Вниманието во јавноста го привлекол со својата прва драма Животинска приказна (The Zoo Story, 1958). Напишана во традицијата на францускиот Театар на апсурд, драмата премиерно е изведена во Берлин во 1959, како двојна претстава со бекетовата едночинка Последната лента на Крап.[2] Веќе следната година Животинска приказна е поставена во Гринич Вилиџ, при што е една од претставите кои ја основале алтернативната драмска сцена во Њујорк, која ќе стане позната под името Оф Бродвеј (Off Broadway).[1] Опсесивна тема во драмите на Олби е мрачната позадина на американскиот сон, со посебен фокус на мотивот на самозалажување и на идејата дека меѓусебното уништување ги зацврстува меѓучовечките односи. Ова е најочигледно во неговата најпозната драма Кој се плаши од Вирџинија Вулф? (Who's Afraid of Virginia Woolf? - 1962). Во центарот на овој драмски заплет е средовечен брачен пар. Универзитетскиот професор Џорџ и Марта која е ќерка на декан, понесени од алкохолот започнуваат вербална игра на меѓусебно ибвинување и злоставување, вовлекувајќи ги и своите гости во играта. Темната слика на брак на академски граѓани и употребата на пцовки во дијалозите предизвикале големо внимание и кај публиката и кај театарската критика. За овој текст ја добива наградата Тони за најдобра драма, но од друга страна жири комисијата му ја скратила Пулицеровата награда. Драмата е екранизирана во 1966 година во режија на Мајк Николс со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон во главните улоги.
И покрај комерцијалниот успех и успехот кај критиката со Кој се плаши од Вирџинија Вулф? Олби не сакал да се претвори во сопствена имитација ниту да го поддржува вкусот на публиката, туку продолжува да експериментира со формите и содржината во рамките на театарската уметност. Во неговата понатамошна кариера посебно се издвојуваат: драмите Деликатна рамнотежа (A Delicate Balance, 1966), мрачна драма за богата фамилија, во која членовите го изразуваат сопственото незадоволство во вербален конфликт, за што ја добива првата Пулицерова награда; потоа Крајбрежје (Seascape, 1974) црн хумор составен од злокобни медитации за Моногамија, еволуција и смртта, кои се водат во разговор на крајбрежје на океанот помеѓу брачен пар и пар антропоморфнигуштери (втора Пулицерова награда); Три високи жени (Three Tall Women, 1991) длабоко интимна драма заснована на односот на Олби со неговата мајка, односно жената која го има посвоено (трета Пулицерова награда) и драмата Коза или Која е Силвија? (The Goat, or Who Is Sylvia? 2002) симболична драма за маж кој се заљубува во коза (втора Тони награда за најдобра драма). Олби е познат и како писател на драмски адаптации на романи Појадок кај Тифани од Труман Капоте, Лолита на Владимир Набоков и приказните Балада за тажното кафеКарсон Макалерс. Во интервју за магазинот Тајм своето творештво го опишал со зборовите: Сите мои драми се за луѓе кои ја изгубиле контролата над својот живот, кои е предале млади, кои доаѓаат до крајот на својот живот жалејќи за работите кои не ги направиле... Сметам дека поголемиот дел од луѓето премногу време трошат живеејќи како никогаш да нема да умрат.[2]Функцијата на драмската уметност во интервју за Гардијан во 2004 година ја окарактеризирал на следниот начин: Сите драми, ако се барем малку добри, се напишани да го поправат човештвото. Тоа е работата на писателот - да држи огледало пред луѓето.[1]
Коза или која е Силвија во Македонија премиерно е изведена на 3 јули 2008 година од страна на Драмски театар Скопје во режија на Дино Мустафиќ. Мето Јовановски за улогата во оваа претстава ја има добиено наградата за најдобро глумечко остварување на фестивалот Ристо Шишков во 20018 година.
Животопис
Роден е 1928 година во Вашингтон, за само после две недели биде посвоен во државата Њујорк од страна на Рид Олби, богат сопственик на ланец водвили, и неговата сопруга Френсис. Едвард заминува од дома пред својата дваесетта година за подоцна да изјави „тие не беа добри како родители, а и јас не бев добар како син“. Бил проблематичен ученик кој двапати бил бркан од училиштата во кои учел, а вториот пат затоа што бегал од часови и одбивал да оди во црква.
Сепак, во понатаму во животот се посветил на промовирање на академскиот театар. Често држел предавања на универзитетите и бил почесен професор на Универзитет Хјустон од 1989 до 2003 година.
Последните децении од својот живот ги живее на Менхетен во стан полн со африкански скулптури и дела од модернистички сликари како Василиј Кандински, Едуар Вијар и Милтон Евери. 35 години живеел во врска со вајарот Џонатан Томас, кој починал од рак во 2005 година.[2]