кој почна да изведува настава на македонски јазик по Втората светска војна. Формирањето на Филозофскиот факултет била насушна потреба во тоа време. Тоа претставува дел од македонската историја и, конечно, можност да се остварат заветите на нашите предци, кои уште во почетокот на минатото столетие направиле прв, но, за жал неуспешен обид, да основаат македонска педагошка академија.
Во периодот од 1946 г., па во наредните 12 години, Природно-математичкиот оддел беше дел од Филозофскиот факултет. Тоа се првите почетоци, кога со голем ентузијазам на најуспешните средношколски професори, заедно со угледни професори од Белград, Загреб и Љубљана, се поставени темелите на развојот на природно-математичките науки во Република Македонија. Во тој ран период се образовани голем дел од идните професори на Природно-математичкиот факултет, кои подоцна ќе бидат главни носители на образовната и научната дејност на факултетот. Иако материјалните и просторните услови за работа во тоа време биле прилично скромни, благодарение на несебичното залагање и квалитетот на тогашните професори, наставата не заостанувала битно зад земјите со постара традиција.
Природно-математичкиот оддел, созревајќи кадровски, материјално и просторно, во 1958 г. се оддели од Филозофскиот факултет, формирајќи посебен Природно-математички факултет. Во овој период, паралелно со брзиот економски развој на општеството во тоа време, дојде и до брз подем во развојот на Природно-математичкиот факултет. Тоа се гледа преку бројноста на настано-научниот кадар, бројот на насоките, научните публикации, годишните зборници на институтите, обогатувањето на библиотеките, научните усовршувања надвор од републиката итн. Реформските зафати во државата во тоа време имаа одраз и врз работата на Природно-математичкиот факултет, разделувајќи го извесен период на пет посебни факултети.
Меѓутоа, поврзаноста на природно-математичките дисциплини, рационалноста во работењето, како и многубројните општи заеднички интереси на тогашните факултети, во 1985 г. доведоа до повторна интеграција во Природно-математички факултет. Овој период е карактеристечен не само по реинтеграцијата, туку тоа е период карактеристичен за информатичкото општество, брзата компјутеризација и максималното користење на сите благодети што тоа ги пружа во интерес на развојот на научно-образовната дејност. Тоа е период на брза комуникација и проток на информации што ги носи времето, со голем број домашни и странски научноистражувачки проекти. Природно-математичкиот факултет денес е еден современ факултет. Повеќевековниот јаз што постоел со развиениот свет денес е премостен. Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, со примената на ЕКТ системот на студирање, станува дел од европските универзитети. Од 1985 година, Институтот за информатика повеќе од две децении егзистира како посебен институт, а од 2005 година тоа е случај и со Институтот за етнологија и антропологија.
Моментална состојба
Денес, Природно-математичкиот факултет брои 176 наставно-научни работници, кои, покрај наставата на матичниот факултет, изведуваат настава и на десетина други факултети на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, како и на други универзитети во државата. Факултетот има соработка со над 20 држави во светот. Големиот број објавени трудови во домашни и во странски научни списанија, големиот број домашни, странски и билатерални научноистражувачки проекти, учеството на голем број научни собири во земјата и во странство, големиот број учебници, книги, монографии, сами по себе кажуваат многу за активностите и за развојот на Природно-математичкиот факултет во изминатите 60 години.
Институти
Природно-математичкиот факултет денес е составен од седум институти и една сеизмолошка опсерваторија.
Надворешни врски