Најмал етнолошки музеј на светот
Најмал етнолошки музеј на светот — назив на етнолошки музеј во с. Џепчиште, 5 км северозападно од Тетово, во подножјето на Шар Планина, во непосредна близина на манастирот Св. Богородица и црквата Св. Атанасиј. Музејот е под заштита на сите жители на Џепчиште, Македонци, Албанци, Турци и Роми. Најмалиот етнолошки музеј на светот е приватна сопственост на архитектот Симеон Златев-Моне. Во дворот на музејот секогаш има посетители.[1]
Особености
Првиот впечаток уште на самиот влез во дворот од куќата на Златеви е дека влегувате во вистински музеј. Убаво уредениот двор потсетува на лапидариум во кој се сместени неколку големи земјени питоси и ќупови кои некогаш служеле за складирање жито и за саламурење месо. Музејот ги задоволува сите стандарди за ваква институција. Има придружни содржини: простор за реставрација и евиденција на експонатите, депо и изложбена галерија. На излезот има и книга на впечатоци во која се потпишани неколку илјади посетители, меѓу кои и познати личности од нашиот јавен, културен и политички живот, дипломати и странски делегации. На влезот се вее знамето на Денови на европското културно наследство, во кои учествуваше и овој музеј. Музејот е со површина од само 7,2 квадратни метри и во овој простор се сместени 1.500 експонати хронолошки распоредени од 8. и 5. век п. н. е, до почетокот на минатиот век.
Експонати
Најмалиот експонат е гумена џамлија за гласање од првата половина на минатиот век, чиј попречен пресек е помал од еден сантиметар. Тоа е подарок од библиотекарот Војо Димиќ. Најголемиот е бакарна софра по потекло од Дојран, со пречник над еден метар. Најтешкиот ескпонат е рачна камена воденица за бунгур (специјално брашно за култни намени) тешка 58 кг. Влезот во музејот е бесплатен, а досега го имаат посетено над 7.000 посетители од земјава и странство.
Во почетокот на разгледувањето имате можност да се запознаете со стари книги и прибор за пишување кој се употребувал во минатото, со банкноти и монети кои низ вековите биле во употреба кај нас и во соседството, со предмети за чување пари, традиционален накит и други скапоцености. Тука се и автентични дипломи и еснафски сертификати на разни занаетчии од Тетовскиот регион кои сведочат за почетоците и развојот на мануфактурното производство во Западна Македонија. Понатаму, прикажани се археолошки предмети - фибули, прстени, апликации, алатки, орудија од раната антика до доцниот среден век, пронајдени како површински наоди на повеќе наоѓалишта. Голем дел од бакарните синии се искористени како "изложбени витрини" во кои е прикажан женски и машки накит: пафти, склопки, брошеви, прстени, крстови, обетки, висулци, ордени, медали... На витрините, густо се наредени предметите од порцелан и стакло и разни штембили и печати. Под малиот трем во дворот како посебна целина се прикажани предметите изработени од метал: бакар, железо, месинг и цинк. Изложените ѓумови, тепсии, ибрици, котлиња, синии, ѓезвиња, тасови, вазни, послужавници, легени... се со совршена изработка и најчесто украсени со релјефно исчукување на металот или со гравура во форма на геометриски и растителни орнаменти. Посебно го привлекоа вниманието неколку убави ковчези за чување облека. На едниот се гледа годината на изработка - 1814-та. Ковчегот потекнува од едно угледно трговско семејство во Тетово. Семејството имало свој караван од камили, па овој ковчег е изработен од кожата на камила која кога му отслужила на стопанот, 'завршила во ковчегот'". Посебен дел заземаат фотографиите кои се документи преку кои може да се согледа начинот на облекувањето, економскиот и историскиот развој и стилот на животот во минатото. На една од старите фотографии е мајката на Златев, снимена 1939 год. на Сесловенскиот бал кој се одржал во Скопје и на кој добила прва награда за комплетниот изглед и впечаток што го оставила кај присутните. Предметите кои служеле за подготовка на материјалот за ткаење се прикажани во посебна група. Покрај неколкуте видови фурки за предење, прикажани се макари и чекреци за намотување на предиво. Народните носии се прикажани со комплети на женски носии од Долни Полог. На крајот останува да се каже дека Моне за сите предмети прави музејска документација која е гаранција за стручна, правна и делотворна заштита на експонатите. Иако приватните колекционери кои имаат одделни збирки најчесто не прават документација за експонатите, со помош на неколку музејски стручњаци, обработени се околу 800 предмети и има отворена исто толку документаристички картони со фотографии и опис на предметите. Во моментов е пред оформување инвентарна книга, со што овој музеј, освен според малиот простор во кој е сместен, по ништо друго нема да се разликува од вистинските музеи.
Кандидат за Гинис
Македонија до крајот на оваа година треба да влезе во Гинисовата книга на рекорди со Најмалиот етнолошки музеј на светот. Британскиот амбасадор во Македонија, Роберт Чатертон Диксон, лично го посети Музејот и изврши „ревизија“, а британската кралица Елизабета Втора преку својот кабинет испрати писмо на поддршка до Музејот. Истовремено и ББС објави вест дека во македонското село Џепчиште близу Тетово се наоѓа најмалиот етнолошки музеј на светот. Најмалиот етнолошки музеј на светот конкурира во Гинисовата книга на рекорди и има огромни шанси да се најде во неа.
Галерија
Наводи
Надворешни врски