Катарина Бранковиќ (српски: Катарина Бранковићcode: sr is deprecated , грчки: Καταρίνα Μπράνκοβιτς; 1418/19–1492) била цељска грофица, жена на Улрих II и ќерка на српскиот деспот Ѓураѓ Бранковиќ и Јерина.
Животопис
Катарина се омажила на 20 април 1434 за цељскиот гроф Улрих II. Тоа било политички брак со намера да се осигура поддршката од запад на Српското Деспотство. Нејзината сестра Мара Бранковиќ била омажена за султанот Мурат II за да се осигура поддршката од исток. Катарина родила три деца Херман (†1451), Георг (†1441) и Елизабета (1441—1455). Папата Пиј II еднаш рекол дека Катарина е убава и поштена (лат. alioquin facie et moribus honestam). Го нарачала Вараждинскиот апостол, православна литургиска книга и најстар зачуван кириличен ракопис на територијата на денешна Хрватска.
По смртта на нејзиниот маж во Опсадата на Белград во 1456, Катарина се одрекла од сите свои поседи во денешна Словенија и Хрватска, освен Кршко, во замена за одреден годишен надомест од 2000 дукати, а во 1460 година ги продала сите свои поседи во Славонија на Фридрих III за 29000 златни гулдени. Ја пропатувала Италија, Крф, Дубровник и на крајот се вратила на теритооријата на Македонија кај својата сестра Мара, вдовица на султанот Мурат II. Заедно со својата сестра помогнале во склучување на Цариградскиот мир после Отоманско-венециската војна. За таа цел праќала делегати во Венеција помеѓу 1470 и 1472 година, и заедно со сестра ѝ ги водела венециските пратеници во Цариград. По смртта на сестра ѝ во 1487 година, ја презела грижата за светогорските манастири. Пред смртта се одрекла од своите поседи во Кршко во замена за годишен надомест. Умрела во 1491 во селото Конче, каде и била погребана во локалната црква посветена на Свети Стефан.
↑Brook, Lindsay L. (1989). „The Problematic Ascent of Eirene Kantakouzene Brankovič“. Studies in Genealogy and Family History in Tribute to Charles Evans on the Occasion of His Eightieth Birthday. Salt Lake City, Utah : Association for the Promotion of Scholarship in Genealogy. стр. 5.