Големиот глад (1315—1317)

Од Апокалипсата во Biblia Pauperum илустрирана во Ерфурт во време на Големиот глад. Смртта (Mors) седи покрај лавот, чија долга опашка завршува во пламен (пеколот). Гладот покажува со прстот во својата гладна челуст.

Големиот глад (1315-1317) (или сè до 1322 година) - првата од серијата големи кризи што ја погодиле Европа во почетокот на 14 век. Големиот глад го зафатил поголемиот дел од Европа (на исток до Русија, на југ до Италија).[1] Милиони биле жртви на глад во долг период, завршувајќи го претходниот период на раст и просперитет од 11 до 13 век.[2] Започнало со лоши временски услови во 1315 година, а жетвата и родот потфрлиле и во 1316 година сè до летото 1317 година. Европа не закрепнала до 1322 година. Овој период бил обележан со многу криминал, болести, масовни смртни случаи, убиства и напуштање на деца и канибализам. За да се спасат, го убивале добитокот кој служел за влечење плугови. Го јаделе семето што требало да го посеат. Ги напуштале децата за сами да се прехранат. Постарите доброволно одбивале храна за да можат помладите да преживеат. Овие неволји имаа големи општествени последици за црквата, државата и општеството.

Вовед

Гладот во средниот век значел дека луѓето масовно умирале од глад. Гладовите периодично се појавувале во 14 век, во 1304, 1305, 1310, 1315-1317 (Големиот глад), 1330-1334, 1349-1351, 1358-1360, 1371, 1374-1375 и 1390 година.[3] Повеќето луѓе никогаш немале доволно храна за јадење, а нивниот живот бил релативно краток и суров. Според службените британски податоци, просечниот животен век во 1276 година бил 35,28 години.[3] Од 1301 до 1325 година, просечниот животен век бил 29,84 години,[3] а за време на Црната смрт (1348-1375) животниот век бил само 17,33 години.[3] Големиот глад бил ограничен на северна Европа, од Русија на исток до Ирска на запад и од Скандинавија на север до Алпите и Пиринеите на југ.

За време на средновековниот топол период (т.е. пред 1350 година ), населението во Европа се зголемило многу пати, така што на некои места ова ниво не било достигнато сè до 19 век. Некои делови на Франција денес се помалку населени отколку во 14 век. Меѓутоа, приносот на пченицата опаднал од 1280 година, т.е. опаднал бројот на добиени зрна во однос на бројот на засеани зрна. Оттогаш цените на храната постојано растеле. Во добрите години, односот на добиените и посеани зрна бил 7:1, а во лошите години 2:1. Денес односот е 30:1.[3]

Покрај сето тоа, настапило катастрофално лошо време во текот на средновековниот топол период, и тоа се совпаѓа со раздобјето на големиот глад. Помеѓу 1310 и 1330 година, северна Европа имала најлош период на лоши временски услови во средниот век, карактеризирани со сурови зими и дождливи, студени лета.

Неколку фактори заедно придонеле за големиот глад,

  • неспособноста на средновековните влади да управуваат со кризи,
  • огромниот раст на населението и
  • лошите временски услови.

Големиот глад

Европа во 1328 година

Во пролетта 1315 година паднале невообичаено обилни дождови во голем дел од Европа. Во текот на пролетта и летото, продолжило да врне, а температурите паднале. Житото не можело да успее. Немало ниту слама ниту сточна храна за стоката. Цените на храната почнале да растат. Во Англија, цените на храната се удвоиле од пролетта до средината на летото. Солта било единственото средство за зачувување на месото, но во влажни временски услови, солта не можела лесно да се добие со испарување.[4] Во Лорена, цените пораснале за 320 проценти. Само благородниците можеле да купат ограничена количина храна, која била во продажба. Бидејќи ималомногу население, почнале да јадат разни корени, растенија, билки, желади.

Гладот бил толку голем што на 10 август 1315 година, англискиот крал Едвард II не можел да најде храна за себе во една населба. Во пролетта 1316 година, дождот продолжил да паѓа во Европа, оставајќи го населението без резерви. Сите сегменти на општеството биле погодени, но најмногу селаните, кои сочинувале 95% од населението.

За да се спасат го убивале добитокот кој се користел за влечење плугови. Го јаделе семето што требало да го посеат. Ги напуштале децата, за самите да се прехранат (Ивица и Марица). Постарите доброволно одбивале храна, за да можат помладите да преживеат. Хроничарите од тоа време пишувале за многу случаи на канибализам.

Гладот достигнал врв во 1317 година, бидејќи продолжило влажното време. Конечно летото во 1317 година било нормално. Дотогаш луѓето беа ослабени од пневмонија, бронхитис, туберкулоза и други болести. Повеќето семиња за сеење биле изедени, така што дури во 1325 година производството на храна се вратило на нормално ниво. Историчарите проценуваат дека настрадало помеѓу 10% и 25% од населението во многу градови и населби.

Последици

Гладот е наречен „големиот глад“, не само поради бројот на луѓе кои починале од глад, или поради големата географска област, или времетраењето, туку и поради големите последици.

  • Црквата прва ги почувствувала последиците, бидејќи се покажало дека молитвите не помагаат, па тоа значително го намалил авторитетот на католичката црква во Европа. Ова ги поставило темелите за подоцнежните движења, кои црквата ги прогласила за еретички .
  • Друга последица било зголемувањето на криминалот. Во средновековна Европа, силувањето и убиствата биле почести отколку во денешните општества. Кога настапил гладот, многу луѓе кои не беа склони да го сторат тоа, се оддале на криминал. Тргнале по патот на криминалот за да се нахранат. Ова оставило последици по гладот, така што имало многу повеќе насилство. Се променил и начинот на водење војна. Дошло доСтогодишната војна.
  • Третата последица била што станало јасно дека средновековните влади не знаат како да управуваат со кризи. Како што црквата и молитвата не помогнале, така не помагале ни световните власти, што ги разнишало нивната моќ и авторитет.
  • Големиот глад бил пресвртница, која го означила крајот на периодот на голем раст на населението, период кој започнал околу 1050 година.

Наводи

  1. Lucas, Henry S. (October 1930). „The great European Famine of 1315, 1316, 1317“. Speculum. 5 (4): 343–377. doi:10.2307/2848143. JSTOR 2848143. S2CID 161705685.
  2. W. Mark Ormrod (2008). „England: Edward II and Edward III“. Во Michael Jones (уред.). The New Cambridge Medieval History. 6. Cambridge University Press. стр. 273.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Ruiz, Teofilo F. (January 1, 1996). Medieval Europe: Crisis and Renewal. An Age of Crisis: Hunger. The Teaching Company. ISBN 978-1-56585-710-0.
  4. „Famine of 1315“. Medieval Sourcebook. Fordham University. Архивирано од изворникот 26 August 2011. Посетено на 1 November 2010.

Литература

  • Aberth, John (2000). From the Brink of the Apocalypse: Confronting Famine, Plague, War and Death In the Later Middle Ages. Psychology Press. ISBN 978-0-415-92715-4. - Chapter 1, dealing with the Great Famine, is available online.
  • A.R. Bridbury, "Before the Black Death", Economic History Review, 30 (1977). Available online from JSTOR.
  • B.M.S. Campbell, ed. Before the Black Death. ISBN 978-0-7190-3927-0.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  • Jordan, William C. (1996). The Great Famine: Northern Europe in the Early Fourteenth Century. Princeton University Press. ISBN 978-0-691-05891-7. The first book on the subject, it is the most comprehensive treatment.
  • I. Kershaw, "The Great Famine", Past and Present, 59 (1973). Available online from JSTOR. Second most widely cited article.
  • Henry S. Lucas, "The great European Famine of 1315–7", Speculum, Vol. 5, No. 4. (Oct., 1930). стр. 343–377. Available online from JSTOR. The first (in English) and most widely cited article on the Great Famine.

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!