Џон Адамс Федералистичка партија
Томас Џеферсон Демократско-републиканска партија
Претседателски избори во САД, 1800 — четврти претседателски избори во САД. Започнале на 31 октомври и траеле до 3 декември 1800. Понекогаш се нарекуваат и „Револуцијата во 1800“.[1][2] Дотогашниот потпретседател Томас Џеферсон го победил дотогашниот претседател Џон Адамс.
Овие избори биле почеток на падот на Федералистичката партија, додека пак од друга страна започнал нов период на владеење на Демократско-републиканската партија. Ова било долго и горчливо повторување на изборите во 1796 помеѓу про-француските и про-децентралистичките демократски републиканци на чело со Џеферсон и Арон Бјур против про-британските и про-централистичките федералисти на чело со Адамс и Чарлс Пинкни. Главните политички прашања и ставови гравитирале околу последиците од француската револуција, како и спротивставување на данокот наметнат од страна на американскиот Конгрес со цел финансирање на мобилизација на новата армија и морнарица во квазивојна против Франција во 1798.
Додека демократските републиканци биле добро организирани на локално како и на ниво на сојузна држава, федералистите биле неорганизирани и претрпеле големи поделби помеѓу нивните водачи, претседателот Адамс и Александар Хамилтон. Трката со цел освојување на избирнички гласови како и кампањите на оцрнување од страна на двете партии ги направиле овие избори да бидат слични на современите.
Овие избори изложиле еден од недостатоците на првичниот Устав на САД. Членовите на избирачкиот колегиум имале овластување според првичниот устав да гласаат за две имиња на личности кандидати за претседател.
Двогласното избирачко ливче било создадено со цел да се зголеми можноста дека еден од кандидатите би добил гласови од мнозинството на избирачи на национално ниво, уставотворците не го предвиделе растот на организираните политички партии, што многу полесно би го направило добивањето на мнозинство на национално ниво.
Кандидатот кој добил најголем број на избирачки гласови станувал претседател, додека кандидатот со втор најголем број бил избран за потпретседател. Демократските републиканци планирале еден од избирачите да не го даде својот втор глас за Арон Бјур, со тоа што Џеферсон би добил еден избирачки глас повеќе од Бјур, притоа Џеферсон би бил избран за претседател, а Бјур за потпретседател. Сепак, овој план не бил соодветно извршен. Секој избирач кој гласал за Џеферсон исто така гласал и за Бјур, резултирајќи со изедначен број на избирачки гласови. Резултатот потоа бил ставен во рацете на Претставничкиот дом, кој по 35. гласови во кои Џеферсон и Бјур не успеале да добијат мнозинство, го избрале Џеферсон на 36. гласачко ливче.
Со цел исправање на недостатокот во првичниот воспоставен избирачки механизам во уставот, XII амандман, ратификуван во 1804 бил додаден во уставот на САД. Тој ги обврзувал избирачите да направат свој дискретен избор помеѓу нивното гласање за претседател и потпретседател.
Демократско-републиканска партија
Федералистичка партија
Извор[3]