Доналд Меклејн III (англ. Donald McLean III ; /məˈkleɪn/; роден на 2 октомври 1945)[1] ― американски кантавтор и гитарист; кај обожавателите познат како „Американски трубадур“ или „Крал на трејлот“.[2][3] Најпознат е по неговиот хит од 1971 година, „American Pie“. Оваа фолк-песна се смета за културна икона и е предмет на бројни анализи поради стиховите кои содржат алузии на рок музиката и политичките настани во САД.[4]
Живот и кариера
Роден е во Њу Рошел во сојузната држава Њујорк. Дедо му и татко му, кои исто така се викале Доналд Меклејн, имале шкотско потекло, а неговата мајка имала италијанско потекло. Меклејн детството го поминал во Њу Рошел, каде што како момче разнесувал весници.[5]
Во тинејџерските денови бил под музичко влијание на Френк Синатра и Бади Холи,[6] но Меклејн се заинтересирал и за фолк-музиката, а бил под особено влијание на снимката од the Weavers, The Weavers at Carnegie Hall. Во детството често отсуствувал од училиште поради астма. На 16-годишна возраст, ја купил неговата прва гитара и почнал да остварува контакти со луѓе од музичкиот бизнис. [7]
На 15 години, по смртта на татко му, Меклејн решил да го следи својот сон и да стане професионален музичар. Тој започнал да настапува по разни мали клубови низ Њујорк и Масачусетс. [7] Во текот на овие години, Меклејн добил инспирација од фолк музиката и музичари како Пит Сигер, со кого подоцна остварил професионална соработка.
Во 1969 година Меклејн напишал песни кои се појавиле на неговиот прв албум Tapestry.
Во 1971 година, Дон Меклејн го издал неговиот втор албум American Pie. Насловната песна од албумот „American Pie“ била делумно инспирирана од смртта на Бади Холи, Ричи Валенс и Џеј Пи Ричардсон во авионска несреќа во 1959 година, и од развојот на американската младинска култура во следната деценија. Песната го популаризирала изразот „ Денот кога умре музиката“ во врска со несреќата.
Песната била снимена на 26 мај 1971 година и била на прво место на Billboard Hot 100 од 15 јануари до 5 февруари 1972 година и до денес е најуспешното сингл-издание од Меклејн. Со вкупно времетраење од 8:36, опфаќајќи ги двете страни на синглот, таа била и најдолга песна која се искачила на прво место и го држела тој рекорд до 2021 година кога бил соборен со песната „All Too Well“ од Тејлор Свифт.[8]
Неговите други хит-синглови биле: „Vincent“ (посветена на животот и уметноста на Винсент ван Гог), „Dreidel“, „Castles in the Air", и „Wonderful Baby; како и неговите преработки на „Crying“ од Рој Орбисон и „Since I Don't Have You“ од Skyliners.
Неговата песна „And I Love You So“ ја снимиле Елвис Присли, Пери Комо, Хелен Реди, Глен Кембел и други. Во 2000 година, Мадона имала хит со преработката на „American Pie“.
Во февруари 2002 година, „American Pie“ била примена во Гремиевата куќа на славата.[9] Во 2004 година, Меклејн бил примен во Куќата на славата на текстописците. Во јануари 2018 година, BMI потврдила дека „American Pie“ достигнала пет милиони емитувања, а „Vincent“ три милиони.[10]
Меклејн добил ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд на 16 август 2021 година. На 22 ноември 2022 година, Меклејн бил примен во Куќата и музејот на славните музичари во Нешвил.
Дискографија
Tapestry (1970)
American Pie (1971)
Don McLean (1972)
Playin' Favorites (1973)
Homeless Brother (1974)
Prime Time (1977)
Chain Lightning (1978)
Believers (1981)
Love Tracks (1988)
For the Memories (1989)
Headroom (1991)
Christmas (1991)
The River of Love (1995)
Christmas Dreams (1997)
Sings Marty Robbins (2001)
You've Got to Share: Songs for Children (2003)
The Western Album (2003)
Rearview Mirror: An American Musical Journey (2005)