Квинстаун (англиски: Queenstown) — одморалишно гратче во регионоѕ Отаго во југозападниот дел на Јужниот Остров на Нов Зеланд. Гратчето е живописно изградено околу протокот на езерото Вакатипу, долго езеро во облик на буквата „Ѕ“, и ужива спектакуларен поглед на околните планини.
Постојат разни образложенија за името на гратчето, од кои најпопуларно е дека некој локален трагач по злато извикал дека местото е „достојно на Кралицата Викторија“. Заради неговата популарност кај туристите поради разноликите активности, новозеланѓаните понекогаш го нарекуваат Квинстаун „Вегас крај езерото“.
Гратчето е најголемиот центар на Централно Отаго, но поради некои административни причини се смета за дел од регионот Саутленд. Според пописот од 2006 год, бројот на постојаното население на Квинстаун (вклучувајќи го Френктон и Келбин Хајтс) изнесува 10.416 жители.
Заедно со планината Руапеху, Квинстаун е најголемиот скијачки центар во Нов Зеланд, со голема посетеност на четирите главни терени од скијачи од земјата и ширум светот. Имињата на овие терени се (Кардрона, Коронетски врв, Инзвонредните и Троен корнет).
Друга причина зошто луѓето одат во Квинстаун е неговото реноме како центар за вино и храна. Блиското гратче Ероутаун има одлични ресторани и барови, а самиот Квинстаун се наоѓа близу до еден мал вински регион. Таму Пино ноар-от достигнува високи цени.
Квинстаун со „Инзвонредните“ планини и езерото во позадина
Сообраќај
Покрај аеродромот, до Квинстаун може да се дојде преку автопатот State Highway 6 кој го поврзува со Кромвел и Данидн на исток преку змијулестата и подложна на лизгање клисура Каварау, и на југ преку езерското крајбрежје до Ламзден и Инверкаргил. Постои и многу тежок пат преку планинскиот венец Краун Рејнџ кој води до скијачкиот терен Кардрона и до гратчето Ванака. Овој пат воедно претставува највисок јавен пат во земјата.
Клима
Квинстаун се одликува со алпска клима со зими со ведри сини неба и снежни планини. Летата се топли преку целиот ден со температури кои достигнуваат до 30 °C (2007/2008).