Класификацијата на чајниот лист меѓународно се означува со поимот Orange pekoe („оранжов пеко“) како класа на чај во рамките на класификациониот систем за сортирање на црн чај.[1][2] Системот се заснова изклучиво на големината на преработените и исушени листови црн чај.
Самиот поим Orange Pekoe го означува основната средна класа на црн чај од многубројни засебни цели листови со дадена големина. За вака да се класификуваат, црните чаеви треба да се земаат од нови тури, со пупки на крајните листови заедно со неколку најмлади листови. Класификацијата е исклучиво по големина на поединечните листови и тури, што се одредува по тоа дали можат да пројдат низ мрежи со специфична густина[3] од бр. 8 до бр. 30.[4] Овој параметар грубо ја одредува и целосноста, или степенот на дробење на секој лист, што е исто така дел од класификациониот систем. Иако системот на класификација не е индикатор за квалитет, големината на листовите најчесто игра важна улога во вкусот и бистрината на сварениот чај.[5] Црните чаеви од основната класа (Orange Pekoe) се мошне мирисливи, со силни цветни и овошни ароми, како и пријатна дрвенеста нота. Вкусот би требало да биде помалку нагорчлив (но без да собира уста) и со сладок повкус.
Во употребата вон контекст на чајната класификација, поимот Pekoe, или понекогаш Orange pekoe, означува неотворен краен лист или пупка (изданоци) кај чајните тури. Како такви, поимите „пупка и лист“ или „пупка и два листа“, се користат за означување на „лиснатоста“ на обраната тура, и истите често се заменуваат со пеко и лист, односно пеко и два листа.[6]
Кинеските пеко чаеви се класификуваат по различни квалитети, според тоа дали соседните млади листови (два, еден или ниеден) биле набрани заедно со пупките. Пеко со врвен квалитет се состои само од пупки. Пупките се берат само со заоблените врвови на прстите. Нокти и механички алати не се користат за да се избегнат оштетувања.
Кога се дроби за ставање во кесички, ваквиот чај се нарекува „здробен“ (broken), како во изразот „Broken Orange Pekoe“ (или „Broken Pekoe“, „BOP“), кој понекогаш се продава како рефус чај под намаление. Во кесички се пакуваат парченца (fannings) и прав (dust), што се честични остатоци добиени при сортирањето и дробењето.
Orange Pekoe често се скратува на „OP“. Во класификационата шема има и други категории за квалитет поголем од OP, што се одредува според целосноста и големината на листот.[3][7]
Листовите кои се здробени (Broken), во парченца (Fannings) и прав (Dust) имаат малку поинаква класификација. Листовите кои подлежат на т.н. „дробење, кинење и виткање“ (Crush, Tear, Curl или CTC) пак имаат трет систем.
Класите за цели листови на црн чај (во нагорен редослед) се: