Бакарно време, бакарна доба или енеолит — историско раздобје кое го опфаќа периодот од 4.500 до 2000 г. п.н.е.
Првите сознанија за овој период, археолошките ископувања и истражувања во Република Македонија, биле извршени пред повеќе од педесетина години. Тогаш за првпат е констатирана бакарновремеската населба на Скопското Кале, неколкуте во Пелагонија, како: Шуплевец, Бакарно Гумно, Црнобуки, Висок Рид, Горни Висои, Крушеанска Чука, Тумба-Карамани. Во охридско-преспанскиот регион се регистрирани две населби: Устие на Дрим и „Црквени Ливади“. Во поново време во Кумановско, констатирана е бакарновремеска населба на Костоперска Карпа, "Жеглиговски Камен", во скопско "Врањак", во делчевско "Градиште" кај с. Град, а во кочанско "Пилаво".
Археолозите се согласни регионалната културна група во Македонија да ја наречат Шуплевец-Бакарно Гумно, која што хронолошки се вклопува во пошироки територијални рамки, во културниот комплекс Бубањ-Салкуца-Криводол.
Од сите наведени наоѓалишта претставени се 160 експонати движен археолошки материјал во салите на Музејот на Македонија. Тоа се разновидни керамички садови, алатки изработени од бакар, коска, камен, кремен, глинени тегови и прешлени, амајлии, накит од школки, зооморфни и антропоморфни фигурини, пинтадери и друго. Документацијата и преостанатиот материјал се чуваат во Музејот.
За бакарното време во Македонија објавени се повеќе статии во наши и странски стручни списанија, а основните податоци може да се добијат од Археолошката карта на Македонија бр. 1 и бр. 2.