Ерменска црковна архитектура — архитектонски стил што се развил во текот на изминатите 1.900 години, почнувајќи од апостолската ера на христијанството на Ерменската Висорамнина во текот на 1 век. Според професорот по ерменски студии Дикран Кујмџијан, овој архитектонски стил се појавил кон крајот на 6 или почетокот на 7 век, што го прави еден од првите национални стилови во христијанската архитектура.[1] Тој им претходи на другите значајни црковни архитектонски стилови како што се византискиот, романскиот, готскиот, како и помалку познатите етиопски, скандинавски и словенски стилови.[2]
Одлики
Првите ерменски цркви, изградени по наредба на Григориј Просветител, честопати биле градени над пагански храмови, одразувајќи некои елементи од ерменската претхристијанска архитектура.
Ерменските цркви се познати по неколку препознатливи обележја, меѓу кои се зашилените куполи кои личат на обликот на вулканскиот конус на Арарат. Овие стожести или полустожести радијално сегментирани куполи се наоѓаат на врвот на валчести тамбури (обично повеќеаголни однадвор, често осумаголни). Целокупната конструкција ја нагласува вертикалноста, при што висината често ја надминува должината на црквата. Овој вертикален нагласок е зајакнат со високи, тесни прозорци кои ја пропуштаат светлината.
Ерменските цркви се претежно направени од камен, често вулканска туфа или базалт, со камени засводени тавани. Композитен покрив од фино сечени травертински ќерамиди ја покрива конструкцијата. Ако има фрески и резби, тие обично се богато украсени, а меѓу украсите може да се видат виорни лози и лисја кои се користеле надвор од Ерменија уште од римско време. Широката употреба на високи структурни лакови ги потпира куполата, засводениот таван и вертикалните ѕидови.[3]
Класификација на традиционалните ерменски цркви
Во границите на горенаведените заеднички одлики, поединечните цркви покажуваат значителна разлики што може да го одразува времето, местото и досетливоста на нивните творци. Додека ги проучуваше овие разлики на почетокот на 20 век,Торос Тораманијан ги определил следните класични стилови: