Германска заедница во Белгија (германски: Deutschsprachige Gemeinschaft Belgiens, DG; француски: Communauté germanophone de Belgique; холандски: Duitstalige Gemeenschap van België) или Источна Белгија[2] (германски: Ostbelgien; француски: Belgique de l'est; холандски: Oost-België) — една од трите сојузни заедници на Белгија.[3] Зафаќа површина од 854 км2 во рамки на покраината Лиеж (германски: Lüttich) во Валонија, опфаќајќи девет од единаесетте општини на Ојпен-Малмеди. Традиционално се користат повеќе различни дијалекти, меѓу кои мозелфранконски. Населението во заедницата изнесува околу 78.000 жители, околу 7% од покраината Лиеж и околу 0,7% од вкупното население на Белгија.[1]
Заедницата се граничи со Холандија, Германија и Луксембург и поседува свое собрание и влада во Ојпен. Германската заедница во Белгија е составено од германските говорни подрачја на територијата која била припоена од Германија во 1920 година. Дополнително, во денешна Белгија има и други области каде германскиот се говори (разликата помеѓу германскиот, холандскиот, луксембуршкиот и лимбуршкиот е многу мала) кои припаѓале на Белгија и пред 1920 година, но моментално службено не се дел од германската заедница во Белгија: Блајберг-Велкенрат-Бален во североисточниот дел на покраината Лиеж и Арелерланд (градот Арлон и некои од неговите околни села во југоисточната покраина Луксембург). Меѓутоа, во овие области, германскиот јазик е во опаѓање поради растот на францускиот.[4]