Мечување е боречка вештина во која два противника се борат со ладно оружје, кое го држат во рака и се обидуваат да го прободат (боцнат) противникот. На почетокот мечувањето било борбен систем, а не спорт. Во Европа постоела богата традиција на настава и нејзина апсорпција, за што сведочат десетици учебници по мечување, од кои најстарите се од 13 век. Освен целосно сочуваните книги за мечување, сочувани се и разни дела, слики и документи, за односот на средновековниот и ренесансен човек кон мечувањето.
Во 18/19век мечувањето станува вид спорт, кој е најприсутен и најбрзо се развива во Франција, Италија, Австроунгарија и Германија. Почетоците на официјалните меѓународни турнири во Европа се кон крајот на 19 век. Во 1896 година мечувањето е вклучено во програмата на Првите олимписки игри, чест која е укажана само на уште три спортски дисциплини.
Дисциплини во мечувањето
Во мечувањето постојат три основни дисцилини, кои се разликуваат по видот на оружјето кое се користи, по правилата за време на борбата т.е. делот од телото на противникот на кој се признава погодок или важечката површина. Трите дисциплини во мечувањето се: борба со флорет, борба со меч и борба со сабја.
Флорет е оружје со кое бод се добива исклучиво со убод и тоа само со врвот. Важечка површина за бод во мечувањето со флорет е исклучиво торзото на противникот, значи горниот дел од телото без рацете, вратот и главата. Флоретот е полесен од мечот, има помал заштитен гард и појако изразена еластичност.
Борбата ја води судија кој проценува кој мечувалец имал предност во напади или кој правилно го извел нападот и во случај на обостран важечки погодок, тој одлучува кому ќе даде бод.
Меч е најмасовно од трите оружја, а кај борбите со меч важечка површина за бод е целото тело на противникот и бод се добива со убод. Кај борбите со меч не постои истото правило како кај борбите со флорет и сабја односно во случај на обостран погодок, двајцата натпреварувачи добиваат бод.
Сабја е оружје со кое во борбите бод се добива со убод и сечење. Кај борбите со сабја важечка површина за бод е горниот дел од телото на противникот и важат истите правила за предност во напади како кај борбите со флорет.
Опрема за спортисти-мечувалци
Освен самото оружје, мечувалците се опремени со заштитна опрема како што е соодветно мечувалско одело, ракавица и маска. Освен тоа за флорет и сабја мечувалецот носи спроводник пластрон во облик на елек кај борбите со флорет или маица со долги ракави кај борбите со сабја, кои треба потполно да ја покриваат важечката површина. Исто така секој мечувалец има соодветни кабли, сбодови со оружјето и при убод во важечката површина се регистрира бод со палење на светилка.
Правила во спортот мечување и мечувалски натпревари
Мечувањето се одвива на патека широка од 1,5 до 2 метри и должина до 14 метри. Противниците користат оружје со пропишани одлики и пропишана заштитна опрема за целото тело. Целта, во зависност од видот на оружјето, е да се боцне противникот, но само во строго одреден дел од телото. Автоматски електричните системи регистрираат бодови, а правилното изведување го оценуваат судиите. Победник е мечувалецот кој прв ќе собере одреден број бодови.
Натпреварите можат да бидат поединечни или тимски.
Кај поединечните натпревари, во првиот круг натпреварувачите се делат во групи од по 5, 6 или 7 мечувалци и мечуваат секој против секого до 5 туша. Времетраењето на борбата е 3 минути.
Во вториот круг секој натпреварувач мечува против друг, кој го поминал првиот круг и тоа до 15 туша, а времетраењето на борбата е 9 минути.
Кај тимските натпревари, тимот е составен од 4 лица, од кои еден е резерва и може да влезе на местото на било кој друг од својот тим по определен редослед. Се мечува до 45 туша, на принцип секој против секого, т.е. се играат 9 борби.