Марк Закерберг

Марк Закерберг

Марк Елиот Закерберг (англиски: Mark Elliot Zuckerberg) (роден на 14 мај 1984) — американски информатичар, програмер и филантроп, најпознат по создавањето на друштвеното мрежно место Facebook, на која што воедно е извршен директор и претседател. Во 2004, била основана како приватна компанија од страна на Закерберг и неговите сокласници Дастин Московиц, Едуардо Сејверин и Крис Хјуз, додека биле студенти на Универзитетот Харвард. Во 2010, бил прогласен за Личност на годината од списанието Time.

Приватен живот

Закерберг е син на психијатар (Карен) и на заболекар (Едвард). Тој е роден во Вајт Плејнс, Њујорк. Марк и неговите три сестри: Ренди, Дона и Ариел пораснале во Добс Фери, Њујорк. Закерберг бил воспитуван како Евреин, вклучувајќи ја и неговата бармицва кога наполнил 13 години, иако оттогаш тој се изјаснувал како атеист. Закерберг во гимназијата Ardsley се истакнал по класична филологија, во последната година пред префрлањето во академијата Phillips Exeter, каде што освоил награди за природни науки (математика, астрономија и физика) и за Класични студии, (на молбата за факултет, Закерберг навел дека знае да чита и пишува на: француски, хебрејски, латински и старогрчки), а бил и капитен на екипата за мечување. На факултет, бил познат по рецитирањето на епски песни, како што е Илијадата. На забава, организирана од неговото братство во текот на неговата втора година како студент, Закерберг ја запознал Присила Чен која подоцна му станала девојка. Во септември 2010, кога станала студент по медицина, Чен се преселила во изнајмената куќа на Закерберг во Поло Алто. Закерберг го изучувал мандаринскиот и заедно со Присила се подготвувале за посетата на Кина, во декември 2010. Во 2010, Facebook, исто како Twitter бил блокиран од заштитниот ѕид на Интернетот на таа земја.

Закерберг(лево)со Роберт Скобл во 2008.
Закерберг со Роберт Скобл во 2008.

На својот Facebook профил, Закерберг како лични интереси ги навел: „отвореност, создавање на нешта кои ќе им помогнат на луѓето да се поврзат и да споделуваат на она што им е значајно, револуции, проток на информации, минимализам.“ Закерберг поради далтонизмот, најдобро ја гледал сината боја, која што е исто така доминантна боја на Facebook.

Програмер

Неговото детство

Уште во основно училиште, Закерберг започнал да работи со компјутерите и да пишува компјутерски програми. Во 1990-тите, татко му го подучувал за „Atari Basic Programming“, а подоцна го најмил програмерот Дејвид Њумен да му држи приватни часови. Њуман го нарекол „чудо од дете“, додавајќи дека било „тешко да се остане пред него“. Закерберг исто така добил диплома од курс за таа тема во Мерси Колеџ, близу неговиот дом додека сè уште бил во гимназија. Тој уживал во пишувањето компјутерски програми, особено за алатките за комуникација и за игричките. Откако успеале преку таква програма од нивниот дом да раководат со стоматолошката ординација на татко му, тој создал компјутерска програма која ја нарекол „ZuckNet“, и која им овозможила на сите компјутери околу куќата и околу стоматолошката ординација меѓусебно да комуницираат со свиркање. Таа се сметала за „примитивна“ верзија на Instant Messenger на AOL, којшто се појавил наредната година. Според изјавата на писателот Хосе Антонио Варгас, „некои деца играле компјутерски игрички, а Марк ги создал“. Закерберг самиот се присеќа на тој период: „Имав многу другари кои беа уметници. Тие ќе дојдеа кај мене, ќе нацртаа нешто, а јас ќе направев игра од тоа“. Сепак, забележува Варгас, Закерберг не бил типична „несмасна бубалица“, бидејќи подоцна станал капитен на неговата екипа за мечување во гимназијата и ја заслужил својата диплома за класична литература. Блискиот пријател на Закерберг, Шон Паркер, основачот на Napster, забележал дека тој бил „навистина заинтересиран за грчките одисеи и сите тие работи“, присеќајќи се на тоа кога цитирал стихови од латинската епска песна „Енеида“ од Вергилиј, во текот на една конференција за презентирање на Facebook. Во текот на средношколските години, под името на компанијата ИМГ, Закерберг создал плеер за музика, којшто го нарекол Synapse Media Player и којшто користел вештачка интелигенција за да ги научи навиките за слушање музика на корисникот, го објавил на Slashdot и добил средна котираност од PC Magazine. Мајкрософт и AOL се обиделе да го купат Synapse и да го вработат Закерберг, но наместо тоа тој избрал да се запише на Харвард во септември 2002.

Годините во Харвард

Кога Закерберг започнал со предавањата, тој веќе стекнал углед на „чудо од програмер“, - изјавува Варгас. Изучувал психологија и информатика и му припаѓал на еврејското братство Алфа Епсилон Пи. Во својата втора година на факултетот ја напишал програмата која ја нарекол КурсМеч и која што им овозможува на корисниците да ги групираат избраните одлуки кои се засноваат врз изборот на другите студенти и исто така да им помогне да основаат групи за учење. По кратко време, создал поразлична програма која што отпрвин ја нарекол Фејсмеш и која што им овозможува на студентите да ја изберат најубавата личност по сопствен избор. Според изјавата на тогашниот цимер на Закерберг, Арие Хасит, „тој ја создал страницата за забава“. Хасит објаснува: Имавме книги Face Books, во кои беа вклучени имињата и сликите на секојшто живееше во студентскиот дом. На почетокот, тој направи страница и стави две слики на двајца мажи и две жени. Посетителите на страницата мораа да изберат кој е „пожежок“, а според гласовите да има рангирање. Страницата се зголеми во текот на викендот, но до понеделникот утрото, Универзитетот ја прекина бидејќи нејзината популарност го преплавила опслужувачот на Харвард и ги спречила студените да пристапат кон мрежата. Згора на тоа, многумина студенти се пожалиле дека нивните фотографии биле искористени без нивна дозвола. Закерберг јавно се извинил, иако студентскиот весник објавил написи, изјавувајќи дека неговата страница била „сосема незаконска“. Сепак, во времето на „забавната“ страница на Закерберг, студентите веќе барале од Универзитетот да развие web-страница која ќе вклучи слични фотографии и подробности за контактите и која ќе биде дел од компјутерската мрежа на факултетот. Според Хасит, „Марк слушнал за овие молби и одлучил доколку веќе факилтетот ништо не прави, тој самиот да преземе нешто во врска со тоа, и создал страница која била дури подобра од она што Универзитетот го подготвувал“.

Facebook

Закерберг на Светскиот Економски Форум во 2009.
Закерберг на Светскиот Економски Форум во Давос, Швајцарија (Јануари 2009).

Основање и цели

Закерберг го промовирал Facebook на 4 февруари од својата соба во студентскиот дом. Рана инспирација можеби пронашол во приватната гимназија Phillips Exeter Academy, во која што матурирал во 2002. Со објавувањето на сопствениот адресар „PhotoAdressBook“ (некогаш познат како “E Book”), но којшто студентите го опишувале како „The Facebook“. Таквите адресари со фотографии, претставувале значаен дел од друштвеното искуство на студентот во многу приватни училишта. Во нив, студентите можеле да ги набројат особините, како што се: студентски години, нивната блискост со пријателите и нивните телефонски броеви. На факултетот, Facebook-от на Закерберг започнал едноставно како „Проектот на Харвард“, сè додека тој не се одлучил да го рашири во другите училишта, со помош на цимерот Дастин Московиц. Прво започнале во Стенфорд, Дартмут, Колумбија, Њујоршкиот универзитет, Корнел, Браун и Јејл, а потоа и во другите училишта коишто имале друштвени контакти со Харвард. Цукербер заедно со Московиц и некои пријатели се преселил во Пало Алто, Калифорнија. Тие изнајмиле малечка куќа, која им служела како канцеларија. За време на летото, Закерберг го запознал Питер Тајл којшто инвестирал во компанијата. Првата канцеларија ја добиле кон средината на 2004. Според Закерберг, групата планирала да се врати на Харвард, но конечно се одлучиле да останат во Калифорнија. Тие веќе ги одбиле големите корпорации за откупување на Facebook. Во едно интервју во 2007, Закерберг го образложил своето размислување: „Не е поради парите“. За мене и за моите колеги, најважното нешто е тоа што создадовме отворен проток на информациите за луѓето. Не ме привлекува помислата конгломератите да ги поседуваат малите корпорации. Тој ги повторил истите цели на списанието „Вајрд“ во 2010: „Она што навистина ми значи е мисијата, да го направам светот отворен“. Претходно во април 2009, Закерберг побарал помош за финансиските стратегии на Facebook од поранешниот финансиски директор на Нетскејп Питер Кари. На 21 јули 2010, Закерберг објавил дека компанијата достигнала до 500 милиони корисници. Како последица на феноменалниот пораст на Facebook, кога го прашале дали со рекламите би можел да заработи повеќе, тој објаснил: Претпоставувам би можеле... Доколку забележите, колку многу нашата страница е окупирана со реклами, во споредба со просечните прашања за пребарување. Просечното за нас изнесува помалку од 10 % на страниците, а просечното за пребарување изнесува околу 20 % окупирани со рекалми... Тоа е наједноставното нешто што би можеле да го направиме. Но, не сме такви. Ние заработуваме доволно пари. Значи, мислам дека ги одржуваме нештата со посакуваното темпо. Во 2010, Стивен Леви, автор на книгата Хакерите: Херои на компјутерската револуција, напишал дека Закерберг „ очиглдено самиот себеси се смета захакер.“ Закерберг изјавил дека: „е во ред да не ги почитуваш нештата, за да ги направиш подобри“.Facebook ги вовел „хакатоните “ кои се одржувале на секои шест до осум недели и во кои учесниците имале една ноќ за да замислат проект и да го завршат. Компанијата за време на хакатоните обезбедувала: музика, храна и пиво, а редовно присуствувале и многумина од членовите на персоналот на Facebook, вклучувајќи го и Закерберг. Закерберг му рекол на Леви дека, „Идејата е во можноста, за една ноќ да се создаде нешто навистина добро. А тоа сега е дел од личноста на Facebook... А сигурно е и во сржта на мојата личност“. Списанието Венити Фер го назначил Закерберг за број 1 на нивната список на Топ 100 „највлијателни луѓе во Ерата на информациите“. Закерберг се најде на 23-то место во листата Венити Фер 100 за 2009. Во 2010, Закерберг бил избран како 16-ти од 50 највлијателни личности во годишното истражување на Њу Стејтмен.

Wirehog

Еден месец по лансирањето на Facebook, во февруари 2004, Вејн Ченг ја создал i2hub, друга услуга наменета само за универзитетскиот комплекс. i2hub се фокусирал на тоа сите заеднички да ги користат податотеките. Во тоа време, i2hub и Facebook го привлекле вниманието на весниците и набрзина стекнале корисници и публицитет. Во август 2004, Закерберг, Ендрју МекКолам, Адам де Анџело и Шон Паркер лансирале конкурентска услуга за заедничко користење на податотеките, наречена Wirehog. Таа била претходник на апликациите за Facebook Platform. Нејзиниот коефициент бил слаб во спредба со оној на i2hub, па поради тоа, следното лето, Facebook конечно ја прекинал Wirehog.

Platform и Beacon

На 24 мај 2007, Закерберг ја објавил развојната платформа Facebook Platform, за програмерите да создаваат општествени апликации внатре во Facebook. За неколку недели, биле создадени многу апликации, од кои некои веќе имале милиони корисници. Развивачите во светот, кои создавале апликации за Facebook Platform се зголемиле на повеќе од 800000. На 23 јули 2008, Закерберг ја објавил Facebook Connect верзијата за корисници на Facebook Platform. На 6 ноември 2007, Закерберг го објавил новиот општествен систем за рекламирање Beacon, којшто им овозможувал на луѓето да ги споделуваат информациите засновани на пребарувањата на други страници со нивните пријатели од Facebook. На пример, продавачите на eBay би можеле автоматски да ги известуваат пријателите за она што го имаат на продажба, преку набројување на предметите на Новостите на Facebook. Програмата се нашла под критичко разгледување, поради загриженоста на групите и поединечните корисници за приватноста. Закерберг и Facebook не успеале брзо да реагираат, а на 5 декември 2007, Закерберг објавил на блогот на Facebook дека ја преземал одговорноста за загриженоста на корисниците во врска со Beacon и им понудил полесен начин да се повлечат од услугата.

Правни спорови

Судските постапки на „ConnectU“

Студентите на Харвард: Камерон Винклвос, Тајлер Винклвос и Дивја Нарендра го обвиниле Закерберг за намерно ги убедувал дека ќе им помогне да создадат општествена мрежа наречена HarvardConnection.com (подоцна наречена ConnectU). Во 2004, започнале судска постапка, но била прекината поради формалност на 28 март 2007. Набрзо потоа, постапката повторно била започната на федералниот суд во Бостон. Фејсбук поднел противтужба во однос на проектот Social Butterfly, спроведен од Винклвос-Ченг групацијата, наводното партнерство помеѓу ConnectU и i2hub. На 25 јуни 2008, случајот се разрешил и Facebook се согласил да префрли повеќе од 1,2 милиони заеднички акции и да ги исплати во готово 20 милиони долари. Во ноември 2007, тајни судски документи биле објавени на web-страницата на списанието 02138, кое што им служело на бившите студенти на Харвард. Во нив бил вклучен бројот на здравствената легитимација на Закерберг, домашната адреса на неговите родители и адресата на неговата девојка. Facebook поднел барање за отстранување на тие документи, но судијата пресудил во корист на 02138.

Пакистанската кривичната истрага

Во јуни 2010, Мухамед Азар Сидик, заменикот на Врховниот обвинител во Исламската Република Пакистан започнал кривична истрага против Закерберг и другите основачи на Facebook: Дастин Московиц и Крис Хјуз, откако на Facebook бил организиран натпреварот „Нацртај го Мухамед“. Истрагата исто така ја открила и анонимната Германка која го создала натпреварот. Сидик ја замолил државната полиција да контактира со Интерпол за да ги уапси Закерберг и другите тројца поради богохулење. На 19 мај 2010, web-страницата на Facebook била привремено блокирана во Пакистан, сè до крајот на мај кога натпреварот бил отстранет од Facebook. Сидик исто така го замолил нивниот претставник во Обединетите Нации да го покрене прашањето во Генералното Собрание на Обединетите Нации.

Пол Цеглија

На 30 јуни 2010, сопственикот на компанијата за енергетски бригети во округот Алегани во северниот дел на Њујорк, Пол Цеглија поднел тужба против Закерберг барајќи 84% од сопственоста на Facebook и паричен надоместок. Според изјавата на Цеглија, на 28 април 2003, тој потпишал договор со Закерберг во кој со почетна членарина од 1000 долари, од 1 јануари 2004, по завршувањето на мрежната страница, Цеглија имал право на 50 % од приходите на мрежната страница, како и на додатен 1% камата дневно при работењето. Тогаш Закерберг работел на други проекти, меѓу кои и на Facemash, претходникот на Facebook, но тој до 1 јануари 2004, не го пријавил името thefacebook.com. Управата на Facebook ја отфрлила тужбата како „сосема безначајна“. Претставникот на Facebook, Бери Шнит изјавил на новинар дека адвокатот на Цеглија безуспешно побарал спогодба надвор од судот. Во интервју за ABC World News, Закерберг изјавил дека никогаш не потпишал таков договор и дека бил убеден во тоа. Во тоа време, Закерберг работел за Цеглија како софтверски проектант на проектот „StreetFax“. Судијата Томас Браун издал забрана за финансиски префрлања поврзани со Facebook, додека не се донесе следната одлука. Како одговор на тоа, Facebook го префрлил случајот на федерален суд и побарале судската забрана на државата да биде поништена. Според Facebook, забраната немало да влијае на нивната работа, но им недостасувала правна основа.

Медиумски описи

Општествена мрежа

Филмот „Општествена мрежа“, кој се заснова на Закерберг и годините во кои е основан Facebook е издаден на 1 октомври 2010, со ѕвездата Џеси Ајзенберг во улога на Закерберг. Откако му било кажано на Закерберг за филмот, тој одговорил: „Единствено посакував, да не се сними филм за мене додека сум жив“. Исто така, откако сценариото за филмот било пуштено на Интернет и било очигледно дека филмот нема да го прикаже Закерберг во потполно добро светло, тој изјавил дека сакал да си создаде име на „добро момче“. „Општествена мрежа“ се заснова врз книгата „Случајни билионери“ на Бен Мецрих, која што издавачот некогаш ја опишал како „голема профитабилна забава“ наместо како „репортажа“. Сценаристот на филмот, Арон Соркин изјавил за списанието Њујорк: „Не сакам да бидам верен на вистината, сакам да има приказна“, додавајќи: „Што има толку посебно во тоа да се држиш само до вистината? Може ли таа да не биде присутна, а сепак да биде добро?“ Според сценариото на Соркин, Закерберг го создал Facebook за да го издигне својот углед, откако не успеал да влезе во некој од елитните клубови на Харвард. Сепак, Закерберг изјавил за „Њујоркер“ дека не бил заинтересиран за приклучување во клубовите.

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!