Отворен Балкан[1] (српски: Отворени Балкан; албански: Ballkani i Hapur), претходно Мини Шенген зона (српски: Мали Шенген; македонски: Мини Шенген; албански: Shengeni i Vogël) — економска зона помеѓу Албанија, Македонија и Србија. Договорите, потпишани на Економскиот форум за регионална соработка во Скопје меѓу премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Македонија, Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ имаат за цел да обезбедат слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал во рамките на внатрешниот пазар и договор за соработка за заштита и спасување од катастрофи.
Историја
Идејата за Отворен Балкан (претходно позната како Мини Шенген зона) дојде во раните 90-ти.[се бара извор] Првично се споменува како еномоска зона помеѓу земјите на Балканскиот Полуостров. Плановите на крајот пак беа напуштени поради бомбардирањето на НАТО во Југославија во 1999 година, бунтот во Прешевската долина 1999-2001 година и конфликтот во Македонија во 2001 година. Првите знаци за Мини Шенген зоната се појавија во 2018 година,[се бара извор] но првично како идеја за подобрување на политичките односи меѓу земјите. Идејата ја претстави Рама во Берлин каде за тоа се разговараше со заинтересираните држави. Инаку, Рама ја презеде идејата од поранешниот премиер на Албанија, Фатос Нано.[2]
Плановите за зоната беа најавени на 10 октомври 2019 година во Нови Сад. Се одржаа две средби, една во Охрид на 11 ноември 2019 година и една во Драч на 12 декември 2019 година. Земјите се изјаснија да формираат унифициран пазар на 12 милиони луѓе до крајот на 2020 година. На 11 ноември 2019 година, на самитот во Охрид, претседателот на Србија и премиерите на Албанија и Македонија се согласија да создадат економска зона, што дополнително би ги подобрило политичките и економските односи и би ги зајакнала културните врски меѓу народите.[3]
Првата средба требаше да се одржи во јануари или февруари 2020 година во Белград. Меѓутоа, поради пандемијата со коронавирусот, таа беше одложена и потенцијалниот датум за нова средба во Белград беше закажан за на пролет или лето 2020 година.
Цел
Намерите на иницијативата се да се обезбедат поголеми можности за трговија, размена на студенти и поттикнување на интеграцијата на земјите за во ЕУ. На граѓаните од земјите членки ќе им треба само лична карта за да ги посетат другите земјите, заштедувајќи време на граничните премини.[4] Оваа економска зона има за цел и да ги подготви земјите да станат членки на Европската Унија.[5][6]
Стоката и капиталот меѓу земјите членки на Отворен Балкан би течеле побрзо и би се заштедиле повеќе од 30 милиони часа на граничните премини во земјите секоја година.
Потенцијални членки
Три потенцијални земји членки се Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Косово
На 4 септември 2020 година, Косово се согласи да се приклучи на Мини Шенген зоната како дел од договорите за економска нормализација меѓу Косово и Србија, но досега нема потпишано никаков договор со земјите основачи, дури и спротивставувајќи се на целата иницијатива.[7][8][9] Премиерот на Косово Албин Курти ја одбил поканата да учествува на самитот во Охрид кој се одржува од 7 до 8 јуни. Курти рече дека „Иицијативата Отворен Балка е штетна регионална иницнијатива без визија. Косово не сака да се приклучи, бидејќи Србија не ја третира како еднаква странна и независна држава“.[10]
Црна Гора
Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ изјави дека ја поддржува иницијативата „Отворен Балкан“.[11] Тој посочи дека „Иницијативата Отворен Балкан беше направена за шест земји. Не за пет и пол земји или три и пол земји, туку за шест земји. Сите што учествуваат се претставуваат себеси и својата земја, не знам кој сака да чека на граница, не зборувам само за туристите од Косово во Црна Гора, туку и за црногорските граѓани кои сакаат да одат во Србија, или каде било во регионот“.[12]
Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ е против иницијативата велејќи дека Отворениот Балкан започна во „момент на депресија“ поради очекуваното заминување на германската канцеларка Ангела Меркел и одбивањето на ЕУ да ги унапреди понудите за пристапување на балканските земји.[13]
Босна и Херцеговина
Претседавачот на Советот на министри на Босна и ХерцеговинаЗоран Тегелтија изрази лична поддршка за иницијативата.[14] Тој посочи и дека босанската деловна заедница и јавноста генерално ја поддржуваат иницијативата, но дека Босна и Херцеговина сè уште нема консензус за иницијативата од „политички причини“.[15]