Вилијам С. Бароуз (англиски: William Seward Burroughs; 5 февруари 1914, Сент Луис — 2 август 1997) — американски писател.
Биографија
Вилијам С. Бароуз е роден на 5 февруари 1914 година во Сент Луис, во семејството на основачот на едно од најголемите американски индустриски претпријатија. Тој бил потомок на славниот генерал од Граѓанската војна, Роберт И. Ли. Како дете, страдал од ноќни кошмари, параноичен страв и халуцинации, кои продолжиле да го мачат и за време на студиите по англиска книжевност на Универзитетот Харвард, каде бил познат како чудак кој не сака да се вклопи во општественото клише. Дипломирал во 1939 година, а пред почетокот на Втората светска војна патувал низ Европа. Тој не учествувал во војната, а од регрутацијата се спасил користејќи го „Ван Гоговиот трик“, односно отсекувајќи си го прстот. На возраст од 44 години почнал да зема дрога и така влегол во средината на криминалците, препродавачите и наркоманите.[1]
Творештво
Своето прво книжевно дело, „Автобиографија на волкот“, Бароуз го напишал во средношколските денови. Според неговите сеќавања, читателите на тој состав му забележале дека насловот треба да гласи биографија, но тој одговорил: „Не, мислев на автобиографија, и сè уште мислам така.“ Пресвртна точка во неговиот книжевен развој претставува дружењето со поетите и писателите од „бит“-генерацијата. Во 1946 година, во Њујорк, се запознал со Џек Керуак, Ален Гинсберг, Кесиди, Холмс и другите претставници на ова книжевно движење на кои им бил книжевен ментор, духовен учител и водач. Оттука, многу ликови во делата на Керуак се инспирирани од Бароуз, а нему му е посветена славната поема на Гинсберг „Крик“. Иако долго време другарувал со битниците, творештвото на Бароуз значително се разликува од нив. За разлика од исповедниот и често патетичен тон на „спонтаната проза“ на Керуак и витмановската поезија на Гинсберг, прозата на Бароуз претставува остра и радикална сатира од свифтовски тип во која згрозувањето над овој свет навлегува во агресивните предели на опсценото и скарадното. Меѓутоа, Бароуз не е критичар на еден општествен систем, туку според него, секое општество и секоја држава, порано или подоцна, стануваат пуритански и авторитарни, а секоја власт заболува од канцерот на бирократијата. Оттука, тој е критичар на цивилизацијата и на рационалното мислење врз кое почива таа. Според него, во 20 век, цивилизацијата се искомпромитирала со својата неспособност да ги реши суптилните прашања на човековиот духовен живот и да ја заштити слободата на човекот. Според Бароуз, современиот човек е производ на масовните медиуми, способен само за две насоки во развојот: или да се претвори во неорганска материја (машина) или ентрописки да се врати во пониските облици на животот.[2]
Бароуз дебитирал на книжевната сцена во 1953 година, со романот „Џанки“ (Junky) во која ја поставил теоријата на „фактичката проза“ (factualism), односно раскажување во кое се редат фактите без никаков авторски коментар, морализирање или филозофски слики. Сепак, подоцна, неговиот стил на пишување се променил, а тоа се гледа во неговиот роман „Гол ручек“ (Naked lunch) од 1959 година, кој се одликува со калеидоскопска композиција, со нелинеарна логика и со употреба на семантиката на произволните знаци со која се запознал во 1939 година на семинарот на Алфред Корзубски во Чикаго. Останати негови позначајни дела се: „Нежната машина“ (The Soft machine, 1961), „Истребувачот“ (The exterminator, 1960), „За неколку минути“ (Minutes to go, 1960), „Билетот што експлодира“ (The ticket that exploded, 1962), „Говорот на мртвите прсти“ (Dead fingers talk, 1963), „Нова Експрес“ (Nova Express, 1964), „Работа“ (The job, 1970), „Дивите момци“ (The wild boys, 1972) и „Истребувач!“ (Exterminator!, 1973). Во нив, тој ја проширува својата митологија и ги воведува елементите на „доброто“ и борбата против злото, а новиот метод за лекување на вирусот на злото го наоѓа во борбата за ирационалните облици на комуникација и во дадаистичките колажи кои на зборовите им го одземаат даденото значење. За Бароуз, логичките реченици се мостови преку кои непријателот (масовните медиуми, технократијата, политичките партии) ќе ја окупираат нашата територија и затоа тие треба да се урнат и царството на зборовите да се замени со царството на тишината. Притоа, негов слоган е мислата на американскиот сликар Брајан Гузен, искажана во интервјуто за списанието „Ролинг стоун“: „Постојат и други начини на комуницирање, а за да ги пронајдеме, треба најпрвин да го зибришеме зборот. Ако сето ова настанало од зборот, во ред, и ако ова што е создадено не ни се допаѓа, а не ни се допаѓа, тогаш да навлеземе во самата срж на нештата и да ја промениме нејзината суштина.“[3]
Иако бил дел од наркоманската средина, Бароуз отсекогаш бил способен да се дистанцира и да заземе критички став кон неа. Сепак, дури и кога зазел истакнато место во американската книжевност, тој не го напуштил светот на обесправените, туку останал на страната на хомосексуалците, наркоманите и душевните болни.[4]
Значење и влијание
Британската рок-џез група Софт машин (англиски: Soft Machine), основана во 1966 година, е наречена според истоимениот роман на Бароуз.[5]
Наводи
- ↑ „Pogovor“, во: Vilijem S. Barouz, Goli ručak. Beograd: Prosveta, 1986, стр, 213.
- ↑ „Pogovor“, во: Vilijem S. Barouz, Goli ručak. Beograd: Prosveta, 1986, стр, 213-214.
- ↑ „Pogovor“, во: Vilijem S. Barouz, Goli ručak. Beograd: Prosveta, 1986, стр, 214-217.
- ↑ „Pogovor“, во: Vilijem S. Barouz, Goli ručak. Beograd: Prosveta, 1986, стр, 213.
- ↑ Soft Machine (пристапено на 19.4.2024)