Анри (со полно име: Анри Албер Габриел Феликс Мари Гијом; француски: Henri Albert Gabriel Félix Marie Guillaume,[2] роден на 16 април 1955 година) е голем војвода од Луксембург. На престолот дошол на 7 октомври 2000 година. Анри, најстар син од големиот војвода Жан и принцезата Жозефина-Шарлот од Белгија. Тој е прв братучед на белгискиот крал Филип. Во 2019 година, вкупното богатство на Анри било проценето на околу 4 милијарди американски долари.[3]
Принцот Анри е роден на 16 април 1955 година во замокот Бецдорф во Луксембург како второ дете и прв син на престолонаследникот големиот војвода Жан од Луксембург и неговата сопруга, принцезата Жозефин-Шарлот од Белгија. Неговиот татко бил најстар син на големата војвотка Шарлот од Луксембург од нејзиниот сопруг, принцот Феликс од Бурбон-Парма. Неговата мајка била единствена ќерка на белгискиот крал Леополд III со неговата прва сопруга, принцезата Астрид од Шведска.
На 12 ноември 1964 година, кога Анри имал девет години, неговата баба абдицирала, а неговиот татко станал голем војвода. На 14 април 1973 година, големиот војвода одлучил дека „Анри ќе се смета станал полнолетен на 16 април 1973 година, датумот на кој ќе наполни осумнаесет години“ и „дека неговото кралско височеството принцот Анри како наследник на круната на Големото Војводство Луксембург и на Трустот на Големото Војводство ќе ја носи титулата наследен голем војвода од Луксембург, престолонаследник од Насау, бурбонски принц од Парма. [4]
Анри своето средно образование го стекнал во Луксембург, а потоа студирал во Франција, каде што дипломирал во 1974 година. Во 1975 година дипломирал на Кралската воена академија Сандхерст во Велика Британија. Потоа студирал на Универзитетот во Женева, каде што дипломирал политички науки во 1980 година. Студирал во САД. Има почесен докторат по хуманистички науки од Универзитетот „Сакрад Харт“, Конектикат, САД и е почесен доктор на правни науки од Универзитетот во Мајами. Тој, исто така, има почесен докторат по економија од Универзитетот Кон Каен, Тајланд, и почесен докторат по политички науки од Универзитетот во Трир, Германија. Во моментов, носител е на две воени титули - генерал на армијата на Луксембург и почесен мајор на британскиот падобрански полк (од 1989 година).
Принцот Анри станал наследник на луксембуршкиот престол на 12 ноември 1964 година, по абдицирањето на неговата баба по татко, големата војвотка Шарлот од Луксембург. Од 1980 до 1998 година бил член на Државниот совет.
На 4 март 1998 година, татко му, големиот војвода Жан, го назначил за поручник со што Анри ги презел повеќето од уставните овластувања на неговиот татко. На 7 октомври 2000 година, по абдицирањето на неговиот татко, Анри станал Голем војвода од Луксембург и истиот ден положил уставна заклетва пред Домот на пратеници.
Додека студирал во Женева, Анри ја запознал Марија Тереза Местре и Батиста, родена во Куба, која исто така била студентка по политички науки. Се венчале во Луксембург на 4 февруари 1981 година. Тие имаат пет деца: