Педагошкиот Факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ е основан во 1995 година. Првата генерација со четиригодишни студии се запиша во учебната 1995/96 година. Факултетот и неговата мисија почиваат на една долга традиција, започната со Климентовата просветителска дејност во неговата школа во Охрид, познат како прв Словенски универзитет, низ кој поминале околу 3500 ученици. Исто така, се продолжува традицијата на Вишата педагошка школа „Климент Охридски“- Скопје, која е отворена со Уредба на владата на Народна Република Македонија, во 1947 год. На почетокот во Вишата педагошка школа наставата се изведуваше на пет студиски групи. Со текот на времето се зголемува бројот на студиските групи, така што во 1952 год. се изведува настава на 13 студиски групи, меѓу кои се и студиските групи на албански и на турски јазик, а во 1953 год. бројот на студиските групи се зголемува на 17. Наредните години нивниот број се менува во зависност од интересот за студирање и од општествените потреби.
Вишата педагошка школа, согласно Законот за високошколските институции, од 1961 год., прераснува во Педагошка академија, на која покрај предметната настава се отвора и група за Одделенска настава. Од формирањето на Педагошката школа (1947) до започнувањето со работа на Педагошкиот факултет (1995), своето образование за наставници на македонски, на албански и на турски наставен јазик го оформиле 13000 студенти.
Денес Педагошкиот факултет „Св Климент Охридски“ е единица во рамките на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ – Скопје, и е модерна наставно-научна институција која ги следи современите достигнувања во научните дисциплини и методиките кои се релевантни за формирањето на професори по Одделенска настава и Предучилишно воспитание.
Постојано се работи на иновирање на програмите и подобрување на условите за работа. Имено факултетот започна да работи во учебната 1995/96 година според наставниот план и програма донесена од Матичната комисија за основање на Факултетот. Во учебната 2004/05 година започнавме да ги применуваме новите студиски и предметни програми според Европскиот кредит трансфер систем. Студиската програма е составена од задолжителни, изборни и факултативни предмети. Во овој период на реализација ние како професори заедно со нашите студенти, стекнавме определено искуство во сите сегменти на тој систем. Тековно правевме и некои промени во предметните програми. Учебната 2010/2011 година наставата започна да се реализира според новите програми кои се акредитирани од Одборот за акредитација.
Педагошкиот факултет својата наставно научна дејност ја остварува преку три наставно научни студиски групи (одделенија):
- Одделенска настава;
- Предучилишно воспитание;
- Библиотекарство.
Наставата на студиските групи за одделенска настава и за предучилишно воспитание се изведува на македонски, на албански и на турски наставен јазик. Во реализацијата на наставата, покрај професорите и асистентите од нашиот Факултет, учествуваат и професори од други факултети со кои имаме соработка.
Студиската група за библиотекарство започна со работа во учебната 2010/2011 година.
Од учебната 2010/2011 година, исто така, започна да се реализира и настава на втор циклус (последипломски студии). Наставата се изведува на македонски, на албански и на турски наставен јазик. Во тек се подготовки за отпочнување на втор циклус на студии по Библиотекарство.
Од учебната 2013/2014 година се реализираат студиските и предметните програми за прв и втор циклус кои се усогласени согласно измените од Законот за високото образование и се акредитирани од Одборот за акредитација, а од декември 2016 година, и докторски студии ( трет степен).
Факултетот остварува меѓународна соработка со повеќе факултети и асоцијации чиј предмет на интересирање е образованието. Организираме и учествуваме на повеќе меѓународни собири. Вклучени сме во меѓународни проекти. Покрај наставната дејност развиваме и научно истражувачка работа, преку истражувачки проекти посветени на образованието, како и проекти финансирани од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.[1]
Наводи
- ↑ „Историја на факултетот | Педагошки Факултет“. www.pfsko.ukim.edu.mk. Посетено на 2022-05-09.