Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), порано Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК) — поранешна владина дирекција во рамките на Министерството за внатрешни работи која ги извршувала работите на системот на државната безбедност.[3]
Системот на државна безбедност се работи кои се однесуваат за заштита од шпионажа, тероризам или други активности насочени кон загрозување или уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Македонија со насилни средства, како и заштита од потешки форми на организиран криминал.[3]
Последен директор бил Горан Николовски, кој стапил на функцијата во јуни 2017 година, наследувајќи го Владимир Атанасовски.
Во 2019 Управата за безбедност и контраразузнавање е трансформирана во новата Агенција за национална безбедност.
Корени
На 13 мај 1944 година, во Дрвар, е формирано Одделение за заштита на народот (ОЗНА), како единствена служба за безбедност во тогашна Југославија. Упатството за организација и работа на ОЗНА ја утврдува разузнавачката и контраразузнавачката заштита на вооружените сили и институции на НОБ (1941-1945) и борбата против балистичките и терористички банди.[3]
Набргу потоа, Одделенија за заштита на народот се формирани за сите републики во состав на федерална Југославија. Во Македонија, ОЗНА е формирана во јули 1944 година во селото Рамно, Кумановско. Во состав на Министерството за одбрана, ОЗНА постоела до 31.01.1946 година, кога со сите свои надлежности преминува во Министерството за внатрешни работи. Со тоа доаѓа до нејзина реорганизација и создавање на Управа за државна безбедност (УДБА). Со разузнавачката и контаразузнавачката активност УДБА ја заштитува територијата на ФНРЈ, открива илегални организации и групи, се справува со бандитизмот и остатоците од квислиншки формации и тешки форми на стопански криминал.[3]
Во 1966 година се поставени темелите на Службата за државна безбедност (СДБ) која открива и попречува дејности насочени кон поткопување или уривање на поредокот утврден со Уставот и загрозување на безбедноста на земјата.[3]
По осамостојувањето на Република Македонија, во рамките на Министерството за внатрешни работи,СДБ продолжува да ги остварува задачите утврдени со Уставот и Законите на Република Македонија.[3]
Во 1995 година, со реорганизација на органите на управата, СДБ се преименува во Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК) а со измена на Законот за организација и работа на државната управа, во 2000 година, ДБК се преструктуира во Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) задржувајќи ги работите сврзани со системот на државната безбедност.
Организација
Со Управата раководи директор кој е самостоен во извршувањето на работите на Управата, а за својата работа му одговара на министерот за внатрешни работи и Владата на Република Македонија кои воедно и го именуваат за време од четири години.
На предлог од директорот на Управата, министерот донесува акти за организација и работа и за систематизација на работните места на Управата. Во вршењето на работите од својата надлежност, работниците на Управата имаат право да собираат податоци, известувања и информации од граѓани, органи, претпријатија и други правни лица кои се должни да им овозможат уредно вршење на работите.
Поврзано
Наводи
Надворешни врски