Конечки Езера (познати и како Конче 1 и Конче 3) — вештачки езера во Лакавичко, во југоисточниот дел на Македонија. Сместени се на 1 километар од селото Конче, административно седиште на истоимената општина, каде што и се наоѓаат самите езера. Зафаќаат вкупна површина од 45.716 м2, од кои поголемото зафаќа 24.412[1], а помалото 21.304 м2[2].
Езерата служат за наводнување на околу 10 до 15 хектариобработливи површини, а целосниот капацитет на акумулирана вода во двете езера изнесува 20 милиони м3, додека мрежата за наводнување задоволува 90 хектари површина.[3]
Езерата се создадени од околни извори, а истекот се користи исклучиво за наводнување и водата понира.
Историја
Акумулациите Конче 1 и Конче 3 се создадени во 1961 година во близина на истоименото село со основна намена за наводнување на земјоделските површини. Вкупната бруто-зафатнина на езерото изнесува 20 милиони м3, од кои корисната зафатнина изнесува 16 милиони м3. Максималната длабочина на езерата е 6 метри.[3]
Флора и фауна
Во двете акумулации се сретнуваат зелената, синозелената и пирофитната алга. Во двете езера присутни се следниве видови на риба: крап, плашица, клен, црвеноперка, лињак, караш и кркушка.[3]
Во акумулацијата се сретнуваат и: ракови, жаби, водни желки и водни змии.[3]
Туризам
Во текот на 2014 година, Општина Конче партерно ги уредила бреговите на езерата, со изградба на крајбрежни патеки, летниковци и средување на целата блиска околина.[4]