Овие птици сочинуваат една од двата големи соја на врапчевидните птици, од кои другиот го чинат пискалките (Tyranni), кои се најразновидни во неотропите, но отсутни во многу краишта на светот. Пискалките имаат поедноставна гласилна мускулатура; иако нивното огласување е подеднакво сложено и изразено, истото има помеханички звук. Третиот помал сој го претставуваат новозеландските палчиња (Acanthisitti), од кои денес преостануваат само два вида.[3]
Постојат наоди дека песнопојните птици се појавиле пред 50 милиони години во оној дел на суперконтинентот Гондвана од кој подоцна се одвоиле Индија, Шри Ланка, Австралија, Нов Зеланд, Нова Гвинеја и Антарктикот, за потоа да се рашират низ целиот свет.[4]
Опис
Песната на овој клад е во основа територијална. Со неа птицата разгласува која е и каде се наоѓа, но и ја приопштува намерата за размножување. Половата селекција меѓу песнопојните во голема мера се заснова на способноста за подражавање. Најпривлечни се оние мажјаци со најголем репертоар на песни.[5] Ваквите огласувања се поинакви од повиците за тревога или воспоставување гласовни врски, кои се од особена важност за птиците што се хранат во јата и вршат заеднички преселби. Иако речиси сите постоечки птици имаат некакво огласување, добро развиените пејачки можности се присутни само кај песнопојките и уште некои соеви вон нив.
Другите птици (особено неврапчевидните) неретко се огласуваат за да ја зачуваат својата територија и да привлечат женки, но овие нивни песни се прости и повторливи, за разлика од разновидноста на песнопојките. Ваков пример е монотоното повторување на кукавицата или малата барска кокошка споредено со појот на славејчето или блатниот трскар. Сепак, тоа не значи дека сите песнопојни птици имаат милозвучен пој. На пример, враните (Corvidae) општат со гракање и врескање, кое е непријатно за човечкото уво. Некои пак, како лироопашките и потсмевалките имаат извонредна способност да ги повторуваат огласувањата на сите птици, па дури и на неприродните звуци од околината.[6][7]
↑Edwards, Scott V. and John Harshman. 2013. Passeriformes. Perching Birds, Passerine Birds. верз. 6 февруари 2013. http://tolweb.org/Passeriformes/15868/2013.02.06 in The Tree of Life Web Project, посет. 11 декември 2017 г.
↑Low, T. (2014). Where Song Began: Australia's Birds and How They Changed the World. Tyre: Penguin Australia.
↑Byers, Bruce E; Kroodsma, Donald E (2009). „Female mate choice and songbird song repertoires“. Animal Behaviour. 77 (1): 13–22. doi:10.1016/j.anbehav.2008.10.003.